ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ИМ ПОСАКА УСПЕХ НА ОХРИДСКИТЕ ТАЕКВОНДИСТИ КОИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Градоначалникот Кирил Пецаков денеска ги прими членовите на Македонската Традиционална Таеквондо Федерација (Таеквондо ИТФ) кои ќе учествуваат на Светското Таеквондо ИТФ првенство што ќе се одржи во Астана–Казахстан од 18-ти до 26-ти август годинава. На охридските репрезентативци Зоран Парулески, Христијана Парулеска, Давид Крстески и Елена Јанеска, под водство на Марјанчо Лазаревски, градоначалникот Пецаков им посака успешно претставување и постигнување на добри резултати. Гостите истакнаа дека очекуваат солидни резултати по интензивните подготовки кои ги имале во изминатиов период за Светското првенство на кое учество ќе земат над 1 000 натпреварувачи од 90 земји. Македонската Традиционална Таеквондо Федерација заминува во Казахстан под покровителство на Агенцијата за млади и спорт и со поддршка на Општината Охрид.
БОГАТА СОЦИЈАЛНО-ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL
Во рамки на првото издание на големата промотивно спортска манифестација Ohrid Water Festival покрај 17-те спортски настани, предвидена е богата социјално-едукативна програма која вклучува низа интересни и забавни содржини кои ќе го привлечат вниманието на публиката. Забавниот дел на фестивалот ќе стартува на 21-ви август (понеделник) со Концерт на поп пејачот Ѓоко Танески. На 22-ри август (вторник) ќе биде организирана Изложба „Флора и фауна од Охридско езеро“ и „Потонато културно историско богатство“, а за музичкиот дел од вечерта ќе се погрижи ДЏ Ванчо Плеј. На 23-ти август (среда) во текот на денот ќе биде организиран Отворен ден во ЈНУ Хидробилошки Завод, а текот на вечерните часови ќе се одржи Панел дискусија на тема „Охридското езеро-валоризација на вредностите како пат кон идните бенефити“. Во рамки на музичкиот дел од вечерта, ќе настапи ДЏ Багзи. На 24-ти август (четврток) ќе бидат поставена Изложба „Почетоците на веслањето во Охрид“ и „Победници на охридскиот пливачки маратон низ времето“, а за музичкиот дел ќе се погрижат „Балканикос Бенд“ и „Жармена Бенд“. На 25-ти август ќе биде поставена изложба „Рибите од Охридското Езеро“. Истиот ден во организација на ОФВ и SLOW FOOD Охрид ќе се одржи промоција на охридска и македонска традиционална храна и пијалоци, а за добрата атмосфера ќе се погрижи ДЏ Rootboy Selector. На 26-ти август (сабота), на денот кога е предвидено одржувањето на Охридскиот пливачки маратон ќе продолжи Промоцијата на охридска и македонска традиционална храна и пијалоци, а за добрата атмосфера во вечерните часови ќе биде задолжен „Ансамбл Билјана“. Фестивалот ќе финишира на 27-ми август (недела) со Концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“. Сите настани од социјално-едукативниот дел на програмата ќе се одвива пред платото на хотелот „Палас“, а за повеќе детали и за времето на одржување на настаните може да се информирате на следниот линк: ЗАБАВНО-ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА OHRID WATER FESTIVAL
ПРОМОВИРАНА ПРОГРАМАТА ЗА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL
Од 19-ти до 27-ми август 2023 година во Охрид ќе се организира првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival. Фестивалот се организира со целосна поддршка на Локалната самоуправа и неговата основна цел е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија. Денеска на прес-конференција беше промовирана официјалната програма на фестивалот која вклучува спортски настани и пропратни социјално-забавни содржини. Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека Ohrid Water Festival e една нова спортска приказна која е симбол на неизмерната љубов кон нашето уникатно Охридско Езеро испреплетена со нашата голема желба за поголем развој и популаризација на водените спортови. – Долги години наназад слушавме и дебатиравме дека е потребна поголема промоција на водените спортови на Охридското Езеро и дека на Охрид му е потребна масовна манифестација која ќе придонесе за развојот на градот како интересна дестинација за спортски туризам. Навистина сум среќен и горд што низ заедничка соработка, конечно успеавме од зборови да преминеме на дела и нашите идеи да ги претвориме во реалност. Имам голема чест и задоволство да ви го најавам првото издание на големата спортско-промотивна манифестација Ohrid Water Festival која ќе се одржува од 19 -ти до 27-ми август. Манифестацијата вклучува натпревари и активности на вода и има за цел да допре до најмладата популација и да им ги промовира сите позитивни аспекти на водените спортови и да придонесе за зголемување на интересот и свеста за здрав начин на живот. Врз основа на прецизен концепт, посветена работа, подготвивме детална програма со 17 спортски настани кои верувам дека ќе донесат незаборавно доживување за учесниците и ќе го привлечат вниманието на публиката. Покрај сите традиционални натпревари и настани, круна на целата манифестација ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржува на 26-ти август и кој од минатата година е под целосна организација на Општина Охрид соработка со Пливачката федерација на Македонија. Спортскиот дел од фестивалската програма ќе биде надополнет со голем број социјално-забавни настани, музички концерти, промоција на реквизити за водени спортови, промоција на традиционална храна, изложби на фотографии, панел дискусии и други културни и едукативни содржини, рече Пецаков. Тој упати признание до организациониот тим на фестивалот и сите клубови за водени спортови. – Знам дека секој чекор од концепцијата до имплементацијата, за сите вас беше преполн со предизвици и неуморен ангажман и затоа во мое лично име и во името на локалната самоуправа искрено ви благодарам. Вашиот тимски дух и координираноста ја направија оваа иницијатива вистински успешна и значајна и затоа сум уверен дека доколку и во иднина ја продолжиме оваа соработка, фестивалот ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе стане препознатлив белег на нашиот град. Јас како градоначалник и Општина Охрид секогаш ќе бидеме подготвени да ја дадеме сета потребна поддршка на ваквите настани кои ја афирмираат уникатноста и туристичките потенцијали со кои изобилува нашиот регион, потенцираше Пецаков, при што упати покана до сите љубители на природата, спортот и добрата забава да дојдат во Охрид од 19-ти до 27-ми август и да уживаат во првото издание на Ohrid Water Festival и во сите убавини на Охридското крејбрежје. Освен промоција на фестивалската програма, на прес конференцијата беше промовирана и официјалната веб-страница на фестивалот која е своевиден генератор на сите потребни информации за водените спортови на Охридското Езеро и располага со корисни детали поврзани со клубовите за водени спортови кои функционираат во Охрид. PROGRAM https://ohridwaterfestival.mk/
ДЕФИНИРАНИ ДЕТАЛИТЕ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL
Дефинирани се сите детали и деновиве финишираат завршните подготовки околу организацијата на првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival, која ќе се одржува во Охрид од 19-ти до 27-ми август. На денешниот заеднички состанок, организациониот тим на фестивалот и одговорните во клубовите за водени спортови го информираа градоначалникот Кирил Пецаков за поважните аспекти на предвидените спортски настани, како и за сите пропратни социјално-забавни содржини. Беше потенцирано дека за голем дел од спортските настани веќе се пријавени бројни екипи и натпреварувачи од неколку странски држави и дека се обезбедени сите логистички мерки за пријатен престој и безбедност на учесниците. Ohrid Water Festival се организира со целосна поддршка на Локалната самоуправа и неговата основна цел е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија. Комплетната фестивалска програма ќе биде објавена во текот на утрешниот ден на наменска прес конференција.
СЕ ОДРЖА МЕЃУНАРОДНИОТ ТУРНИР СО ВОЗДУШНИО ОРУЖЈЕ
Во организација на Стрелачкиот клуб “Охрид” денес се одржа Меѓународниот турнир со воздушно оружје. Во име на Општина Охрид организаторите и учесниците ги поздрави советникот Наум Јамандиев и го прогласи турнирот за отворен. – Денес сме на стрелиштето Бејбунар, за да присуствуваме на меѓународниот натпревар во стрелање со воздушно оружје со што докажуваме дека сме искрено посветени на охридскиот спорт. Ги упатувам моите честитки до Стрелачкиот Клуб „Охрид“ и Македонската стрелачка федерација за успешното организирање на денешната спортска манифестација, во која сите ќе уживаме. Ние како локална самоуправа, остануваме доследни на нашите заложби за континурано помагање на спортот и спортистите. Верувам дека традиционалниот турнир по повод нашиот најголем празник Илинден, во иднина ќе расте и во квантитет и во квалитет и ќе изнедри квалитетни стрелци и Охрид ќе го направи центар на македонското спортско стрелаштво. На сите натпреварувачи им посакувам врвни резултати и пријатен престој во Охрид, истакна во своето обраќање Јамандиев.
ОДРЖАН ТРЕТИОТ ПЛИВАЧКИ НАТПРЕВАР „ОХРИД ОПЕН 2023“
Денес на пливачкиот базен „Атина Бојаџи“, во организација на пливачкиот клуб „Акваспирит“, а со поддршка на Општина Охрид, се одржа третиот пливачки натпревар „Охрид Опен „2023“. Во името на локалната самоуправа се обрати советникот Перчо Божиноски. – Денес сме на градскиот базен “Атина Бојаџи“, за да присуствуваме на третиот по ред меѓународниот пливачки натпревар “Охрид Опен“, со што докажуваме дека сме искрено посветени на охридското пливање да му го вратиме стариот сјај. Ги упатувам моите честитки до Пливачкиот Клуб “Акваспирит“, кој за овие три години успева да организира пливачка манифестација, во која сите ќе уживаме. Ние како локална самоуправа, остануваме доследни на нашите заложби за континурано помагање на спортот и спортистите. Верувам дека пливачкиот митинг “Охрид Опен“ во иднина ќе расте и во квантитет и во квалитет и Охрид ќе го направи центар на македонското пливање – истакна Божиноски. На годинашниот „Охрид Опен“ настапија 187 натпреварувачи од 19 клубови од Македонија и еден претставник од Франција. На најуспешните пливачи им беа врачени медали и пехари.
ИНТЕНЗИВНИ ПОДГОТОВКИ НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL
Интензивно се одвиваат активностите за подготовка на првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival, која ќе се одржува во Охрид од 18-ти до 27-ми август. На координативен состанок кој се одржа денеска, претставниците на охридските клубови за водени спортови информираа за деталите за сите 17 спортски настани кои се предвидени во рамки на официјалната програма. Како пропратен дел на фестивалот планирани се и голем број социјално-забавни настани на повеќе локации во градот, музички концерти, промоција на реквизити за водени спортови, промоција на традиционална храна, изложби на фотографии, панел дискусии и други културни и едукативни содржини. Во финална фаза е и подготовката на официјалната веб страница на Ohrid Water Festival на која ќе бидат поместени сите информации и детали за времето и местото за организирање на десетте фестивалски денови. Фестивалот е под целосно покровителство на Општина Охрид, а неговата основна цел е промоција на водените спортови, афирмација на уникатноста на Охридското Езеро и туристичките потенцијали со кои изобилува нашиот град.
МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО ТАЕКВОНДО
Денес во спортската сала „Билјанини извори“, започна меѓународен турнир во Таеквондо. Пред присутните натпреварувачи се обрати градоначалникот Кирил Пецаков. – Како голем поддржувач на спортот, секогаш ми е посебно драго да бидам дел од вакви спортски случувања, кои оставаат траен белег во спортскиот живот на нашиот град и се позитивен пример за афирмација и промоција на различни спортски дисциплини. Таеквондото е вековна боречка вештина која со своите правила и техники е вистински психички и физички предизвик, па затоа на сите натпреварувачи им честитам за нивната посветеност и ентузијазам да бидат истрајни во сите борбени подвизи. Оваа можност би сакал да ја искористам и да истакнам дека сум особено горд што Охрид веќе има неколку истакнати имиња кои на наша голема радост имаат остварено врвни резултати во оваа боречка дисциплина. Помеѓу нив е и европската златна титула на младата Христијана Парулеска која ја прославивме пред два месеци. Верувам дека во подем се и нови генерации на успешни таеквондисти, од кои во иднина очекуваме уште поголеми достигнувања. Се надевам, дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид. Ви посакувам успешни натпревари и одлични резултати, како и многу нови пријателства. До сите гости упатувам покана да го искористат својот престој тука, за да уживаат во убавините на нашиот туристички бисер Охрид – исткана Пецаков. На турнирот учествуваат преку 200 натпреварувачи од 6 европски земји, со што оваа меѓународна манифестација се вбројува во низата на најатрактивни таеквондо настани во регионот.
ЗАПОЧНАА 35. РЕПУБЛИЧКИ СПОРТСКИ ИГРИ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ
Денеска во СРЦ „Билјанини извори“ започнаа 35. Републички спортски игри на лица со телесен инвалидитет. Учесниците и организаторите во име на Општина Охрид ги поздрави советникот Наум Јамандиев и им посака успешно натпреварување. На спортските игри учествуваат 110 спортисти во атлетика, пинг понг и стрелаштво. Овие спортски игри се и со меѓународно учество и има 15 учесници од Црна Гора, Србија и Хрватска.
ЗАВРШИЈА СПОРТСКИТЕ УЧИЛИШНИ ИГРИ
Со финалните натпревари во мал фудбал помеѓу учениците од општинските основни и средни училишта, денеска во спортскиот центар „Тодор Александров“ во Велгошти завршија овогодинешните Училишни спортски игри, кои ги организираше Сојузот за училишен спорт. Во конкуренцијата помеѓу средните училишта на натпреварите во мал фудбал, најдобри беа учениците од ОСУ „Свети Климент Охридски“ кои го освоија првото место. Второто место им припадна на учениците од угостителското училиште „Ванчо Питошески“, а третото место го освоија учениците од СОСУ „Свети Кирил и Методиј“. Во категоријата за основно образование, првото место им припадна на учениците од ООУ „Христо Узунов“. На втората позиција се најдоа учениците од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, а третото место им припадна на учениците од ООУ „Григор Прличев“. Во името на Локалната самоуправа, наградите на најуспешните училишни екипи ги додели советникот во Советот на Општина Охрид, Наум Јамандиев. Натпреварите од Училишните спортски игри се одржуваа во два дела, есенски и пролетен дел, а освен во мал фудбал, учениците се натпреваруваат и во одбојка, баскет, ракомет, атлетика, пинг-понг и шах.
