Ohrid.gov.mk

ОПШТИНА ОХРИД СО ВИСОКА ОЦЕНКА ЗА ОПШТИНСКОТО ФИНАСИСКО РАБОТЕЊЕ

Денеска во Охрид, се одржа Форум на градоначалници организиран од УСАИД Македонија, на кој беа презентирани резултатите од алатката за само-оценка. На форумот учествуваше и градоначаникот Кирил Пецаков, кој ги поздрави присутните. – Денес сме тука да најдеме начин да ги искористиме најдобрите можности за реализација на проекти од општ интерес. Заеднички ќе дискутираме за  Подобрување на капацитетите на вработените во одделението за финансии и данок на имот  при нашите општини. Развивање на ЛЕР планови по нова методологија,  можност за  за обучување на вработените од нашите општини кои би правеле внатрешна ревизија , како и  разгледување  на можностите  за заеднички настап пред европските фондови и користење меѓународни средства за општествено корисни проекти, рече градоначалникот Пецаков. Согласно мерењата Општина Охрид доби оценка од 2,56, каде 1 е основно ниво на капацитет, а 3 високо ниво на капацитет. Проектот опфаќаше само-оценка на општините за општинското финансирање, во кои е вклучено управување со општинските јавни финасии, планирање и извршување на буџетот, фискална транспарентност и отчетност, планирање и прибирање на приходи од сопствени извори и пристап до надворешно финансирање. Настанот се реализира во рамки на проектот за “Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите”.          

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ПО ПОВОД 8 СЕПТЕМВРИ – ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Градоначалникот Кирил Пецаков до граѓаните на Охрид, упати честитка, по повод 8 Септември – Денот на независност на Република Македонија, – Изминаа 31 година, кога сонот на многу генерации Македонци стана реалност, а нашата Татковина, Република Македонија ја прогласи својата независнот. Во историски контекст краток период за една држава, но доволно долг за да ја потврдивме нашата цврста определба за демократска и просперитна Македонија. За жал и после 31 години, ние како Македонци, повторно сме исправени пред предизвик, кој треба и мора да го совладаме, за да го зачуваме нашиот национален и идентитетски корен. Овој ден, сигурен сум, ќе не обедини сите во вечниот стремеж за подобра Македонија. Уверен сум дека граѓаните на Охрид како непресушен вруток на македонската историја, култура и духовност ќе го дадат својот несебичен придонес за просперитетна иднина на сите граѓани. Да ни е среќен и вековит празникот  – стои во честитката на градоначалникот Пецаков.                        

ОХРИДСКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН, ФЕСТИВАЛ НА ВИНОТО И ФИНАЛЕ СУПЕР КУП РАКОМЕТ ВИКЕНДОВ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ ВО ОХРИД

Богат викенд исполнет со настани ни претстои во градот. Денес ова го најави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. – Пред нас како град ни претстои продолжен викенд кој што ќе биде богат со содржни. Денес тука со мене се организаторите на тие настани кои што ќе го збогатат продолжениот викенд и за кој се надеваме дека многу луѓе од Македонија и странство ќе бидат наши гости и да поминат убави денови. На 8ми, 9ти и 10ти септември ќе се одржи Фестивалот на виното кој за првпат се организира во Охрид. Уште една содржина е Охридскиот пливачки маратон кој што ќе се одржи во сабота на 10ти за кој Локалната самоуправа вложи напор заедно со Пливачката федерација и охридските пливачки клубови за да имаме маратон. Во сабота имаме уште една содржина, а тоа е ракометниот натпревар помеѓу екипите на Охрид и Прилеп, а во недела како надополнување на продолжениот викенд е организацијата на финалето во Супер купот во ракомет помеѓу екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер. Многу содржини ни претстојат во овие денови за кои се надеваме дека ќе привлечат многу гости и се надевам дека ќе биде пример за наредното лето како би се организираме за токму кога привршува туристичката сезона да привлечеме повеќе гости во нашиот град, рече градоначалникот Пецаков. За деталите на Охридскиот фестивал на виното зборуваше организаторот Пане Темов. – Нашата организација опфаќа повеќе фестивали во Скопје и Кавадарци и тоа значи дека веќе имаме доволно искуство со винската култура во Македонија. На Охридскиот фестивал на виното ќе донесеме десетина винарии, но штандови ќе имаат и неколку увозници на вино. На штандовите посетителите ќе може да вкусат вина и од Шпанија, така да ќе имаме голема понуда на вина. Очекуваме да ги задоволиме сите вкусови. Ќе имаме музичка програма за сечиј вкус, во четврток ќе бидат домашните бендови, Камелеон и Бекдор бенд и Фолтин за крај на првата фестивалска вечер, истакна организаторот Темов. Охридскиот пливачки маратон оваа година ќе се одржи на десети септември со почеток во 10 часот. – На патеката „Климе Савин“ во сабота ќе пливаат осум пливачи од пет различни држави. Во склоп на маратонот организираме и доплнителни содржини со цел да го вратиме препознатливиот сјај на маратонот од минатото. Во четврток на плоштадот кај Долна порта ќе се направи презентација на сите пливачи, понатака ќе имаме изложба на стари фотографии од минатото и проекција на документарниот филм „Охридски пливачки легенди“. Во петок овој документарен филм ќе се емитува за децата од основните и средните училишта во Охрид, во сабота покрај главниот настан, организираме и работилница заедно со децата од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и заедно со УНЕДП на тема „Заеднички преспективи, младите за Охридското Езеро“. Истиот ден ансамблот „Билјана“ ќе има одржи мал концерт, рече Ристе Јанкоски, координатор на организациониот одбор за организација на Охридскиот пливачки маратон.        

ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА ГОДИНА ВО ОХРИДСКИТЕ УЧИЛИШТА

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на пригодната свеченост за првооделенците по повод почетокот на новата учебна година, која се одржа во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид. Во своето обраќање пред присутните градоначалникот рече: – Драги момчиња и девојчиња, драги наши првачиња, добре дојдовте во царството на буквите и бројките, царството на песничите и цртежите, царството на најубавите приказни и незаборавните игри. Особено ми е мило што имам можност да ги видам вашите весели очиња, да ја почувствувам радоста на вашиот прв училишен ден и да ви упатам најубави желби за успешен почеток. Неизмерно сум среќен што денес сум тука заедно со вас, во моето училиште, каде што пред 30 години и јас бев прваче како вас.  Верувам дека сте возбудени и сигурно се прашувате што ли ќе се случува на овој ден. Се сеќавам колку трема имав и јас на мојот прв училишен ден, кога за прв пат се сретнав со другите првачиња, со кои во текот на годините што следуваа, делевме клупа, знаење и многу убави моменти, кои засекогаш се паметат. Тука ќе научите да читате и да пишувате, да броите и да сметате, но најважното нешто ќе го научите ќе биде способноста да споделувате, да бидете вешти и посветени. Училиштето ќе биде вашиот втор дом, место каде ќе ви биде убаво и каде што ќе се чувствувате сигурно, бидејќи вашите учителки ќе се грижат за вас исто како што тоа го прават и вашите родители. Тука ќе ги стекнете вашите први пријатели и ќе ги запознаете вашите први симпатии. Од денес па натаму, секој ден ќе ви биде поубав и поинтересен од претходниот и секој нов ден ќе откривате нови тајни и ќе станувате побогати со знаења. Бидете мирни, внимателни на часовите и решавајте ги училишните задачи. Само така ќе бидете примерни ученици кои ќе бидат пофалени и наградени со добри оценки. Вашиот училишен успех ќе ви овозможи да остварите високи цели со кои ќе бидете гордост на сите нас. Почитувани родители и ценети наставници „Најдобар начин да ги направите децата добри е да ги направите среќни“ рекол познатиот светски писател Оскар Вајлд, па токму затоа сакам да ви порачам да бидете трпеливи и секогаш позитивни, бидејќи само со таков пристап ќе може да бидете сигурни дека ќе ги пренесете вистинските пораки за човечност и добро воспитување. Како локална самоуправа во континуитет вложуваме во училишната инфраструктура и даваме поддршка за остварените успеси, а оваа година на мое големо задоволство за прв пат преку проектот „Нашите првачиња“ обезбедивме скромна помош за овие нови ученици. Радувајте се првачиња! Бидејќи овој ден е ваш ден, бидете ни секогаш здрави и насмеани и имајте многу многу петки!, истакна градоначалникот Пецаков. По повод првиот училишен ден, градоначалникот беше гостин и на пригодната свеченост во ООУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, каде што исто така ги поздави присутните.        

АКЦИЈАШИ ОД НЕКОЛКУ БАЛКАНСКИ ЗЕМЈИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска во големата сала на Општина Охрид ги прими акцијашите  од Србија, Босна и Херцеговина и Словенија кои се во неколкудневна работна посета на Охрид . Тие работат на расчистување на просторот во близина на хотел „Далјан“ од  отпад и градежен шут. Градоначалникот Пецаков им се заблагодари за нивниот ангажман и благородната општествена дејност со која се занимаваат и укажа на  неопходноста  до крајот на годината да се утврдат потребите на   охридските акцијаши   со цел  да бидат  предвидени средства  од општинскиот  буџет за наредната календарска  година.  Акцијашите  кои доаѓаат од бившите југословенски простори  беа воодушевени од убавините на Охрид  и приемот на градоначалникот и најверојатно работна акција кај нас ќе реализираат  и наредната година.            

ПРЕТСТАВНИЦИ НА АМЕРИКАНСКИОТ СОВЕТ НА МЛАДИ ПОЛИТИЧКИ ЛИДЕРИ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД

Претставници на Американскиот совет на млади политички лидери, денеска, беа во посета на Општина Охрид. Тие остварија средба со градоначалникот Кирил Пецаков, претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев и секретарот, Александар Китески. На средбата градоначалникот ги запозна гостите со начинот на функционирање на Локалната самоуправа и нејзините надлежности. Исто така градоначалникот ги запозна и со културно историските знаменитости на градот, како и со предизвиците со кои се соочува во насока на статусот на УНЕСКО. Во рамки на програмата за размена на Американскиот совет на млади политики лидери, во мај годинава градоначалникот Кирил Пецаков престојуваше во Соединетите американски држави.            

ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ПРИЈЕДОР – БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ОХРИД

 Делегација на Општина Приједор  од Босна и Херцеговина предводена од Претседателот на  градскиот Совет,  Мирсад Дуратовиќ  и  раководителот на општинскиот сектор за култура, Монја Касаловиќ, денеска  беше на прием кај  градоначалникот Кирил Пецаков. На работната средба се разгледуваа можностите за зајакнување на соработката меѓу Охрид и Приједор во повеќе општествени сфери пред се  туризам, култура и образование. Заеднички беше заклучено дека само со посредство на туристички оператор може да се донесат поголем број на босански туристи на охридската ривиера кои годинава се побројни во однос на претходните. Се разгледуваа и можностите  за размена на ученици, односно  средношколци од Охрид да зимуваат во Охрид, а ученици од Приједор да летуваат во нашиов град. На   состанокот се разгледуваа можностите за организирање „Охридска вечер“ во Приједор односно туристичка  и културна промоција на Охрид во Босна и Херцеговина како и заедничко настапување пред меѓународни фондови.            

ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИТЕ НА МАТУРАНТИТЕ ОД СОСУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, присуствуваше на  доделување на дипломите на матурантите од Средното економско училиште „ Св. Кирил и Методиј“ што синоќа свечено  се одржа на Долни Сарај. Во своето поздравно обраќање пред професорите, родителите и учениците, градоначалникот Кирил Пецаков истакна: – Огромно е задоволството и прекрасно е чувството да се присуствува на оваа свеченост на доделување дипломи  со која сите ние присутни сме сведоци на крајот на една животна епизода   на оваа младина и почеток на друга. Веќе утре вие ќе бидете на животната раскрсница од каде јасно ќе гледате неколку правци, дали сакате да го продолжите своето образование или ќе се насочите на изучување на некој занает. Одлуката е ваша и секако ќе биде добра во двата случаи само доколку не скршнувате од патот кој сте го зацртале. На својот иден пат кон успехот не заборавајте ги досегашните ваши професори. Заблагодарете им се за сето знаење што ви го предале. Да ја искористиме оваа прилика да им ја зајакнеме вербата во  благородната професија која ја работат, а е  една од најубавите во Светот. Голема привилегија е дадената можност –  знаењето  да се наследува и носи понатака во животот, а огромно е задоволството што можевме да го гледаме вашето растење и созревање во возрасни личности.  Секако улогата на вашите родители  за вие да бидете добри личности е огромна, не заборавајте го тоа и подарувајте им добрина, бидете чесни и вредни луѓе. Така ќе бидете горди на себе, а со вас ќе се гордееме сите ние и вашиот Охрид. Не е важно до која висина ќе стигнете. Во еден момент сигурно дека ќе се лизнете  надолу . Кога ќе паднете на дното, во ред е ќе се чувствувате лошо одреден период. Тогаш сфаќате дека вие го држите клучот затоа што грешките ве учат и ве прават посилен од она што претходно сте биле.  Запаметете нешто, неуспехот не постои. Неуспехот е начин на кој вашиот живот  се обидува да ве убеди да  го  промените правецот. Пратете ги своите соништа, останете верни на себе. Никогаш не следете никого  освен ако не сте се изгубиле. Дури и ако сте изгубени, а го гледате патот пред себе мора да зачекорите по него користејќи ги сите средства што ви се на располагање. Бидете искрени кон себе  и се ќе биде во ред.  Се што ќе правите во иднина правете го од срце, со љубов. Учете посветено, работете вредно, вложувајте се себеси во својата професија, сакајте го и бидете со своето семејство и тогаш повеќе од сигурно вие ќе бидете целосно изградена и успешна личност. До зачекорување во новиот Свет на возрасните ве оставам во добро расположение. Бидете здрави, среќни, позитивни и секогаш насмеани- рече градоначалникот Пецаков.                   

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ИМ ПОСАКА УСПЕШНА СЕЗОНА НА ОХРИДСКИТЕ РАКОМЕТАРИ

Градоначалникот Кирил Пецаков, денес, оствари средба со играчите, стручниот штаб и управата на Ракометниот клуб Охрид. На средбата градоначачникот Пецаков им посака успех во претстојната сезона, со желба да продолжат да бидат една убава слика на градот. Претседателот на клубот изрзи благодарност за поддршката што Општина Охрид ја на клубот и во знак на благодарност капитенот на клубот Крсте Андоноски му врачи дрес на градоначалникот со неговот име. На крајот од средбата сите заедно посакаа повторно да се сретнат во овој состав за да прослават  успех во натпреварувачката сезона.            

ОПШТИНА ОХРИД ЗАСТАНУВА ЗАД ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ОХРИДСКОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Општина Охрид ќе обезбеди 2 милиони денари од општинскиот буџет за организација на овогодинешното издание на Охридскиот пливачки маратон. Градоначалникот Кирил Пецаков на денешната прес конференција истакна дека е неизмерно среќен поради тоа што во многу кусо време е поведена иницијативата и донесено е решение за проблемот, околу организацијата на оваа значајна спортска манифестација за Охрид и Република Македонија. – Охридскиот пливачки маратон, не е само спортска манифестација. Тој е многу повеќе од тоа. Тој е чувство, сентиментално вкоренето во секој охриѓанец. Радосен сум бидејќи Охридски пливачки маратон ќе има, иако пред нас се исправија големи препреки. Водени од помислата дека маратонот опстоил 60 години, опстоил и во можеби многу потешки времиња од сегашните, во него животен труд вложиле плејада охриѓани, успеавме да ги надминеме препреките, рече градоначалникот Пецаков. Според него Охридскиот пливачки маратон е традиција, а токму традициите се работите кои ги одржуваат луѓето во тешки мигови. Тој упати благодарност до сите поединци и компании кои ја понудиле својата помош и потенцираше дека сите оние кои на било каков начин ќе бидат вклучени во годинешната организација, ќе бидат јавно соопштени. – Најголемата среќа за мене е тоа што во текот на вчерашниот ден буквално телефонот не престана да ѕвони и многу охриѓани и успешни бизнисмени па дури и бизнисмени од други градови, се понудија да помогнат околу организацијата на маратонот. Оваа желба и порив која се роди кај самите охриѓани кои се вљубеници во пливањето и секако во пливачкиот маратон ни дава за право да кажеме дека оваа манифестација нема да згасне и дека иднината на маратонот ќе биде светла, рече Пецаков, искажувајќи надеж дека популарноста на маратонот ќе биде зголемена како резултат на актуелните случувања. Градоначалникот најави дека во текот на наредните денови ќе биде формиран организационен одбор кој ќе се погрижи за сите технички и логистички подготовки, за оваа манифестација да биде организирана по сите предвидени стандарди. Тој најави дека Локалната самоуправа и Советот на Општина Охрид и од наредната година ќе застанат зад организацијата на маратонот со иста, па дури и со поголема поддршка. Претседателот на Агенцијата на млади и спорт Наумче Мојсоски објасни дека агенцијата ќе го обезбеди наградниот фонд за маратонот во износ од 10.000 евра. Тој најави дека поради потребното време за целокупната организација на маратонот и намерата истиот да не се поклопи со слични пливачки настани во други земји, овогодинешниот пливачки настан во Охрид, најверојатно ќе се одржи во текот на првата половина на месец септември, а како можни датуми беа посочени 10-ти или 11-ти септември. Мојсоски упати апел до сите љубители на спортот и до граѓаните да се вклучат во поддршката на маратонот, да бидат дел од публиката и да ја вратат масовноста на настанот.