Градоначалникот Кирил Пецаков донираше хуманитарни пакети во рамки на акцијата „Црвен тепих на хуманоста“ која се организираше денеска во пресрет на Божиќните празници за помош и поддршка на социјално ранливите категории.

Втора година по ред, поради пандемиските мерки и протоколи за заштита, наместо традиционалните Бадникови поворки на радост се организираат хуманитарни акции за помош на лицата кои се погодени од кризата и имаат егзистенцијални проблеми. Целта на акцијата е ширење на божиќната радост, топла празнична атмосфера и човекољубие.

Градоначалникот Пецаков истакна дека ваквите настани треба да бидат поттик за поголема хуманост и личен пример за солидарност. Тој потенцираше дека Општина Охрид во рамки на своите можности ќе продолжи да обезбедува помош за ранливите категории на граѓани и да поддржува вакви настани.   

Во хуманитарната акцијата која се одржа на градски плоштад„ Св.Климент Охридски“ се вклучија дечиња од основите училишта, голем број хумани граѓани и фирми. Беше донирана голема количина на нерасиплива храна која ќе биде поделена на семејствата со социјален ризик.