Ohrid.gov.mk

ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ОХРИДСКИ РАСКАЖУВАЧИ“

Во рамки на традиционалната културна манифестација „Прличеви Беседи“ денес напладне во големата сала на Општина Охрид се одржа промоција на книгата  „Охридски раскажувачи“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. На настанот присуствуваше и градоначалникот  Кирил Пецаков кој во своето обраќање истакна   – Возвишено е чувството да се присуствува на чествувањата  посветени на еден од најмаркантните македонски книжевници на сите времиња големиот  Григор Прличев или вториот Хомер како што  го нарекува светската стручна фела. Тој е отворена тема и, секогаш длабоко инспиративен  и благороден за творечка креација  и јас верувам дека нема  книжевник   кој не посакал  да ја  одгатне суштината  и  да ја покаже  вредноста на  безвременската поема „Сердарот “ и   останатите дела од  неговиот богат   книжевен  опус. А времето покажало дека во редот на  книжевните творци  кои секоја година  го дополнуваат мозаикот за  големиот Прличев се ценетите професори Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. Искрено им се заблагодарувам  што на околу 300 страни  го  креираа  својот најнов труд „Охридски раскажувачи“ чиј издавач е Oпштина Охрид, а кој денес го промовираме.  Во него е  прикажана раскажувачката страст на многу охридски великани, меѓу кои, Кузман Шапкарев, Живко Чинго, Ефтим Спространов, Видое Видически и  многу други  кои  на нашиот македонски јазик ја  оспособија мислата да се развива слободно, онака како што сакаше   големиот  Прличев. По својата содржина, книгата  „Охридски раскажувачи“ е  алка   помеѓу сегашноста и минатото, еден светол пример  дека многу охридски раскажувачи  тргнале по стапките на   Прличев кој во секоја прилика и секаде говорел на мајчиниот охридски дијалект кој совршено го познавал и владеел. Зошто за него многу  побитно било да го зборува охридскиот дијалект кој видно се разликувал од бугарскиот јазик.    Преку промоции на вакви книги  значително придонесуваме  за зачувување и промовирање на ликот и делото на Григор Прличев. Ваквите настани се израз на длабока почит  кон животот и делото на Прличев  и даваат јасна порака  до идните генерации за негување на традицијата и своите корени.  Со организирање и поддршка на ваквите настани Локалната самоуправа покажува дека е определена и во иднина да продолжи да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на културните вредности на Охрид – рече градоначалникот Пецаков. Промотор на книгата беше м-р Перчо Божиновски.     Претходно делегација  на Општина Охрид предводена од  претседателот на Советот, Сашо Донев положи свежо цвеќе пред споменикот на ООУ „Григор Прличев“ коешто денес го одбележува  својот патрон празник.              

ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА ВОДНИТЕ ЖИВЕАЛИШТА

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков беше дел од настанот „Кон  подобро управување со Охридското Езеро, Студенчишко Блато и Белчишко Блато“ што денес се одржа преку Zoom платформа, а по повод одбележување на  2 февруари – Светски ден  на водните живеалишта. Во своето поздравно обраќање градоначалникот Пецаков истакна:   – Дозволете да го изразам моето задоволство и благодарност за поканата за учество  на одбележувањето на Светскиот ден на водните живеалишта. Општина Охрид и општина Дебрца се вистинскиот избор за одбележување на овој значаен ден од екологијата, со оглед на тоа дека го споделуваме Охридското Езеро кое е е извонреден природен феномен кој е прибежиште за бројни ендемски и реликтни слатководни видови флора и фауна како и најголем воден басен на питка вода во југоисточниот дел на Европа. Исто така на територијата на општина Охрид се наоѓа Студенчишко Блато кое во минатото  со многубројни канали било поврзано со Охридското Езеро. Секоја промена на нивото на водата од езерото директно влијаела и на блатото, а тоа и ден денес преставува витален и нераскинлив дел на Охридското Езеро. Во регионот на  општина Дебрца егзистира и Белчишко Блато .Наша обврска и цел е да придонесеме кон подобро управување со погоре споменатите природни ресурси кои се од непроценливо значење за регионот, а секако и за нашата држава што е препознаено од страна на МЖСПП. Изразувам благодарност до сите учесници на денешното одбележување на светскиот ден на водните живеалишта, Ви посакувам успешна работа со надеж дека ова одбележување ќе стане традиционален настан – подвлече Пецаков. На настанот   учествуваа и  Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески  како и  претставници од невладини и граѓански организации. За Слатководните  живеалишта – значење, закани и мерки за заштита говореше  Д-р Орхидеја Тасевска, научен советник и директор на ЈНУ Хидробиолошки Институт-  Охрид . На случувањето Ѓоко Зороски и Даниел Богнер, консултант за биодиверзитет и градење капацитети  ги презентираа   најважните наоди од студијата за валоризација на Белчишко Блато, а Хавза Реџеп Каќел, раководител на Одделение за заштита на животна средина, Општина Охрид и Менка Спировска, експерт за животна средина – претставник на изработувачот на Студијата за валоризација на Студенчишко Блато одржаа  презентација на најважните наоди од Студијата за валоризација на Студенчишко Блато.  Даниел Богнер  ги порезентира  најважните наоди од студијата за валоризација на Охридско Езеро.  На настанот  се  проследи   едукативно- документарниот филм „Белчишко Блато – синиот бисер од Дебрца“.      

СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ СО ГЕНЕРАЛНИОТ КОНЗУЛ НА КОСОВО ВО МАКЕДОНИЈА

Денес, градоначалникот Кирил Пецаков, оствари  протоколарна средба со Генералниот конзул на Косово Агим Красниќи. На средбата Пецаков беше запознат со работата на конзулатот, кој е  со седиште во Струга. Красниќи му го честиташе изборот на Пецаков за градоначалник и изрази уверување дека во иднина двете институции ќе бидат отворени за соработка. Генералниот конзулат официјално започнал со работа во септември 2020 година и го покрива југозападниот дел на Македонија.          

ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ОХРИДСКИ СПОРТИСТИ ЗА 2021 ГОДИНА

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на свечениот настан „Најдобрите од спортот за 2021 година” што доцна попладнево се одржа во големата сала на Општина Охрид. Во своето обраќање при доделување на наградите на најдобрите спортисти градоначалникот Пецаков истакна: – Како долгогодишен спортист и голем љубител на спортот познато ми е тоа неописливо чувство на радост и на гордост, по добиен натпревар и победнички резултат. Тоа е чувство што влева надеж, дава сила и нова желба за уште повисоки цели, за уште поголеми триумфи. Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на верната публика и на сите нас. Токму затоа ми е особено драго што денеска за прв пат, под покровителство на Локалната самоуправа се организира еден ваков настан, на кој ќе им оддадеме признание на Најдобрите спортисти во Охрид. Со тоа што ги вреднуваме нивните важни успеси и симболично ќе ги наградиме нивните постигнувања, сакаме да испратиме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за развој на сите спортски дисциплини во иднина. Со својот незапирлив спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси. Драго ми е што Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни. Нашата поддршка продолжува и во иднина. Во текот на оваа 2022 година во општинскиот буџет издвоени се 29 милиони и 200 илјади денари за поддршка на спортските клубови, спортски настани и за развој на спортските школи. Почитувани спортисти, вие сте нашите најзначајни амбасадори, па затоа искрено Ви благодарам што го претставувате Охрид во најубаво светло. Упатувам честитки до клубовите, до тренерите, до родителите и до семејствата кои ја даваат својата несебична поддршка, затоа што таа е најзначајниот удел во една спортската кариера. Легендарниот светски спортист Мајкл Џордан рекол „Препреките не треба да Ве спречуваат. Ако дојдете до ѕид, не свртувајте се и не се откажувајте. Пронајдете начин како да го искачите, да поминете низ него или да го обиколите“. Јас Ви посакувам секогаш да ги надминувате сите препреки, постојано да имате храброст за нови предизвици и да достигнувате големи победи.Се надевам дека оваа манифестација ќе стане дел од една нова спортска традиција, затоа што Охрид заслужува да има врвен спорт и да остави силен печат во спортската историја. Уште еднаш, од срце им честитам на добитниците на овие јавни признанија! Се надевам дека наредната година ќе можеме да прославиме во посвечени услови, да се радуваме и да наздравуваме за уште многу значајни спортски успеси- рече градоначалникот Пецаков. Наградите беа доделени на неколку спортисти во различни категории: Охридска спортска надеж (мажи)- Симон Петрески (карате); Охридска спортска надеж (жени)- Јана Димоска (атлетика); Спортист од друго населено место или странец кој настапува во екипа од Охрид- Јован Стојоски (атлетика);Спортист/ка од Охрид кој настапува надвор од територијата на Општина Охрид (двајца добитници) се Петар Бошалески (кошарка) и Габриела Модева (кошарка); Спортска екипа на годината- ГРК Охрид; Спортски подвиг на годината- Марко Пејчиновски (пливање); Спортска легенда за посебни заслуги во спортот (постхумно)- Алексо Огненовски (бокс) и Спортист на годината- Дејан Ангелоски (планинско трчање). Покрај градоначалникот Кирил Пецаков, наградите ги врачија и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, советникот Наум Јамандиев и Јоне Станкоски.   ПОВРЗАНИ ВЕСТИ…          

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ДО СРПСКАТА ЗАЕДНИЦА ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ СВЕТИ САВА

Градоначалникот Кирил Пецаков, по повод празникот Свети Сава упати празнична честитка до припадниците на српската заедница. – Со најискрени желби за здравје, мир и благосостојба упатувам срдечни честитки до сите припадници на српската заедница по повод големиот празник Свети Сава, првиот српски архиепископ и просветител. Ваквите празнични денови се можност да испратиме силни пораки за поголема почит и соработка. Сполотени во нашето мултиетничко општество се надевам дека и во иднина ќе продолжиме да ги чуваме и унапредуваме пријателствата, како основа за поголем напредок на Охрид и на нашата држава. Посакувам верата во Бога и човекољубието да бидат водилка за идните генерации, во насока на градење на поголемо заедништво и меѓусебно разбирање, се вели во честитката на градоначалникот Кирил Пецаков упатена до припадниците на српската заедница.        

ДОСТОЈНО ОДБЕЛЕЖАН ГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК БОГОЈАВЛЕНИЕ – ВОДИЦИ

После една година пауза, денес, достојно, во духот на традицијата и верата, Охрид го одбележа големиот и значаен празник за градот, Богојавление – Водици. По осветувањето на езерските води и положувањето на Светиот крст, најсреќен помеѓу стотината капачи беше Мартин Гоџоски кој го фати Светиот крст. – Традицијата на одбележувањето на денешниот празник во Охрид продолжува. И покрај проблемот со ковид-кризата смогнавме сили, ја организиравме оваа манифестација што ете мина во најдобар ред. За мене ова е најголемиот настан што се случува во Охрид. Она што како народ не држи тоа е традицијата, таа е тука да постои, ние да ја одржуваме и да се гордееме. На фаќачот на крстот му посакувам среќа, здравје и успех, во изјава за медиумите рече градоначалникот Кирил Пецаков. На среќниот фаќач Дебарско – кичевската епархија го дарува со ланче со златен крст, а градоначалникот со рачно изработена икона. Гостин на црковно – народната манифестација беше Евроамбасадорот, Дејвид Гир. Празнувањата за „Водици“ продолжија со настап на групата „Љубојна“ на Градскиот плоштад и со групно крштевање на Сараиште.          

ДОДЕЛЕНА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ НА ДАЛИМИР ХАЈКО

Во очи  Богојавленските празнувања, а согласно протоколите за заштита од КОВИД 19 денеска се одржа Меѓународна онлајн конференција: „Охридската школа на хуманизмот од Средниот век до денес во Европа и Светот“, посветена на годинешниот добитник на Светската награда за хуманизам, академик  Далимир Хајко од Словачка. Во чест на  годинешниот добитник пригодно обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирл Пецаков кој беше дел од случувањето. – Ми претставува голема чест и задоволство, уште на почетокот на мојот мандат како Градоначалник на Охрид да ја поздравам оваа светска елита која учествува на оваа меѓународна конференција. Посебно ме прави горд што му ја врачувам Светската награда на хуманизмот за 2022 година на Далимир Хајко од Братислава, Словачка и со тоа долговековните духовни врски меѓу Македонија и Словачка, доживуваат една своевидна екслузивна круна, со која ќе се гордеат генерациите од далечното минато, до нашата сегашност и во далечната иднина. Името на Далимир Хајко стои заедно со нобеловците, Александр Солжењицин од Русија и Херта Милер од Германија, големиот заљубеник во Охрид Питер Брук, Претседателот на Интернационалниот пен центар Џон Ралстон Сол од Канада, Жан-Патрик Конрад од Империал колеџ од Лондон, Мануел де Оливеира, легендарен  синеаст од Португалија, светската музичка легенда Рави Шанкар од Индија и многу други, со кои Охрид станува Светски центар на хуманизмот.Бидејќи во преписката што Охридската академија на хуманизмот ја имаше со Далимир Хајко, овогодишниот лауерат изрази желба со бескрајна љубов да го посети Охрид, јас како градоначалник и член на Претседателството на Охридската академија на хуманизмот свечено се обврзувам дека, доколку условите на пандемијата ни дозволат, Далимир Хајко ќе биде специјален гостин на церемонијата на инаугуриурањето на Спомен-обележјето на светскиот хуманизам кое мислиме да го промовираме на Св. Климент-летен, на 9 август, оваа година. Почитуван проф. Хајко, Ви ја врачувам  статуата на Св. Климент на која е врежано Вашето име и свечената плакета што деновиве ќе ја предадам на Амбасадорот Хенрик Маркуш во Скопје и до скоро видување во Охрид– рече градоначалникот Пецаков. Беседа за добитникот одржа и претседателот на Интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш. На конференцијата присуствуваа и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, претседателот  на Европската академија на науките Жан-Патрик Конрад, амбасадорот на Р. Словачка во Р.  Северна Македонија, Хенрик  Маркуш и останати претставници од светската научна фела.  Годинешниот добитник на Светската награда за хуманизам Далимир Хајко  е  светски познат филозоф, есеист, литертурен критичар и професор на Универзитетот од Жилина, Словачка. – Чест и задоволство ми е да ја  добијам за оваа престижна награда и да се приклучам кон истакнатите добитници од минатот. Мојата најдлабока благодарност оди до Охридската академија за хуманизам, на меѓународното жири и неговите членови и на претседателот, што ме номинираа – рече годинешниот добитник на наградата   Далимир Хајко. Со ова исклучително признание, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент Охридски на сите светски меридијани, додека професорот Хајко е шеснаесетти добитник по ред. Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.                

ДОДЕЛЕНИ ХУМАНИТАРНИ ПАКЕТИ НА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИ СЕМЕЈСТВА

Во пресрет на големиот христијански празник Богојавление – Водици, градоначалникот Кирил Пецаков и претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, доделија хуманитарни пакети на социјално ранливи семејства. Градоначалникот и претседателот на присутните им го честитаа празникот посакувајќи им добро здравје и подобра иднина за нив и нивните семејства. Акцијата за доделување на хуманитарни пакети во пресрет на празникот Богојавление – Водици, се организира традиционално секоја година. [vc_row][vc_column width=”1/2″][vc_single_image image=”19794″ img_size=”full” onclick=”zoom”][/vc_column][vc_column width=”1/2″][vc_single_image image=”19796″ img_size=”full” onclick=”zoom”][/vc_column][/vc_row]          

МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ОХРИД- ВОДИЦИ 2022“

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков беше дел од Меѓународната конференција  „Охрид- Водици 2022-  Глобални трендови и предизвици“  што по 10-ти пат се одржува во очи големиот христијански празник Богојавление – Водици.  Тема на годинешното случување е  „Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој“. На конференцијата ќе бидат презентирани 42 труда, од 71 учесник и 11 земји. Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Пецаков истакна: – Огромна е честа   да се  биде дел од овој научен собир кој десетти пат се организира  во очи големиот празник  Богојавление – Водици во Охрид.  Јас верувам дека нема  Македонец  чие внимание не би било одвлечено од годинешната тема на која ќе се дискутира  на оваа дводневна меѓународна конференција а тоа е:  „Глобалните трендови и закани поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и оддржливиот локален/регионален развој. Нема држава без идентитет. За него не смее и не може  да се преговара со никого. Идентитетот е сржта, генетскиот код на нашето постоење и опстојување. Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар  кој ја промовира Република Македонија како земја  која доследно се грижи  за своето минато, сегашност и иднина. Вредното културно наследство кое го поседува Охрид, го сочувале генерациите пред нас, а тоа доследно треба да го правиме и ние. Охрид е ризница на бројни артефакти кои датираат пред новата ера.  Секогаш е потребна поголема и поагресивна  промоција на целокупната охридска археолошка слика, на сите културни  добра со цел Светот  јасно да го види цивилизацискиот континуитет на Македонија. Материјалните и духовни блага се дел на нашата култура која е нашиот белег,а минатото е содржано во нашата историја што значи дека таа е неменлива во секоја смисла на зборот.   Затоа треба да го вреднуваме она што го имаме, за и другите да не почитуваат нас,нашето минато и сегашност, нашето постоење. Упатувам благодарност до организаторите на овој Собир, со желба наредната година да се состанеме во добро здравје  со надмината здравствена криза поради Пандемијата од КОВИД  19.- рече градоначалникот Пецаков  Учесниците на конференцијта  ги поздрави и Националниот координатор за Едно општество и интеркултурализам при Владата на Република Северна Македонија , м-р. Роберт Алаѓозовски. Поради светската пандемија на КОВИД-19, оваа година конференцијата ќе се одржи хибридно со физичко присустви и on-line преку платформата ZOOM. Организатор на настанот е  Центарот за напредни истражувања, а во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното Наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција списанието Руски политички науки од Москва, Русија, како и списанието Журнал за Глобални процеси од Мајами, Флорида, САД. Конференцијата завршува на  19 јануари.        

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ЗА БОЖИЌ

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков упати честитка до сите христијани кои големиот верски празник Божиќ го слават по Јулијански календар. – Драги христијани со православна  вероисповед и почитувано  свештенство на Mакедонската Православна Црква, ви го честитам најголемиот и најрадосниот празник Божиќ со кој го славиме раѓањето на нашиот Бог.  Во  добро здравје со чиста мисла и  ведар дух започнете го празнувањето  со кое се величаат духовните и морални вредности  кои ги поврзуваат луѓето, а нашите срца се отвораат за добри дела. Минете ги овие денови  онака како што налага традицијата  мирно и радосно  во кругот на семејството со најмилите. Сакајте се и не правете лошо зошто со своите постапки ќе ги потврдите најголемите вредности на Божиќ- надеж , вера и победа на доброто. Сите ние во духот на  божиќните празнувања треба да ги прифатиме  различностите  во мислењето како  придонес  во  барањето решение,  а не како проблем. Зошто Божиќ е празник кој упатува на толеранција меѓу луѓето.  Овој празник нека ни даде снага мирно и достоинствено  да ги победиме сите искушенија и  зла.  Бог нека ни подари верба заеднички  да создадеме  услови за подобар  и посреќен живот за нас и нашите деца. Да создадеме град во кој сите луѓе со добра волја ќе живеат во мир и благосостојба.  Уште еднаш на сите православни христијани им го честитам големиот  верски празник Божиќ. Христос се роди! – Вистина се роди!- стои во честитката на градоначалникот Пецаков.