Ohrid.gov.mk

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ ОСТВАРИ СРЕДБА СО МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ИРЕНА СТЕФОСКА

Денес, на работна средба со градоначалникот Кирил Пецаков, беше Министерката за култура Ирена Стефоска. На средбата беше разговарано за активностите што се реализираат како и за активности кои треба да се преземат во насока на зачувување на статусот заштитено подрачје од УНЕСКО. Градоначалникот ја информираше Министерката за чекорите кои што Локалната самоуправа ги презема и за средбите што ги остварил со претставници на институции поврзани со оваа тематика. Министерката за култура, истакна дека Министерството целосно стои на располагање на Општина Охрид за сите активности кои треба да се преземат и дека ќе учествува во посредување на остварување средби помеѓу градоначалникот и сите релевантни институции од државата и странство. Беше констатирано дека од заеднички интерес е да се продолжи со веќе воспоставената практика во исполнувањето на препораките од УНЕСКО.          

АКАДЕМИК КОЦАРЕВ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ПАТРОН НА ГРАДОТ ОХРИД“

Академик Проф. д-р Љупчо Коцарев е годинешен добитник на највисоката општинска награда Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид“  за 2021 година. На прес конференција  градоначалникот Кирил Пецаков  образложи  зошто наградата  му е доделена  токму него.   – Охрид за нас и за Светот  е посебен не само заради своите уникатни, природни и културни вредности туку и заради многумината исклучителни поединци кои со своите корени се цврсто поврзани со Охрид, но плодовите на својата животна мисија  му ги подариле на целиот Свет и на генерациите  кои доаѓаат по нив. Речиси секоја генерација  има по некој таков современик…. По наше длабоко уверување   еден  од нив  е  годинешниот добитник на   највисоката и најпрестижна  наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид“,  академик Љупчо Коцарев. Што може да се каже за оваа авангардна личност освен дека е нашиот  најпознат и најпризнаен интелектуалец, еден од најцитираните автори, професори, научници, човек кој  многу одамна застанал во  одбраната на интересите на Македонија.  Неговиот импозантен лик и дело не прават  среќни  и горди на сите нас. Академик Љупчо Коцарев е по потекло од Охрид. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје , магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот  за физика  на Природно – математичкиот факултет  во Скопје. Неговата богата наставно- научна дејност  почнува на Електротехничкиот факултет во Скопје, продолжува на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего- САД, а студиски престои остварува  во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија. Неговите публикации  се цитирани  илјадници пати  исто како  и превземањата на текстовите од книгите кои ги едитирал.  Научниот интерес е широк  во областите на физиката, техничките и компјутерските науки. Фасцинира бројот на публикации  објавени во часописи  со фактор на влијание,во зборници  на рецензирани трудови. Едитор е на  шест книги и автор на шест патенти одобрени во САД и Европа.  Академик Коцарев е редовен член  на МАНУ од 2007, а во ноември  2019 година е избран за претседател на МАНУ. Најдобра илустрација за неговата важност  во Светот на науката е што престижниот универзитет  Стенфорд  го ставил на листата на најдобри топ научници на сите времиња од сите области – рече градоначалникот Пецаков.   До стручната комисија во состав Перчо  Божиноски- претседател и членовите: Проф. д-р Виолета Ачкоска, Проф. д-р Сашо Коруноски, проф. д-р Димитар Пандев и Горан Стојаноски пристигнаале шест апликации за највисоката општинска награда  „Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид“. Комисијата едногласно пратила до градоначалникот Предлог добитник на наградата да биде токму ценетиот академик Коцарев,  кој за наградата беше предложен и поддржан  од  видни и истакнати  доктори на науки, професори, уметници, писатели и истакнати охриѓани.          

МАПИРАНИ ПРОБЛЕМИТЕ И ПОТРЕБИТЕ НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО ОПШТИНА ОХРИД

По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3-ти декември денеска во Општина Охрид се одржа презентација на Извештајот од истржувањето „Мапирање на проблемите и потребите на децата/лицата со посебни потреби во Охрид“ кое го реализираше Здружението за воспитно образовна психо-социјална поддршка „ВОПС“ со финансиска поддршка на Општина Охрид. Во рамки на настанот свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков кој искажа  своја лична заложба и подготвеност на локалната власт да даде безрезервна поддршка во насока на обезбедување на достојни услови за живеење за оваа категорија граѓани. – Не е доволен само еден ден во годината за да им се посвети внимание на лицата со посебни потреби. За остварување на нивните права во сите сфери на живеењето, треба да бидеме посветени секој ден. Токму затоа, општина Охрид во континуитет продолжува да дава поддршка и да имплементира проекти кои овозможуваат социјална правда и сигурност за овие лица и за нивните семејства. Во согласност со општинските програми и законските регулативи за социјална заштита, овозможуваме поддршка на здруженијата и иницијативите кои се во насока на поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството.   Ја продолжуваме програмата за образовни асистенти, со која се овозможува поефикасно спроведување на воспитно образовниот процес на децата со лесна и средна попреченост кои посетуваат редовна настава. За претстојната 2022 година со средства од општинскиот буџет планирана е имлементација на проектот „Персонална асистенција за лица кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост“. Проектот подразбира ангажирање на лични асистенти за лица кои се со тешка нарушена мобилност и овозможува помош на овие лица и нивните семејства во домашни услови, рече меѓудругото градоначалникот Пецаков. Тој истакна дека локалната самоуправа продолжува да го поддржува функционирањето на дневниот центар за лица со попреченост ,,Зраци” и дневниот центар за лица со попреченост кој работи во рамки на црквата „Свети Ѓорѓија“. Исто така, градоначалникот во своето обраќање посочи дека Општина Охрид останува посветена на креирање на проекти и обезбедување на меѓународна помош за отстранување на сите бариери на локално ниво за лицата со попреченост, поголема мобилност и пристапност до сите општински и образовни институции, како и обезбедување на соодветна инфраструктура.            

ИЗВЕДБА НА НОВА ВОДОВОДНА ЛИНИЈА НА УЛИЦАТА “БРАНКО ШОТРА”

Екипи на ЈП „ВОДОВОД“ Охрид започна со реконструкција односно изведба на нова водоводна линија на улицата „Бранко Шотра“. Увид за текот на градежните активности изврши градоначалникот Кирил Пецаков. Со цел подобрување на квалитетот во водоснабдувањето, се поставува нов цевковод од полиетиленски материјал со профил ф63мм во должина од 50м, вклучувајќи и поединечно  преприклучување на сите објекти од улицата во новата линија. Средствата за реализација на изведбата се обезбедени од буџетот на Општина Охрид.          

ОДРЖАНА СРЕДБА ПОМЕЃУ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКА КОМОРА БРАНКО АЗЕСКИ

Денеска, градоначалникот Кирил Пецаков оствари средба на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески. На средбата претседателот Азески му го честиташе изборот за нов градоначалник на Охрид и му посака успех во неговата работа. Се разговараше и за прашањата поврзани со децентрализацијата, потенцијалите за заеднички проектни активности во рамки на програмите на ЕУ, Коморскиот инвестициски форум и другите меѓународни организации. Охрид, како најголем туристички центар има одлична соработка со здружението на угостителството и туризмот при СКСМ и затоа ќе се вложат дополнителни напори за продлабочување на соработката во оваа област. Туризмот, во заложбите на Комората, има приоритетно место во добивањето на статус на извозно-ориентирана дејност, со што конкретно ќе се смени и односот на државата кон гранка која има потенцијал да направи раст. Во тој контекст, посебно се разговараше за здравствениот, алтернативниот и спортскиот туризам коишто не можат да достигнат повисоко ниво, доколку не дојде до брза реализација на инфраструктурните проекти, како што е завршувањето на изградбата на автопатското решение Кичево- Охрид и меѓународниот магистрален пат Охрид- албанска граница. Здравствениот туризам, како тема за која Охрид можеше да биде горд во седумесеттите години на минатиот век, со неколку специјализирани болници, сконцентрирани на едно место, е нешто на кое треба да се работи во наредниот период, затоа што тоа реално може да придонесе за повеќекратни ефекти, и од здравствен и од економски аспект – заклучија Азески и Пецаков. Во рамки на постојаните залагања за афирмирање на занаетите и унапредување на практичните знаења и активности во рамки на средното стручно образование кај нас, претседателот Азески потсети на иницијативата за афирмирање на длабокорезбарската школа во Охрид, која за градот може да донесе дополнителен економски бенефит, а истовремено да биде и значајна туристичка атракција. На средбата се разговараше и за можностите за привлекување нови странски инвестиции во регионот, како и одржување на постојните, во насока на поголема економска активност и поголем број нови вработувања.        

ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА БУЛЕВАРОТ „МАКЕДОНСКИ ПРОСВЕТИТЕЛИ“

Од денес почнаа градежните активности за реконструкција и уредување на Булеварот „Македонски Просветители“. Со проектот предвидено е да се изврши реконструкција на двете коловозни ленти кои меѓусебно ќе бидат одвоени со зелен појас. Предвидено е паркирањето на булеварот да биде косо под агол од 45 степени по една страна. Исто така со проектот е опфатена и изградба на велосипедска патека која ќе биде двонасочна и две пешачки патеки. – Денеска започнуваме со изградба на булеварот „Македонски Просветители“ којшто документационо беше завршен во изминатиот период. Во моментов ќе тендерираме само уште две работи кои не беа завршени со документација. Рокот е 6 месеци, во кои ние тековно ќе ги средиме сите потребни документи и тендерот за осветлување и со тоа ќе имаме комплетно булеварско решение со осветлување, двосмерна велосипедска патека, пешачки патеки од двете страни и нов коловоз, истакна градоначалникот Кирил Пецаков. Изведувач на градежните зафати е АД „Илинден“, а вредноста на проектот изнесува околу 38 милиони денари.            

СЕ ПОПЛОЧУВА ТРОТОАРОТ НА УЛИЦА „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

Градоначалникот, Кирил Пецаков денеска беше на увид на улица „Марко Цепенков“ каде започнаа градежните активности за реконструкција на тротоарот. Во моментов се поставуваат бехатон плочки  во должина од 400 метри на потегот од „Стобекс“ до кружниот тек на пресекот меѓу улиците „Марко Цепенков“ и  „Момчило  Јорданоски“.      

ЗАПОЧНА РАСЧИСТУВАЊЕТО НА ДИВАТА ДЕПОНИЈА КАЈ „ЈОРДАН МИЈАЛКОВ“

По налог на градоначалникот Кирил Пецаков, денеска започна акцијата  за расчистување на дивата депонија на улицата „Јордан Мијалков“ во Охрид. Екипи на фирмата „Победа“ од Ботун се ангажирани на подигнување на градежниот шут и друг вид отпад  што граѓаните нелегално го депонираат на оваа јавна површина. Градоначалникот Пецаков  при  денешната теренска  посета упати апел до своите сограѓани да не го фрлаат отпадот на несоодветни места и да не создаваат диви депонии  со цел да имаме убав и чист Охрид. Отпадот и градежниот шут ќе се депонираат на соодветни локации.  ПРЕД активностите за чистење ВО ТЕК  на активностите за чистење      

ЗАМЕНИК АМБАСАДОРОТ НА ГЕРМАНИЈА ОТО ГРАФ БЕШЕ ВО ПОСЕТА НА ОХРИД

Во посета на Охрид, на средба со градоначалникот Кирил Пецаков, беше заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор во Германската амбасада, Ото Граф. На средбата беше разговарано за значењето на странските инвестиции во Охрид, како и за можноста за привлекување на нови.  Градоначалникот ја истакна важноста и задоволството од соработката со постоечките германски инвестиции во Охрид, како и поддршката на амбасадата во реализација и финансирање на проекти. „Амбасадата и градот Охрид имаат долгогодишна соработка, а во последните години во економската соработка се вклучени и поголеми германски инвеститори од автомобилската индустрија. Исто така конзорциумот предводен од средното стручно училиште Св. Наум Охридски преку програмата Regional Challenge Fund ќе биде финансиран со грант од германската влада. Со општина Охрид со задоволство и во иднина тесно ќе соработуваме“, истакна г-дин Граф. Заеднички беше потврден добриот меѓусебен однос, но и заложбата за продлабочување на соработката, особено во делот на проектите што се финасираат од амбасадата и ЕУ фондови.   „Од големо значење за општина Охрид е добрата меѓусебна соработка што ја имаме со амбасадата на Сојузна Република Германија, особено во делот на германските инвестиции. Благодарни сме за поддршката од германската влада особено во образованието каде преку соработка со германските инвестиции се набавува современа опрема за училишната работилница во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски““,  рече градоналаникот Пецаков. Градоначалникот го запозна заменик амбасадорот  со приоритетните проекти за Охрид кои треба да се реализираат во идниот период. Исто така, беше разговарано за препораките од УНЕСКО и потребата да се продолжи по веќе трасираниот пат.        

ГРАДОНЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ВО ОБИКОЛКА НА ТЕКОВНИТЕ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска направи увид на дел од градежните активности за подобрување на комуналната инфраструктура кои се реализираат со средства од буџетот на Општина Охрид. Беше извршена посета на новоизградениот резервоар за вода во село Подмоље, каде што градежните активности се во финална фаза и се поставува нов цевковод. Резервоарот има капацитет од 100 метри кубни и со неговото ставање во функција ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на жителите од ова населено место. Вредноста на проектот е 3.117.752 денари. Исто така, градоначалникот Пецаков направи увид на активностите за изградба и уредување на коритото на реката „Сушица“, на улица „Српница“, од пресекот со улица „15-ти Корпус“ во должина од околу 200 метри. Вкупната инвестиција за овој проект изнесува 4,2 милиони денари. За изведување на градежните активности на двете локации ангажирана е фирмата ДОО „Бокоп“.