Ohrid.gov.mk

ХУМАНИТАРНА БОЖИЌНА АКЦИЈА „ЦРВЕН ТЕПИХ НА ХУМАНОСТА“

Градоначалникот Кирил Пецаков донираше хуманитарни пакети во рамки на акцијата „Црвен тепих на хуманоста“ која се организираше денеска во пресрет на Божиќните празници за помош и поддршка на социјално ранливите категории. Втора година по ред, поради пандемиските мерки и протоколи за заштита, наместо традиционалните Бадникови поворки на радост се организираат хуманитарни акции за помош на лицата кои се погодени од кризата и имаат егзистенцијални проблеми. Целта на акцијата е ширење на божиќната радост, топла празнична атмосфера и човекољубие. Градоначалникот Пецаков истакна дека ваквите настани треба да бидат поттик за поголема хуманост и личен пример за солидарност. Тој потенцираше дека Општина Охрид во рамки на своите можности ќе продолжи да обезбедува помош за ранливите категории на граѓани и да поддржува вакви настани.    Во хуманитарната акцијата која се одржа на градски плоштад„ Св.Климент Охридски“ се вклучија дечиња од основите училишта, голем број хумани граѓани и фирми. Беше донирана голема количина на нерасиплива храна која ќе биде поделена на семејствата со социјален ризик.          

МАШКО ДЕТЕ Е ПРВОТО НОВОРОДЕНЧЕ ВО 2022 ГОДИНА

Здраво машко дете е првото новороденче во Новата 2022 година. Новороденчето, денес, го посети градоначалникот Кирил Пецаков, кој го дарува со пригодни подароци. Градоначалникот Пецаков упати честитки до семејството Миткоски за нивната принова и им посака да бидат здрави, среќни и успешни, а новороденчето да  израсне  во среќен и успешен човек. Тој упати честитки и до лекарскиот тим задолжен за породувањето, докторите, Катерина Попоска, Владо Уситјаноски, анестезиологот Јован Недески, педијатарот Весна Паскали и до целиот медицински персонал. Новороденото дете е тешко 3 килограми и 70 грама и долго 52 сантиметри. Породувањето било со царски рез во 09 и 45 минути. Бебето и мајката се во добра состојба.        

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ НОВАТА ГОДИНА ЈА ДОЧЕКА НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД

Во прекрасна атмосфера и расположение, градоначалникот Кирил Пецаков, заедно со охриѓани и гостите Новата 2022 година ја дочека на Градскиот плоштад. – Мои охриѓани и драги гости, кои вечерва Новата година ја прославувате тука со нас Ви посакувам 2022 година да Ви биде исполнета со здравје пред се за Вас и Вашите најблиски, личен успех и благосостојба. Среќата нека Ви биде составен дел од секоја минута. Бидете здрави, весели и насмеани! Среќна Нова 2022 година! – рече градоначалникот Кири Пецаков. За забавата на Градскиот плоштад се погрижија бројни охридски естрадни уметници. Од Градскиот плоштад, градоначалникот, замина во посета на дежурните служби кои се грижеа за безбедноста и здравјето на граѓаните и гостите во празничната ноќ. Тој ги посети СВР Охрид, Територијалната против пожарна единица и Брза помош Охрид. Градоначалникот им ја честиташе Новата година со желби за здравје, успех и благосостојба, и им посака да имаат мирна ноќ без проблеми.          

НОВОГОДИШНА ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ОХРИД КИРИЛ ПЕЦАКОВ

Со желби следната година да биде подобра, посреќна, побезбедна и попросперитетна, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, Ви ги честита Новогодишните празници…   [vc_row][vc_column][vc_video link=”https://youtu.be/GejMT698Yjo”][/vc_column][/vc_row]      

ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ЗА КАТОЛИЧКИ БОЖИЌ

 Градоначалникот на  Охрид, Кирил Пецаков  им го честита Христовото раѓање – Божиќ на сите христијани кои  слават по Грегоријански календар.   – На сите граѓани со католичка вероисповед им го честитам  најголемиот  и најрадосниот христијански празник – Божиќ  со желба да го поминат во здравје и радост опкружени со најмилите. Во духот на толеранцијата и меѓусебното почитување  на сите нас овој празник нека не потсети дека во себе носиме  љубов и радост нека ги поттикне и зацврсти мирот и  солидарноста  во Светот полн со предизвици.  Делете радост и помагајте им на сите оние  на кои тоа им е потребно потсетувајќи се на непроценливите вредности на меѓусебното почитување и разбирање. Само сложни и единствени со позитивна мисла и напредни идеи  на кои се темелат добрите проекти  можеме да градиме здраво и напредно општество  кое ќе биде заеднички дом   за сите нас.   Искрено ви посакувам мир, среќа, радост и благосостојба.  Овој голем Христијански празник нека ни донесе надеж за подобро утро за сите граѓани на Охрид и Република  Македонија- стои во Честитката на градоначалникот Пецаков  за католички Божиќ.        

ОТВОРЕНА ПРВАТА СЕНЗОРНА ГРАДИНА ВО ОУ „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“

ОУ „Григор Прличев“ е првото училиште во Охридско-струшкиот регион кое доби сензорна градина, како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го имплементира Фондацијата „Чекор по чекор“ со поддршка на ХАЛК банка. На пригодната свеченост за промоција на проектот, свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков кој истакна дека сензорната градина, значително ќе ги подобри условите и ќе овозможи поголема инклузивност за учениците со типичен и атипичен развој. – Сензорните градини се новитет во нашата држава и затоа се радуваме што во ОУ „Григор Прличев“ веќе има вакво опремено катче. Градината нуди широк спектар на сензорната стимулација и со нејзиното користење ќе се подобри пристапноста до образовните програми за сите ученици, истакна градоначалникот Пецаков. Тој упати голема благодарност до креаторите и поддржувачите на проектот со надеж за идна заедничка соработка. – Овој проект нека биде поттик и нека служи како добар пример за останатите општествено одговорни компании, да се вклучат и да дадат придонес во активности кои се од големо значење за заедницата. Водени од политиките за осовременување на условите за образование, Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена за соработка и поддршка на вакви проекти, кои имаат за цел да обезбедат услови за поголемо вклучување на учениците со попреченост во редовна настава и кои овозможуваат еднакви можности за секое дете, независно од неговите образовни потреби, потенцираше градоначалникот Пецаков. На настанот се обрати и генералниот извршен директор на „Халк банка“ АД Скопје, Билал Суџубаши, кој искажа големо задоволство што како компанија дале придонес во реализација на проектот, кој има за цел да создаде безбедна и пристапна училишна средина за сите деца. По сензорната градина во Охрид, до крајот на календарската 2021 година во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ ќе бидат промовирани уште две вакви инклузивни катчиња во нашата држава.        

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ПРИСУСТВУВАШЕ НА СРЕДБА СО ФУДБАЛСКИТЕ ШКОЛИ

ЈП “Билјанини Извори”, денес, реализираше работна средба со сите фудбалски школи кои користат услуги на СРЦ “Билјанини Извори”. Состанокот со фудбалските школи се реализира на иницијатива на јавното претпијатие и на истиот присуствуваше и Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.  На состанокот се разговараше околу досегашната соработка со фудбалските школи како и околу идните планови и приоритети за заедничко делување. Спортот и спортските клубови, школи се висок приоритет во тековното работење на претпријатието и Градоначалникот Пецаков така што и во иднина ваквиот начин на комуникација и еден вид на соработка ќе продолжи и со другите правни субјекти кои ги користат услугите на претпријатието со цел да се слушни гласот на спортските работници и да се етаблира конструктивен начин на соработка.             

ЈАВНАТА УСТАНОВА НАЦИОНАЛЕН ПАРК ГАЛИЧИЦА ВАЖЕН ДЕЛ ОД ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ОХРИД

Градоначалникот Кирил Пецаков, денес, беше во посета на ЈУ „Национален парк Галичица“. На средбата, вработените го информираа за начинот на функционирање на институцијата, како и за тековните активности. Дискутирани беа можностите за подготвување на заеднички апликации во ЕУ фондовите и соработка во насока на зачувување на статусот на УНЕСКО и заштитата на Националниот парк. Градоначалникот изрази подготвеност за целосно вклучување во сите процеси кои се однесуваат на градот.                

ПРЕЗЕНТИРАНА ФИНАНСИСКАТА СОСТОЈБА НА ОПШТИНА ОХРИД

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на денес одржаната прес конференција  информира за затекнатата финансиска состојба на општината и јавните претпријатија. – Во насока на оправдување на довербата што охриѓани ми ја дадоа, имам обврска да ги информирам за состојбите на Општина Охрид и Јавните претпријатија. Вкупниот долг на Општина Охрид изнесува 856,831,830,00 денари. Во 2019 година , после финансиската помош од Владата на Република Македонија за раздолжување на Општина Охрид , долгот изнесувал  530,000,000.оо денари. Слична е состојбата и во Охридските јавни претпријатија. Тие вкупно  должат  497,600,819.оо денари  или околу 8 милиони евра. Комулативно  долгот на  општината и сите општински јавни претпријатија изнесува  1, 354,432,649.00 денари или околу 22 милиони евра– рече градоначалникот Пецаков.   Кај јавните претпријатија „лидер“ во задолжување  е ЈП „Водовод“- Охрид  со долг од 309,345,403.оо денари, од кои 244,989,712.оо денари е долг кон ЈП „Колектор“ од делбениот процес, а од основањето генериран долг од самото ЈП е 61,640,880.оо денари. Веднаш потоа е  ЈП „Билјанини извори“ со долг од 78,198,322.00 денари.  ЈП „Охридски комуналец“ должи  60,000,000.оо денари, ЈП „Нискоградба“ 46,657,094.оо денари,  ЈП „Градски пазар“ должи  2, 400,000.оо денари, а ЈП „Градски гробишта“ 1,000,000.оо денари.             

ПРЕКУ ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ ЌЕ СЕ ОПЛЕМЕНУВА ДЕЛ ОД ПОРАНЕШНАТА КАСАРНА

Евроамбасадорот Дејвид Гир, денес, беше во посета на Охрид. Тој, заедно со градоначалникот Кирил Пецаков, го посетија просторот на поранешната касарна, каде што предвидено е да се имплементира проектот „OHRID Go“. Проектот „OHRID Go“  е финансиран од страна на Европската Унија  преку програмата EU for Municipalities. Вредноста изнесува 716.766,оо евра, а во рамки на проектот предвидена е реализација на Smart Ideas Hub, односно Старт – ап центар, Адреналински парк и Pump Up патека, како и Smart City Bike System каде ќе бидат набавени 60 смарт велосипеди, кои ќе бидат поставени на 10 докинг станици (паркиралишта), со што населението и посетителите на иновативен начин, преку посебна апликација ќе можат да ги користат во градот и околината. Воедно во рамки на проектот ќе биде изработена генерална физибилити студија со акционен план за долгорочен развој на поранешната касарна, која се предвидува да прерасне во технолошко-рекреативна зона. – Соработката на проектот „OHRID GO“ се надевам претставува само почетокот на понатамошната соработка како Локална самоуправа и ЕУ, во насока на користење на европските фондови и унапредување на соработката во сите сектори каде има можност. Како општина сме подготвени во наредниот период нашите работи да ги сервисираме и одржуваме, а секако се тоа што е битно и можеме да го добиеме како поддршка од страна на европските фондови сме подготвени да ги искористиме. Затоа во наредниот период ќе работиме многу, бидејќи многу малку како држава користиме од средствата кои ни се нудат овие фондовите. Кога тие ни се тука на дофат, наша работа е да проектираме и да аплицираме со подготвени проекти и да имаме успешни апликации во насока да подобриме нешто, било да е тоа инфраструктура, подобри услови за живот на младите, зголемување на спортските содржини, подигнување на свеста за животната средина, екологијата, заштита на еко системите, истакна градоначалникот Кирил Пецаков. Евроамбасадорот Гир истакна дека ЕУ е подготвена и понатака да поддржува развојни проекти кои се во насока на обезбедување подобри комунални услуги на граѓаните, исполнување на зелената агенда, заштитата на животната средина, како и за младите луѓе да можат да дадат придонес во општеството. – Токму во таа насока разговараме во врска со Младинскиот центар, иновативниот центар односно Центар за иновации во општина Охрид за кој мислиме дека е многу важен центар каде младите ќе може да креираат и да излегуваат со изуми и иновации кои ќе придонесат во локалната економија. Како ЕУ со нетрпение очекуваме силна соработка со општинските власти се со цел да создадеме позелен и поиновативен град Охрид, рече Евроамбасадорот Ричард Гир. Претходно Градоначалникот и Евроамбасадорот имаа средба во Општина Охрид, каде освен за актуелните теми поврзани со УНЕСКО, разговараа и за проектите кои Локалната самоуправа ги имплементира и подготвеноста за изработка на проекти со кои ќе се аплицира во ЕУ фондовите. Евроамбасадорот уште еднаш ја изрази својата поддршка за реализацијата на активностите во насока на имплементирање на препораките од УНЕСКО и го поздрави активното учество на општината во изработката на актуелните планови кои се однесуваат на езерското крајбрежје и  Студенчишкото блато.