КОНКУРС ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА КАНДИДАТИ ЗА БЕСПЛАТНИ КУРСЕВИ
Врз основа на член 50 став 1 точка 16 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на Р.М.“ бр. 5/02) и член 34 од Статутот на Општина Охрид (Сл. гласник на Општина Охрид бр. 8/07 и 1/08), Градоначалникот на Општина Охрид објавува КОНКУРС за пријавување на кандидати за бесплатни курсеви Со цел стимулирање на социјалната интеграција на невработените лица и подобрување на нивните квалификации за идно вработување, општина Охрид согласно Годишната програма на одделението за локален економски развој за 2022 година, во која се предвидени: “Активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд”, распишува конкурс за спроведување на бесплатни курсеви за: сметководство; дактилографија на компјутер; курс за ЦНЦ машини; основен курс за компјутери; officeканцелариски курс; вонредно дооформување на образование на возрасни само за социјално загрозени лица; ракувачи на парни котли; монтер на нисконапонски инсталации; козметичар; професионално шминкање; слаткар и германски јазик А1/1. 1. Услови за доделување бесплатен курс Предност на пријавување за овие курсеви имаат лицата кои се со статус на невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување Охрид, евидентирани како лица кои активно бараат работa и социјално загрозени лица кои ќе достават потврда од Центар за социјални работи, но и вработени кои сакаат да се докфалификуваат и прекфалификуваат. Курсевите ќе започнат доколку се оформи група од 10-15 учесници. Општина Охрид го задржува правото некој од курсевите да не се реализира доколку нема заинтересираност. Изборот на учесниците ќе биде по принципот “Прв дојден, прв услужен”. 2. Начин на пријавување Кандидатите кои се пријавуваат на Конкурсот, треба да ги пополнат потребните обрасци поставени на интернет страната www.ohrid.gov.mk. Со Пријавата потребно е да достават и : Изјава за лични податоци; Изјава потпишана од кандидатот дека доставените документи се вистинити и дека истиот не посетува таков курс од друга институција или фирма. За курсот вонредно дооформување на образование на возрасни кој е само за социјално загрозени лица треба да се достави и потврда од Центар за социјални работи. Пријавените учесници треба да имаат завршено средно образование. Рок на пријавување Потребните документи кандидатите треба да ги достават најдоцна 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот на адреса: ОЈУ ОГУ за доживотно учење “ Кузман Шапкарев” Oхрид, ул.Туристичка бр. 79 – Охрид, во затворен коверт со назнака „Конкурс за пријавување на кандидати за бесплатни курсеви” или во Архивата на ОЈУ ОГУ за доживотно учење “ Кузман Шапкарев”секој работен ден од 08 до 14 часот, тел. за контакт 078/619-742. Документите на кандидатите кои се некомплетни и ненавремено доставени нема да бидат разгледувани.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ НА СРЕДБА СО ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ТУРИСТИЧКО – УСЛУЖНИОТ СЕКТОР
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, денеска одржа работна средба со претставници од угостителскиот и чаршиски еснаф, ХОТАМ, Занаетчиската комора и Здружението на туристички водичи. Целта на средбата беше изнаоѓање решение за проблемот со кој туристичко- услужниот сектор се соочува откако стапи во сила Законот според кој недела е неработен ден за сите. На средбата беше заклучено дека градоначалникот ќе застане и ќе го поддржи заедничкиот официјален документ на сите даватели на туристички услуги и ќе лобира до надлежните владини институции со цел да има измени или отстапувања од Законот според кој недела е неработен ден. Измените би се однесувале за лицата кои работат во туристичко – угостителските и продажни дејности во туристичките центри во државава кои во период мај – октомври би работеле и во недела. – Во периодов што следи сите засегнати страни треба да донесат заеднички заклучок кој општина Охрид ќе го поддржи . Со него ќе се обратиме до релевантните владини институции и надлежната комисија со цел да се најде решение на проблемот што Охрид го има како туристички центар,а се однесува на неможноста да се работи во недела. Би сакал да излеземе во пресрет како општина . Лично ќе учествувам како посредник во тој процес со цел да имаме не само задоволни туристи туку и вработени лица кои се даватели на услуги во туристичката дејност. Факт е дека Охрид е посетуван град не само во туристичката сезона туку и вон неа и тоа во денот недела. Посетителите се домашни но и гости од соседството . Верувам дека со заеднички напори и засегнатите дејности, ние како општина и Владата на Република Македонија ќе најдеме заедничко решение кое ќе биде задоволувачко за сите– изјави непосредно по средбата охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков. Претставниците од различните туристичко- услужни дејности ја поздравија иницијативата на градоначалникот за денешниот состанок, тие посочија дека со законското решение недела да биде неработен ден за сите, не трпат само тие како поединечни дејности туку и градот Охрид како туристички центар затоа што посетителите кои со организирани тури доаѓаат во градов кога во недела ќе се соочат со затворени продажни места заминуваат на ручек или шопинг во соседна Албанија.
ЈАВЕН ПОВИК ЗА ОТКУП НА ФОТОГРАФИИ СО МОТИВИ ОД ОХРИД
Согласно Г2 програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2022 година, Секторот за Туризам и ЛЕР при општина Охрид објавува: ЈАВЕН ПОВИК ЗА ОТКУП НА ФОТОГРАФИИ СО МОТИВИ ОД ОХРИД (културни, историски и природни убавини) Предмет на Јавниот повик е откуп на фотографии со мотиви од Охрид (културни, историски и природни убавини) согласно Г2 програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2022 година.
ПОКАНА ЗА ЈАВНА ДЕБАТА СО ЗAИНТЕРЕСИРАНИ ЖИТЕЛИ ОРГАНИЗИРАНА ВО РАМКИ НА ПРОЕКТОТ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР (ПСЕЕП), ПРЕДВИДЕН ВО КОМПОНЕНТА 1 а) ИНВЕСТИЦИИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ОПШТИНИТЕ
Во рамките на проектот (ПСЕЕП), oпштина Охрид поднесе проектни фишеа за финансирање на изработка на проектно техничка документација и финасирање на инвестициски проекти за енергетска ефикасност за неколку објекти, при што беа прифатени следните под-проекти: Реконструкција на ООУ Христо Узунов со ЕЕ мерки Реконструкција на ООУ Братство Единство-Лескајца со ЕЕ мерки Реконструкција на ООУ Св. Климент Охридски со ЕЕ мерки Со цел успешна имплементација на прифатените под-проекти, општина Охрид организира јавна дебата на која се поканети директорите, членовите вo Советот на родители во секое од училиштата, родители на ученици кои посетуваат настава во наведените училишта, вработени во училиштата, НВО, медиуми, жители кои гравитираат во урбаните заедници на чие подрачје ќе се спроведуваат под-проектите и други зинтересирани страни и ранливи групи/поединци со цел да се запознаат со активностите кои се предложени за финансирање во рамки на горенаведените три под-проекти. На јавната дебата сите граѓани кои ќе се присутни се поканети да дадат свое мислење, сугестии и предлози за надополнување на веќе предложените активности. Воедно, на самата јавна дебата ќе се формира Одбор на корисници кој ќе се состои од минимум три членови, при тоа водејќи сметка за родовата еднаквост на Одборот за секој од под-проектите. Одборот на корисници ќе биде вклучен во текот на планирањето и реализацијата на под-проектите за што детално ќе бидат информирани за време на јавната дебата. Јавната дебата ќе се одржи во петок, на 21 јануари 2022 година, во големата сала на општина Охрид со почеток во 10 h.
ПРЕКУ ЕВРОПСКИ ФОНДОВИ ЌЕ СЕ ОПЛЕМЕНУВА ДЕЛ ОД ПОРАНЕШНАТА КАСАРНА
Евроамбасадорот Дејвид Гир, денес, беше во посета на Охрид. Тој, заедно со градоначалникот Кирил Пецаков, го посетија просторот на поранешната касарна, каде што предвидено е да се имплементира проектот „OHRID Go“. Проектот „OHRID Go“ е финансиран од страна на Европската Унија преку програмата EU for Municipalities. Вредноста изнесува 716.766,оо евра, а во рамки на проектот предвидена е реализација на Smart Ideas Hub, односно Старт – ап центар, Адреналински парк и Pump Up патека, како и Smart City Bike System каде ќе бидат набавени 60 смарт велосипеди, кои ќе бидат поставени на 10 докинг станици (паркиралишта), со што населението и посетителите на иновативен начин, преку посебна апликација ќе можат да ги користат во градот и околината. Воедно во рамки на проектот ќе биде изработена генерална физибилити студија со акционен план за долгорочен развој на поранешната касарна, која се предвидува да прерасне во технолошко-рекреативна зона. – Соработката на проектот „OHRID GO“ се надевам претставува само почетокот на понатамошната соработка како Локална самоуправа и ЕУ, во насока на користење на европските фондови и унапредување на соработката во сите сектори каде има можност. Како општина сме подготвени во наредниот период нашите работи да ги сервисираме и одржуваме, а секако се тоа што е битно и можеме да го добиеме како поддршка од страна на европските фондови сме подготвени да ги искористиме. Затоа во наредниот период ќе работиме многу, бидејќи многу малку како држава користиме од средствата кои ни се нудат овие фондовите. Кога тие ни се тука на дофат, наша работа е да проектираме и да аплицираме со подготвени проекти и да имаме успешни апликации во насока да подобриме нешто, било да е тоа инфраструктура, подобри услови за живот на младите, зголемување на спортските содржини, подигнување на свеста за животната средина, екологијата, заштита на еко системите, истакна градоначалникот Кирил Пецаков. Евроамбасадорот Гир истакна дека ЕУ е подготвена и понатака да поддржува развојни проекти кои се во насока на обезбедување подобри комунални услуги на граѓаните, исполнување на зелената агенда, заштитата на животната средина, како и за младите луѓе да можат да дадат придонес во општеството. – Токму во таа насока разговараме во врска со Младинскиот центар, иновативниот центар односно Центар за иновации во општина Охрид за кој мислиме дека е многу важен центар каде младите ќе може да креираат и да излегуваат со изуми и иновации кои ќе придонесат во локалната економија. Како ЕУ со нетрпение очекуваме силна соработка со општинските власти се со цел да создадеме позелен и поиновативен град Охрид, рече Евроамбасадорот Ричард Гир. Претходно Градоначалникот и Евроамбасадорот имаа средба во Општина Охрид, каде освен за актуелните теми поврзани со УНЕСКО, разговараа и за проектите кои Локалната самоуправа ги имплементира и подготвеноста за изработка на проекти со кои ќе се аплицира во ЕУ фондовите. Евроамбасадорот уште еднаш ја изрази својата поддршка за реализацијата на активностите во насока на имплементирање на препораките од УНЕСКО и го поздрави активното учество на општината во изработката на актуелните планови кои се однесуваат на езерското крајбрежје и Студенчишкото блато.
СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ГИЗ
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари работна средба со Марк Барет и Јован Гавриловски од Германската организација за меѓународен развој (ГИЗ). На состанокот се разгледуваа можностите за меѓусебна соработка и реализација на проекти. Средбата се оствари во контекст на новиот проект “OHRID GО”, кој го имплементира општина Охрид, а е финансиран од програмата “EU for municipalities”. Една од активностите на проектот е формирање на Старт ап центар. Се разговараше за можноста за соработка при функионирањето на овој центар како и можностите за негово проширување во Акцелератор. Дополнително беше разговарано за воведување на нови форми на поддршка преку обуки, менторства и директна помош на новоформираните стартапи, како и грантови за приватни компании. На средбата градоначалникот Пецаков беше информиран и за Проектот „ЕУ за економски раст (EU4G)“ кој има за цел зголемување на локалната економска активност и конкурентност во 4 целни области: Североисточен, Полошки и Југозападен плански регион и област Преспа (Општина Ресен) преку подобрување на пристапот до финансирање и напредни бизнис услуги со додадена вредност за старт -апи и ММСП. ГИЗ поддржува проекти кои се насочени кон поттикнување на регионалната соработка и интеграција во регионот на Западен Балкан.
СЕ ОДРЖА ПРВИОТ РЕГИОНАЛЕН САЕМ НА СОЦИЈАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ОД ЈУГОЗАПАДНИОТ РЕГИОН
Денес во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Југозападниот регион во организација на Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија и проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“. Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека овој настан е многу значаен за нашиот регион бидејќи има за цел да ги презентира позитивните економски промени во однос на социјалната вклученост и одржливиот развој на заедниците. – Ранливите категории на граѓани се наши соседи, наши роднини, наши пријатели, кои поради различни околности немаат услови за основна егзистенција, но заслужуваат да добијат вистинска шанса и поддршка во борбата за достоинствен живот и сами да обезбедат подобра иднина за своите семејства. Социјалното претприемништво е еден од начините за постигнување на ваква социјална хармонија и економска стабилност за сите граѓани. Социјалните претпријатија претставуваат иновативен економски модел кој овозможува услови за инклузија на сите лица кои немаат сигурна егзистенција. Тое е еден нов начин на бизнис чиј профит се реинвестира за постигнување на социјални цели вклучувајќи хуманост и солидарност. Економските активности на социјалните претпијатија се исклучително важни за поддршка на најранливите, кои немаат пристап до домување, образование, социјални услуги, кои се исклучени од пазарот на труд и се соочуваат со сиромаштија, рече градонаначалниот Пецаков. Тој упати честитки до сите економските оператори кои претставуваат позитивни примери за успешни социјални приказни, иако концептот за социјално претприемништво се уште е во својот ран зачеток. – Нивниот етузијазам и желба треба да послужат како охрабрување за останатите економски чинители кои треба да се вклучат и да придонесат во овој процес. Веќе е донесена „Стратегијата за социјално претприемништво“, како прв официјален документ кој претставува своевиден акционен план, врз чија основа ќе се развиваат социјалните претпријатија во нашата држава. Секоја поддршка е ветер во грб, а особено ако доаѓа од локалната власт, затоа Општина Охрид е подготвена за соработка и партнерство во целокупниот процес за развивање на локални иницијативи за социјално преприемништво. По примерот на современите европски практики, ги поттикнувам сите компании, невладини организации, образовни институции и другите социјални установи активно да се вклучат во овој процес, истакна градоначалникот Пецаков. Тој изрази надеж дека концептот на социјално преприемништво ќе прерасне во една успешна приказна во Охрид и целиот Југозападен регион и ќе придонесе за долгорочни социјални промени во општеството. На саемот во Охрид беше презентирана работата на 14 организации од Југозападниот регион кои функционираат како социјални претпријатија. Проектот „Поддршка на социјално претприемништво“ е поддржан од Европската Унија, а го спроведува Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
100 КУЛТУРНИ ЗНАМЕНИТОСТИ ВО ОХРИД ДОБИЈА ИНФОРМАТИВНИ ТАБЛИ СО QR КОД
Општина Охрид постави современи информативни табли со QR код на 100 објекти од културно значење, како дел од Проектот за дигитализација и промоција на културното наследство „Интеррегионално управување со културно наследство, Е-Системи“-„ИРЦ -ХЕРМЕС“. Туристите и жителите на градот ќе можат преку скенирање на кодот да добијат информации кои се значајни за објектот од културно наследство. Ваков вид на информативни табли за прв пат се поставени на културни објекти во нашата држава, а со имплементација на овој проект Охрид е пионер во дигитализација на културното наследство. Проектот „Интеррегионално управување со културно наследство, Е-Системи“-„ИРЦ -ХЕРМЕС“, општина Охрид го имплементира во партнерство со Универзитетот за технологија од Кипар, Истражувачкиот и иновативен центар за информации, комуникација и технологии од Атина, општините Самос и Крф од Грција, „ЕЛЕТ“ од Грција и Ауледа од Албанија. Проектот е финансиран од програмата „Интерег Балкан-Медитеран 2014-2020“ на Европската Унија и вклучува иновативен електронски систем за дигитализација на наследството, кој има добиено европска награда за иновативност. Освен во Охрид, културното наследство е дигитализирано и во уште три балкански градови, кои се под заштита на УНЕСКО од Грција и Албанија. Освен дигитализација на културното наследство, проектот има за цел да придонесе и кон развојот на културниот туризам и едукација на младите и туристите за значењето на културното наследство. Како резултат на проектот, општина Охрид, за прв-пат доби дигитална мапа на културното наследство, во која се опфатени околу 130 објекти кои имаат посебно културно значење за градот. Податоците од овој систем може да се користат во насока на туристичка промоција, но и за други потреби на општината. Базата на објекти кои ќе се евидентираат и понатаму ќе расте и ќе се развива во рамки на програмата на системот на ХЕРМЕС.
ДОДЕЛЕНИ СУБВЕНЦИИ ПО ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ЧЕТИРИ КАТЕГОРИИ ТУРИСТИЧКИ ДЕЈНОСТИ
Согласно одлуката на Комисијата за доделување на субвенции при Секторот за туризам и ЛЕР, донесена е одлука за доделување на вкупно 44 субвенции со вкупен износ од 220 000 денари. Во категоријата за субвенционирање на граѓани за даватели на услуги на сместувачки капацитети од мал обем доделени се субвенции на 12 апликанти. За туристички водичи доделени се субвенции на 25 апликанти, за даватели на услуги во селски туризам доделена е субвенција на 1 апликант, а во категоријата на даватели на услуги поврзани со воден превоз и други рекреативни активности на вода доделени се субвенции на 6 апликанти. Јавниот повик е согласно Г2 Програма за за поддршка на развој на туризмот во општина Охрид за 2021 година и Правилник за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Охрид за субвенционирање на даватели на услуги во семестувачки капацитети од мал обем на општина Охрид, , Правилник за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Охрид за субвенционирање на туристички водичи на општина Охрид, со Одлука на совет, Правилник за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Охрид за субвенционирање на даватели на услуги во селски туризам и даватели на угостителски услуги во селски домаќинства на општина Охрид, Правилник за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Охрид за субвенционирање на даватели на услуги поврзани со водениот превоз и други рекреативни активности на вода и плажа.
ЈАВЕН ПОВИК ДО ЕВИДЕНТИРАНИ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ ВО ПРОГРАМАТА ОПШТИНСКО – КОРИСНА РАБОТА
Врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ), и Договорот за соработка Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Охрид, во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, Програмата Општинско – корисна работа финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ, на ден 05.08. 2021 година се објавува: Ј А В Е Н П О В И К до евидентирани невработени лица за вклучување во Програмата Општинско – корисна работа Се повикуваат сите евидентираните невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа, проект “Отворени можности за еднакво образование за сите деца ” за работно ангажирање со скратено работно време од 9 (девет) месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, да се пријават во Агенција за вработување- Центар за вработување Охрид. Профили за кои што можат да се пријавуваат заинтересираните лица се: Психолог, Педагог, Дефектолог, Наставен кадар (за сите наставни предмети со емпатичност за лицата со посебни потреби) Евидентираните невранботени лица кои немаат сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/ компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера согласно услугата која треба да се испорачува ќе бидат вклучени во програмата при што 3 месеци ќе добијат задолжителна обука и 6 месеци работно ангажирање. Вкупниот период на влученост на невработените лица преку програмата изнесува 9 месеци во кој влегува обуката и работниот ангажман. Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во Програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 (дваесет) работни часови неделно, при што за време на задолжителната обука од 3 месеци за лицата кои не поседуваат соодветен сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/ компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера согласно услугата која треба да се испорачува и за време на работниот ангажман од 6 (шест)месеци/9(девет) месеци статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на паричен надоместок и на корисници на право на Гарантирана минимална помош за времетраење на работно ангажирање ќе им биде активно претходно остварено право. Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата . За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата Општинско-корисна работа се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000,00 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест. Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во Програмата Општинско-корисна работа треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци) млади лица до 29 години лица корисници на паричен надоместок самохрани родители родители на деца со пречки во развојот родители на три и повеќе деца жртви на семејно насилство Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на: 9 девет образовни асистенти Заинтресираните невработени лица Пријави за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да поднесат во Агенција за вработување- Центар за вработување Охрид во периодот од 05.08.2021 година до 13.08.2021 година, од 08:00 до 14:00 часот. Поконкретните услови, права и обврски ќе бидат уредени со склучување на Договор помеѓу општина Охрид и избраните кандидати. Детални информации за Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во општина Охрид кај лицето Кети Росиќ, Општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“, Агенција за вработување- Центар за вработување Охрид кај одговорните лица, Центар за социјлна работа Охрид кај лицето Мирјана Врангалоска.
