ОПШТИНА ОХРИД СО ПОДДРШКА ЗА ЗБРАТИМУВАЊЕТО НА ИПА ОХРИД И ИПА НОВИ САД
- мај 2, 2022
- 0
- Категорија:
Синоќа, на свечена пригодна манифестација во Охрид, беше потпишана Повелбата за соработка и збратимување помеѓу Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) регион Охрид-Македонија и ИПА регион Нови Сад- Република Србија.
На свеченоста, поздравен говор имаше советниокот во Советот на општина Охрид, Перчо Божиновски кој, од името на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, го поздрави значајниот чин на збратимувањето а на високата ИПА делегација од Нови Сад, им посака добар престој во Охрид, градот на светлината, градот на сесловенската писменост и култура, македонскиот туристички бисер.
„Тоа е значаен чекор кон подигнување на вашата меѓусебна соработка, како припадници на ИПА но многу повеќе како припадници на полициските служби што, од друга страна, значи чекор плус кон подигнување на степенот на безбедноста во нашите средини и пошироко. Јакнењето на Вашето искуство и соработка во рамките на ИПА, значи и отвореност кон граѓаните за поефикасно остварување на полициските работни задачи. Вашето збратимување значи поголема функционалност на ИПА регионите и националните секции, и води кон поцелосно остварување на ИПА концептот и ИПА принципите. Сакам да Ви честитам на Вашите ИПА заложби да се ставите во улога на сервис на граѓаните преку јакнење на професионална ИПА и полициска соработка но и личното пријателство кое останува вечно. Почитувајте се меѓусебно, соработувајте, давајте го максимумот за јакнење на Вашите секции и региони, работете во интерес на вашите ИПА членови и пријатели, јакнете го личниот и професионалниот интегритет, духовниот, културниот и општествениот развој нашите општества и држави. Општина Охрид е Ваш пријател и тука сме за секаква подршка на активностите на ИПА Охрид кои се значајни за охриѓани, за нас како локална самоуправа но и и за пошироката заедница, искаткна советникот Божиновски.
Во своето пригодно обраќање, претседателот на ИПА Македонија, г-динот Робертино Ацески, истакна дека повелбата за збратимување е доказ за меѓусебното разбирање, соработка и помош меѓу двата ИПА региони на сите нивоа, со цел ширење на ИПА идеите и доказ за билатералната меѓународна професионална ИПА полициска соработка.
Претседателот на ИПА Охрид, м-р Стефан Димоски, се заблагодари на колегите од ИПА Нови Сад што, долгогодишната идеја за збратимување конечно е реализирана што пак претставува добра основа, во согласност со статутот и принципите на ИПА, да се спроведуваат едукативни проекти и други форми на соработка кои, ќе ги надградуваат професионалните знаења и способности на полициските службеници-членови на двата ИПА региони но и ќе го јакнат личното пријателство. Димоски нагласи дека ИПА активностите во заедницата, значат поголема достапност и отвореноста на полициските службеници до сите граѓани.
Својот пригоден говор, претседателот на ИПА Нови Сад, м-р Милорад Петковиќ, го почна со оддавање почит кон Македонското полициско знаме по што, ја искажа огромната благодарност за беспрекорната организација на целокупниот настан. Петковиќ кажа дека потпишувањето на Повелбата за соработка и збратимување, е врв на повеќегодишната соработка помеѓу ИПА регионите Охрид и Нови Сад, на меѓусебното пријателство и професионална соработка. Искажа надеж дека збратимување ќе значи поголема функционалност на ИПА регионите и националните секции но и на полициските служби во целина.
Во рамките на престојот во Охрид, високата делегација од ИПА Нови Сад, ги разгледа и најзначајните културно-историски знаменитости во градот и охридското крајбрежје.