ЗАМЕНИК АМБАСАДОРОТ НА ГЕРМАНИЈА ОТО ГРАФ БЕШЕ ВО ПОСЕТА НА ОХРИД
- ноември 17, 2021
- 0
- Категорија:
Во посета на Охрид, на средба со градоначалникот Кирил Пецаков, беше заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор во Германската амбасада, Ото Граф.
На средбата беше разговарано за значењето на странските инвестиции во Охрид, како и за можноста за привлекување на нови. Градоначалникот ја истакна важноста и задоволството од соработката со постоечките германски инвестиции во Охрид, како и поддршката на амбасадата во реализација и финансирање на проекти.
„Амбасадата и градот Охрид имаат долгогодишна соработка, а во последните години во економската соработка се вклучени и поголеми германски инвеститори од автомобилската индустрија. Исто така конзорциумот предводен од средното стручно училиште Св. Наум Охридски преку програмата Regional Challenge Fund ќе биде финансиран со грант од германската влада. Со општина Охрид со задоволство и во иднина тесно ќе соработуваме“, истакна г-дин Граф.
Заеднички беше потврден добриот меѓусебен однос, но и заложбата за продлабочување на соработката, особено во делот на проектите што се финасираат од амбасадата и ЕУ фондови.
„Од големо значење за општина Охрид е добрата меѓусебна соработка што ја имаме со амбасадата на Сојузна Република Германија, особено во делот на германските инвестиции. Благодарни сме за поддршката од германската влада особено во образованието каде преку соработка со германските инвестиции се набавува современа опрема за училишната работилница во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски““, рече градоналаникот Пецаков.
Градоначалникот го запозна заменик амбасадорот со приоритетните проекти за Охрид кои треба да се реализираат во идниот период. Исто така, беше разговарано за препораките од УНЕСКО и потребата да се продолжи по веќе трасираниот пат.