ФИНАЛЕ НА “БОКСЕРСКИ ОПЕН БАЛКАН КУП” И МЕМОРИЈАЛЕН БОКСЕРСКИ ТУРНИР “АЛЕКСО ОГНЕНОСКИ”
На боксерски ринг поставен на отворено во близина на кејот на Охридското Езеро, вчеравечер во Охрид се одржа Финалето на Опен балкан купот во бокс и Меморијалниот боксерски турнир „Алексо Огненовски“. Организатор на овој спортски настан е охридскиот Боксерски клуб „Алексо Огненовски“ со поддршка на Боксерскиот сојуз на Србија и Општина Охрид. На свеченото отворање на натпреварот свое обраќање имаше градоначалникот, Кирил Пецаков. -По вторпат присуствуваме на спортскиот настан, посветен на големиот спортски учител и педагог, родоначалникот на боксот во Охрид, незаборавниот Алексо Огненовски. Племенитата вештина во Охрид, ја донесе човекот кој беше и племенита и благородна душа. Нема охриѓанец, кој што барем малку се бавел со било кој спорт, а да не го знае името на “Алексо боксерот“, како што беше познат меѓу охриѓани, легендарниот спортски работник Алексо Огненовски. Упатувам искрени честитки до БК кој го носи неговото име, за вложениот напор за организација на ваков ревијален меѓународен натпревар, кој претставува уште една значајна манифестација во севкупната понуда на Охрид, рече градоначалникот Пецаков и упати покана до сите гости и учесници на настанот, да го искористат престојот во нашиот најголем туристички центар и да уживаат во природните и културните убавини.
ОХРИД ДОМАЌИН НА ДРЖАВНОТО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ЗА ОСНОВНИ И СРЕДНИ УЧИЛИШТА
Вкупно 220 ученици од основните и средните училишта од Република Македонија се натпреваруваа на Државното првенство во атлетика, кое се одржа денеска во Охрид. На свеченото отворање на настанот, во името на Локалната самоуправа се обрати советникот во Советот на Општина Охрид, Горан Маркоски. –Ни претставува голема чест и задоволство што Охрид е домаќин на овогодинешното издание на Државниот натпревар во атлетика, кој го организира Федерацијата на училишен спорт. Овој спортски настан им овозможува на младите атлетичари да ги презентираат своите способности, да се мотивираат и да се инспирираат за поголеми спортски успеси. Спортот, а особено атлетиката им помага на младите да изградат дисциплина, тимски дух и самодоверба, што се важни квалитети во секој аспект на нивниот живот. Особено сме горди што Охрид е пример за град кој дава значителна поддршка на спортот, а особено на атлетиката. Преку инвестирањето во спортската инфраструктура и организирањето на големи атлетски настани, им овозможуваме на атлетичарите достоинствени услови за спортски развој. Овој вид на поддршка не само што го зголемува интересот за спорт кај локалната заедница, туку и го зголемува престижот на градот како спортска дестинација. Почитувани Атлетиката отсекогаш, заслужено го носи епитетот „Кралица на спортовите“, затоа што атлетичарите се вистински симбол на брзина, сила и издржливост. Во мое лично име и во името на Општина Охрид Ви посакувам да остварите високи резултати во сите дисциплини на овој натпревар и да покажете дека атлетиката може да застане на заслужен пиедестал во македонскиот спорт, истакна Маркоски во своето обраќање. Државниот натпревар во атлетика го организира Федерацијата на училиштен спорт, а Општина Охрид го отстапи користењето на стадионот “Билјанини Извори”.
ОХРИД ДОМАЌИН НА ПРВИОТ МЕЃУНАРОДЕН КОШАРКАРСКИ ТУРНИР
Градоначалникот, Кирил Пецаков присуствуваше на официјалниот почеток на Првиот Меѓународен Кошаркарски турнир што до 12 мај се одржува во Охрид. Во натпреварувачкиот дел ќе учествуваат осум екипи од земјава и странство, а меѓу нив и кошаркарите од ГКК Охрид. -Почитувани организатори на првиот меѓународен кошаркарски турнир Охрид (У 15), почитувани учесници од осум екипи, драги охриѓанчиња кои не претставувате во натпреварувачкиот дел, ценети присутни. Огромно е задоволството да се биде домаќин на овој голем тридневен спортски настан на кој учествуваат млади талентирани кошаркари од земјава и странство кои сум убеден дека за неколку години ќе бидат дел од светската спортска елита и ќе соборуваат светски рекорди. Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на земјата која ја претставуваат, на сите нас. Токму затоа ми е особено драго што денес за прв пат, со поддршка на Локалната самоуправа се организира еден ваков голем спортски настан во нашиов град. Со овој настан испраќаме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за негов развој. Ваквите случувања повлекуваат со себе и повеќе посетители и гости пред почетокот на летната туристичка сезона и развој на спортски туризам. Со незапирливиот спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди и трофеи, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси. Верувајте, во ваквите спортски настани не е битно кој ќе е најдобар. “Победи ако можеш, изгуби ако мораш, но не се откажувај никогаш. Зошто упорноста може да го претвори падот во неверојатно достигнување.“ Живееме во време со многу предизвици. Живееме во хиперповрзан Свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сето ова стресно влијае на сите нас, и токму затоа сметам дека вакви спортски случувања ни се повеќе од неопходни. „Актерите“ во спортот ја јакнат физичката и психичката кондиција, а во исто време се рекреираат и забавуваат. Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни, така ќе биде и во иднина- рече градоначалникот Пецаков. Натпреварите ќе се одржуваат во СРЦ „Билјанини извори“.
ОПШТИНСКИ НАТПРЕВАР ВО АТЛЕТИКА ЗА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОХРИД
Заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски ги додели наградите на најдобрите учесници на Општинскиот натпревар во атлетика за учениците од основните училишта, кој се одржа денеска во Охрид. Организатор на натпреварувањето е Сојузот на училишен спорт под покровителство на Локалната самоуправа. На натпреварот зедоа учество ученици од 6-то до 9-то одделение од сите основни училишта во општината. Учесниците се натпреваруваа во 9 категории, а најдобрите ќе бидат дел од Државниот натпревар во атлетика кој ќе се одржи во сабота на 11-ти мај 2024 година во Охрид, во организација на Федерацијата на училишен спорт. На државниот натпревар ќе земат учество и најдобрите учесници од Општинскиот напревар во атлетика за средните училишта кој се одржа во текот на претходниот период.
КЛУБОВИТЕ ОД ОПШТИНСКИОТ ФУДБАЛСКИ СОЈУЗ ДОБИЈА НОВА ОПРЕМА
Согласно Програмата за спорт за 2024 година, од буџетот на Општина Охрид беа доделени средства на Општинскиот фудбалски сојуз за набавка на нови дресови за седум фудбалски клубови. Градоначалникот Кирил Пецаков денеска во СРЦ „Билјанини Извори“ имаше работен состанок со претставниците на клубовите на кои им беше предадена новата спортска опрема. На средбата се разговараше за понатамошната соработка на локално ниво и потребните услови за функционирање на клубскиот фудбал во Охрид. Градоначалникот Пецаков истакна дека Локалната самоуправа, како и до сега ќе продолжи да дава поддршка на спортот, развојот на сите спортски дисциплини и подобрување на спортската инфраструктура.
ПОЗНАТИ ДОБИТНИЦИТЕ НА БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА СПОРТ И РЕКРЕАЦИЈА ЗА 2024
Градоначалникот Кирил Пецаков, ги донесе решенијата за распределба на буџетски средства за спорт и рекреација за 2024 година по јавен повик за распределување на буџетските средства од програмата за спорт и рекреација од буџетот на општина Охрид за 2024 година за финансирање програми од спортски клубови, спортски здруженија, спортски манифестации, спортисти, други правни лица од областа на спортот на територијата на општина Охрид бр.09-41/2 од 03.01.2024 година: [vc_row][vc_column][vc_message message_box_color=”orange”]СПОРТСКИ НАСТАНИ, МАНИФЕСТАЦИИ И ПРОЕКТИ[/vc_message][vc_message message_box_color=”orange”]СПОРТСКИ КЛУБОВИ[/vc_message][vc_message message_box_color=”orange”]СПОРТИСТ ИНДИВИДУАЛЕЦ[/vc_message][/vc_column][/vc_row]
РЕШЕНИЕ ОД ЈАВЕН ПОВИК ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВА ОД БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД ПРЕКУ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ТРОШОЦИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ НА ЈП ,,БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ”-ОХРИД ЗА 2024 ГОДИНА
Врз основа на Јавниот повик за прибирање на барања за користење средства од Буџетот на Општина Охрид преку субвенционирање на трошоци за користење на спортски терени на Ј.П. ,,Билјанини Извори”-Охрид, кој беше објавен на 03.01.2024 година, донесено е следното решение: [vc_row][vc_column][vc_message message_box_color=”orange”]РЕШЕНИЕ ОД ЈАВЕН ПОВИК ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВА ОД БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД ПРЕКУ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ТРОШОЦИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ НА ЈП ,,БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ”-ОХРИД ЗА 2024 ГОДИНА[/vc_message][vc_column_text]ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: ЈАВЕН ПОВИК ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СРЕДСТВА ОД БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД ПРЕКУ СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ТРОШОЦИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ НА ЈП,, БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ”-ОХРИД ЗА 2024 ГОДИНА [/vc_column_text][/vc_column][/vc_row]
НАЈДОБРИТЕ ОД СПОРТОТ ВО ОПШТИНА ОХРИД ЗА 2023 ГОДИНА
Општина Охрид ги додели наградите и признанијата за најуспешните спортисти во индивидуален и во клубски спорт за 2023 година во рамки на манифестацијата „Најдобрите од спортот во Општина Охрид“ која се одржува трета година по ред. На пригодната свеченост која се одржа вечерва во Големата сала на Општина Охрид пред присутните се обрати градоначалникот, Кирил Пецаков. – Знам какво е чувството кога со аплаузи и навивање те наградуваат за успехот, кога го слават и го вреднуваат твојот спортски труд. Тоа е чувство на неизмерна радост што не може да се опише со зборови. Адреналинот и возбудата кои ги носи победата се непроценливи моменти за секој спортист. Тогаш времето како да застанува, а сите напори и направени жртви стануваат значајни. Тоа чувство е повеќе од медал или материјално признание – тоа е триумф на истрајноста и нешто што ни дава мотив да се бориме за соништата и да ги оствараме сите амбиции. Спортските успеси го воведуваат спортистот во едно ново ниво на самодоверба, поттикнувајќи го неговиот дух и волја за уште поголеми постигнувања. Навистина ми е драго што оваа вечер ја посветуваме на сите спортисти кои се гордост за Охрид и кои го даваат најдоброто од себе на спортските терени и на спортските натпревари. Овие спортисти и спортски работници кои ќе ги наградиме вечерва се пример за упорност и посветеност и се вистински двигатели на спортските стандарди во нашиот град. На мое големо задоволство, изминатата 2023 година имавме можост да славиме за бројни поединечни и тимски успеси, за кои упатувам искрени честитки до спортистите. Упатувам и голема благодарност до тренерите, клубовите и секако до родителите, кои даваат несебичен придонес и силна поддршка, без кои овие спортски достигнувања немаше да бидат возможни. Општина Охрид има вградена посветеност кон развојот на спортот, континуирано ги помага спортските клубови и дава покровителство на спортските натпревари и манифестации. Исто така, преку различни мерки, активности и иницијативи, општината го стимулира напредокот на младите спортски таленти. Токму затоа и оваа година преку програмата за спорт ќе инвестираме околу 54 милиони денари, кои се надевам дека ќе вродат со плод и дека наредната година ќе може заедно да прославиме уште поголеми спортски достигнувања. Драги спортисти, Секој нов тренинг е шанса да напреднеш, секој нов натпревар е прилика да се докажеш. Спортскиот успех не се мери според победите, туку според тоа колку се подобруваш после секој пораз. Еден од најуспешните тенисери на сите времиња Новак Ѓоковиќ рекол „Победник е оној кој повеќе верува во победата“. Затоа ви посакувам да верувате во себе и во своите способности и секогаш да ве води мислата дека не постојат невозможни и недостижни цели. Ви благодарам на вниманието и уште еднаш упатувам срдечни честитки до сите добитници на овогодинешните спортски признанија, истакна Пецаков во своето обраќање. Поради значајните успеси на меѓународни натпревари во таеквон-до, за спортист на годината беше прогласена Христијана Парулеска од Таеквон-до клубот„Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид. За Охридска спортска надеж во инивидуален спорт, во машка категорија, признание му беше доделено на атлетичатот Александар Камнароски од атлетскиот ллуб „Охрид ТрчаТ“. За Охридска спортска надеж во индивидуален спорт, во женска категорија беше прогласена Елена Јанеска од таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“, Лескоец. За Охридска спортска надеж во колективен спорт во женска категорија беше прогласена кошаркарската Сара Ѓорѓиеска од Градскиот кошаркарски клуб „Охрид“. За тренер на годината беше прогласен Марјанчо Лазаревски од Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец. Овој клуб беше прогласен за најдобар и во категоријата Спортска екипа на годината. За Спортист странец кој настапува во екипа од Охрид, признание му беше доделено на Гал Цирар од Градскиот ракометен клуб „Охрид“ . За најдобра спортистка од Охрид која настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид, беше прогласена Јована Котушеска од Шаховскиот клуб „Алкалоид“ – Скопје. За Охридска спортска легенда -за посебни заслуги во спортот постхумно беше прогласен професорот Миодраг Миле Христовски. За афирмација и промоција на водените спортови признанија добија Кајак кану клубот „Стрмец“ и Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“.
ЌЕ СЕ ПРОГЛАСАТ „НАЈДОБРИТЕ ОД СПОРТОТ ВО ОПШТИНА ОХРИД“ ЗА 2023 ГОДИНА
Во организација на Општина Охрид, на 07.02.2024 година (среда) ќе се одржи манифестацијата „Најдобрите од спортот во општина Охрид“ за 2023 година. Наградите и признанијата за најуспешните спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа во Охрид, се доделуваат за постигнати резултати во индивидуален и во клубски спорт во тековната година, на спортистки, спортисти и тренери кои настапуваат за спортски клубови, чиешто седиште е во Охрид. Манифестацијата ќе се одржи во Големата сала на Општина Охрид со почеток во 19:00 часот.
ОХРИД ДОМАЌИН НА ШАХОВСКИОТ ТУРНИР „ЕЗЕРСКИ БИСЕРИ 2024“
Во организација на шаховскиот клуб „Ласкер“ и со поддршка на Општина Охрид вчера во ООУ „Братство Единство“се третиот рапид турнир во шах „Езерски бисери 2024”. На турнирот зедоа учество 81 напреварувач од Република Македонија и истиот се одвиваше по Швајцарски систем во 9 кола. На свеченото отворање на турнирот во името на Локалната самоуправа свое обраќање имаше советникот во Советот на Општина Охрид, Наум Јамандиев. – Ми претставува голема чест што сум денеска тука и што имам можност да ве поздравам во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Овогодинешната бројка на пријавени учесници значи дека овој шаховски турнир полека но сигрно прераснува во една важна манифестација, која го позиционира Охрид помеѓу шаховските центри во нашата држава и во регионот. Шахот е еден вид на хармонија помеѓу талентот и интелектот, каде што секој потег на таблата е еден чекор кон победа, а секоја нова победа чекор кон врвно мајсторство. Горди сме на сите млади таленти и успешни шахисти кои освојуваат бројни награди и од кои очекуваме уште поголеми успеси во иднина. Упатувам искрени честитки и благодарност до организаторите на овој турнир со надеж дека оваа традиција ќе продолжи во континуитет и во иднина ќе може да бидеме домаќини на вакви случувања. Општина Охрид како и до сега, ќе продолжи да ги поддржува спортските настани и да ги стимулира младите теленти, истакна Јамандиев во своето обраќање. Првото место на турнирот му припадна на Дејан Ѓорѓиески, второпласиран беше Маријан Дамчески, а на третата позиција беше рангиран Кире Николоски. Тројцата наградени натпреварувачи се од Шаховскиот клуб „Пелагон“ од Прилеп. На четвртата позиција на турнирот беше позициониран Стојан Велкоски од Шаховскиот клуб „Алкалоид“ од Скопје, а на петтото место, Ахмет Салмани од Шаховскиот клуб „Гостивар“ од Гостивар.
