СЕ ВРШИ УРЕДУВАЊЕ НА УЛИЧНИТЕ ДРВОРЕДИ
Екипите на секторот „Паркови и Зеленило“ при ЈП „Охридски комуналец“ започнаа активности за уредување на дрворедите и зеленилото на сообраќајниците во градот. Денеска се вршеше кастрење и отстранување на старите и оштетени гранки на дрворедите на булевар „Туристичка“ и на улица „АСНОМ“. Исто така екипите извршија и отстранување на едно поголемо старо дрво пред Центарот за култура „Григор Прличев“ кое претставуваше опасност за минувачите. Уредувањето на дрворедите е дел од тековните и сезонски активности на јавното претпријатие, кои се предвидени за овој период од годината.
ГОДИНАВА НЕМА ДА СЕ ОРГАНИЗИРААТ БОГОЈАВЛЕНСКИ ЧЕСТВУВАЊА
Поради пандемијата од КОВИД 19, годинава нема да биде организирано традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро од градското пристаниште во Охрид. Со одлука на Дебарско-кичевската епархија, на 19-ти јануари, празникот Богојавление – Водици ќе биде одбележан само во црковните храмови. Ќе бидат организирани утрински богослужби и осветување на вода, со која потоа ќе биде извршен Богојавленскиот водосвет на езерото. Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од масовни собири и организирано капење во езерото. При посетата на храмовите задолжително да се почитуваат препораките за заштита, да се носат маски и да се одржува дистанца. Да бидеме одговорни и да го прославиме овој празник во кругот на најблиските!
ОДБЕЛЕЖАНА 70 ГОДИШНИНАТА ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ЗДРУЖЕНИОТО НА ПЕНЗИОНЕРИ ОД ОХРИД И ДЕБРЦА
Денес со пригодна свеченост беше одбележана 70 годишнината од формирањето на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца. На свеченоста на Општина Охрид и беше врачена Плакета со благодарност за досегашната успешна соработка. Плакетата во име на локалната самоуправа ја прими Живка Ангелоска, претседателка на Советот на Општина Охрид, која во оваа прилика истакна. – Ја имам таа чест и задоволство во името на Општина Охрид и во свое лично име, да Ви заблагодарам за укажаната чест и да ви посакам долговечост, добро здравје и успешно спроведување на вашите активности. За пензионерите се вели дека го живеаат третото доба, но јас би рекла дека Вие почитувани, го живеете времето кога нештата Ви се можеби најјасни, кога настаните и случувањата ги доживувате со толку потребната смиреност, кога Вашите размисли и совети ни се потребни токму нам, на помладите генерации. Вашата помош во секојдневието на традиционалното македонско семејство е немерлива, а Вашите активности во општеството драгоцени за сите граѓани. Особено е за поздрвување активноста на Здружението на пензионерите на Охрид и Дебрца на најразличните манифестаци на државно ниво, каде Вие почитувани имате забележителни резултати достојни за почит. Дозволете ми да истакнам дека локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да излезе во пресрет на барањата и потребите на пензионерите, за успешно реализирање на вашата програма и активности. Уште еднаш ви посакувам долговечност, крепко здравје и мноштво радосни моменти во Вашето секојдневие. На свеченоста покрај на Општина Охрид, плакети и благодарници им беа доделени и на повеќе поединци и институции за ниванта активност и успешната повеќе децениска соработка со Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.
ОПШТИНА ОХРИД НА ПРВО МЕСТО ПО ИНДЕКСОТ НА ОТВОРЕНОСТ НА ОПШТИНИТЕ
Општина Охрид има најдобри резултати и се наоѓа на првото место во рамки на мерењето на Индексот на отвореност на општините за 2020 година како дел Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на истражувањето, кое беше спроведено од страна на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис е проценка на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија. Индексот на отвореност ги проценува перформансите на локалната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири принципи: пристапност ефикасност интегритет и транспарентност со еден заеднички домен присутен во сите четири принципи, а тоа се отворените податоци. Општина Охрид има висок процент на исполнителност во сите четири принципи на отвореност, а најдобри резултати има во делот на транспарентноста на организациски информации, јавни набавки, буџет и јавните консултации. На регионалната онлајн презентација извештајот за отвореност, посветена на Општина Охрид присуствуваше и градоначалникот Константин Георгиески кои истакна дека во текот на работењето Општина Охрид постојано се стреми да достигне високо ниво на транспарентност и максимално да го почитува принципот на отвореност со тоа што редовно се споделуваат сите информации кои се во интерес на јавноста и редовно се информираат граѓаните за сите детали од работењето. Тој потенцираше дека општината ќе ги прифати сите забелешки и заклучоци кои произлегуваат од ова истражување и ќе ги спроведе сите мерки за подобрување по одредени параметри на транспарентноста. Проценката на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2020 година преку Индексот на отвореност можете да го погледнете на овој линк
ЗАПОЧНА НОВОГОДИШНОТО УКРАСУВАЊЕ НА ОХРИД
Деновиве започна новогодишното украсување на Охрид. Во услови на здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата со Ковид 19, а со цел да се заштедат финансиски средства, локалната власт одлучи украсувањето да се реализира со намален буџет во однос на изминативе години. Ќе се користат постоечките реквизити кои се сопственост на општината, а китењето ќе биде во централното градско подрачје и главните „улични артерии“. Годинава ѕвезденото небо ќе блесне само на плоштадот „Св. Климент Охридски“ и на улицата „Македонија“ спроти кејот каде ќе се постават и декоративни мразулци. Со мразулци годинава ќе биде накитена и чаршијата . Кружните токови на булевар „Туристичка“ и кај гимназијата „Св. Климент Охридски“ ќе бидат разубавени со новогодишни фонтани. Според планираното украсувањето на Охрид треба да заврши кон средината на месец декември.
НАБАВЕНИ СОВРЕМЕНИ ТИПИЗИРАНИ КУЌАРКИ ЗА ПРОДАЖБА НА ОТВОРЕНО
Со цел да се обезбедат посовремени услови за улична продажба на јавни локации во централното градско подрачје и да се подобри урбаната слика во градот, Општина Охрид преку ЈП „Градски пазар“ набави 10 типизирани куќарки. Куќарките имаат автентичен изглед, изработени се од соодветен дрвен материјал и располагаат со сите потребни сегменти за продажба. Куќарките ќе се поставуваат на јавни локации во градот согласно потребите и Програмата за поставување на урбана опрема. Според планираното, во иднина Општина Охрид ќе дозволува продажба на отворено само во вакви куќарки и нема да биде дозволена продажба на отворено на монтажни тезги од секаков вид. Куќарките ќе бидат поставени за прв пат на градскиот плоштад во Охрид за потребите на Новогодишниот базар. Поради економската криза која ја предизвика светската пандемија и со цел да им се излезе во пресрет на локалните трговци, Општина Охрид донесе одлука во текот на Новогодишниот базар, куќарките да бидат изнајмени промотивно и без закуп. Во текот на наредните денови ќе биде објавен наменски јавен повик за изнајмување на куќарките.
ПОЗНАТИ ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА И ПОВЕЛБИТЕ „ПАТРОН НА ГРАДОТ- СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
Добитник на највисокото општинско признание, наградата „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2020 година е академик Вера Битракова- Грозданова, неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста. Академик Вера Битракова- Грозданова е родена на 19 јули 1939 година во Охрид. Во родниот град го завршува основното и гимназиското образование, дипломира, магистрира и докторира на Филозофскиот факултет во Загреб на тема „Ранохристијанските споменици во Охридскиот регион“. Од 1975 година до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а за редовен член на МАНУ е избрана во 2009 година. Во текот на работниот век учествувала во многу археолошки истражувања, особено во Охрид, има објавено околу 150 научни и стручни трудови и учествувала на бројни студиски престои во Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија и други земји, а била учесник на бројни меѓународни научни собири. Академик Вера Битракова- Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија меѓу кои се наградата „Гоце Делчев“, престижната европска награда Herder-Preise и наградата „Климент Охридски“ . Добитници на повелбaта „Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ се: -ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- како главен носител на борбата со пандемијата на Ковид 19, посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во оваа здраствена установа. -Д-р Мимоза Влаши Хиса- специјалист по гинекологија и акушерство, раководител на Одделот за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите и соработка со колегите. -Проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог- долгогодишен активист во невладиниот сектор за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на културното и природно наследство, еминентен научник во општествените науки и универзитетски професор.
АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ НА ОПШТИНА ОХРИД
Општина Охрид упатува апел и молба до граѓаните на општината да ги редуцираат своите активности во просториите на општинската зграда и своите контакти со службите на општината да ги остваруваат телефонски или електронски. Активните телефонски линии и електронските адреси на одделенијата и секторите од општината се достапни на општинската веб страница. Во просториите на Општина Охрид се препорачува да влегуваат само странки кои имаат итни и неодложни работи поврзани со општината, при што задолжително треба да се носи заштитна маска и да се врши дезинфекција на раце. Овој апел е во насока на поголема заштита на граѓаните и на вработените од ширењето на корона вирусот КОВИД 19 и обезбедување на непречено и побезбедно функционирање на општинските служби. Упатуваме апел до граѓаните за максимално почитување на сите актуелни мерки за заштита и превенција кои се донесени од страна на Министерството за здравство.
СОСТАНОК НА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ
Денес во големата сала на Општина Охрид, се одржа состанок на Општинскиот кризен штаб, посветен на актуелната криза со ковид пандемијата. На состанокот присуствуваа лекари од сите медицински установи во градов и повеќе матични лекари. Директорот на Општата болница Горан Балески, ги запозна присутните со моменталната ситуација во болницата и истакна дека таа е под зголемен притисок од пациенти, со исполнети капацитети и побара од матичните лекари и Здравствениот дом да преземат дел од товарот во лекувањето на пациентите позитивни или заболени од ковид 19. Во дискусијата која се разви, лекарите истакнаа дека сите се под голем притисок и оти е неопходно да се изнајде модалитет во кој лекувањето на граѓаните, ќе падне рамномерно врз сите здравствени институции и медицински персонал. Побарано беше од полицијата поревносно да ги спроведува законските мерки во однос на носење на заштитни маски и држење на социјалната дистанца. Се апелира до граѓаните максимално совесно да ги почитуваат мерките за заштита, а до кризниот штаб да пријават било какви неправилности, во однос на третманот од матичните лекари или кршење на протоколите. Заклучено беше дека во наредниот период ќе треба се формираат мобилни тимови од лекари и медицински персонал за полесно и поефикасно справување со пандемијата.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛАТА, СВИНИШТА, ЗАВОЈ, ОПЕНИЦА, КОСЕЛ, КУРАТИЦА И РЕЧИЦА
Врз основа на добиените известувања од Агенцијата за храна и ветринарство-Сектор за инспекциски надзор на Република Северна Македонија, Инспекторатот при Општина Охрид упатува известување до јавноста дека водата од водоснабдителниот објект во сопственост на МЗ с. Свиништа, МЗ с. Опеница, МЗ с. Косел и МЗ с. Куратица и водоснабдителниот објект-извор во сопственост на МЗ. с. Речица се забранува за пиење. Оваа забрана, Секторот за инспекциски надзор при Агенцијата за храна и ветринарство ја издава врз основа на резултатите од лабараториските анализи кои се направени од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид. Водоснабдителните објекти во горепоменатите села не се во надлежност на ЈП „Водовод“ Охрид и ова јавно претпријатие нема обврска за нивно тековно одржување. [vc_row][vc_column][vc_message]ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛАТА, СВИНИШТА, ЗАВОЈ, ОПЕНИЦА, КОСЕЛ, КУРАТИЦА И РЕЧИЦА[/vc_message][/vc_column][/vc_row]
