АРХИМАНДРИТОТ НЕКТАРИЈ, ИГУМЕН НА МАНАСТИРОТ „СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ“ Е ГОДИНЕШЕН ДОБИТНИК НА НАЈВИСОКАТА ОПШТИНСКА НАГРАДА-ПАТРОН НА ГРАДОТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
- декември 2, 2022
- 0
Архимандритот Нектариј, игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“ е годинешен добитник на највисоката награда – Патрон на градот „Св.Климент Охридски“. Градоначалникот Кирил Пецаков денеска на прес-конференција ги образложи деталите од решението за доделување на наградата.
-Мисијата на Свети Климент Охридски е најцврстиот темел на кој почива нашата вера, нашата историја, нашата писменост, нашето културно и национално битие…. За нас, како охриѓани и како македонци, светиклиментовото слово е божји дар и вечен аманет на патот кон човекољубието, љубовта и добрината. Вистинска привилегија е обврската да го чуваме и да го славиме името на Свети Климент како најголем заштитник на Охрид.
Овој град отсекогаш бил ризница на знаење и место во кое се родиле, живееле и твореле бројни дејци, кои оставиле важен историски печат. На наша голема гордост, Охрид и денес има значајно место во биографиите на многу современици, врвни уметници, вредни научници, ценети доктори и истакнати имиња во сите сфери на општественото живеење. Особено сме горди на сите нивни остварувања и ќе се трудиме да ги вреднуваме и почитуваме.
Продолжувајќи ја востановената традиција и оваа година, по повод 8-ми Декември, празникот посветен на „Св. Климент Охридски“ и врз основа на распишаниот конкурс, ја имам честа на оваа прес конференција да го соопштам годинешниот добитник на највисоката општинска награда– Патрон на градот „Св.Климент Охридски“.
Оваа година, наградата за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во општествениот живот, кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот, се доделува на Неговото Вископреподобие Архимандрит Нектариј, игумен на Манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид.
Земајќи го во предвид предлогот на стручната комисија и општо познатите факти за долгогодишните остварувања и врвни достигнувања за време на неговиот повеќе-децениски јеромонашки чин во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид.
За неговото несебично залагање за возобновување на манастирот, кој прераснува во еден од најголемите духовни и културни бисери во Европа. За неговата истрајност во верата и помошта на верниците, за промоција на македонската црква, вера и промоција на културниот и верскиот туризам на Охрид во светски рамки, како и за севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и во светот.
Архимандритот Нектариј по стапките на Свети Наум Охридски, 41 година е монах и духовник на свештенството во Дебарско-кичевската епархија како и на многубројниот верен народ на Македонската Православна Црква-Охридска Архепископија. Редактор е на годишниот црковен алманах „Светиклиментово слово“ кој се публикува од 1990 година па до денес. Исто така учествува во превод на повеќе богослужбени книги кои денес верниците во храмовите на МПЦ-ОА ги слушаат на Македонски јазик. Тој е и лектор на повеќе од 100 наслови кои се издадени од издавачката установа при Дебарско-кичевската епархија.
Со несебичното залагање на архимандритот Нектариј започнува целосна преродба на манастирот „Св. Наум Охридски“. Извршени се низа градежни зафати за изградба на нови манастирски конаци, камбанарии и параклиси, како и за уредување на сите црковни објекти. Извршено е оплеменување и партерно уредување на целиот манастирски комплекс. Благодарение на неговите заложби, во изминатите 30 години, Манастирскиот комплекс целосно го промени својот изглед, прерасна во прекрасен духовен центар на Охридското Езеро, вреден за восхит и огромна почит.
Од мое лично име и од името на граѓаните на Општина Охрид упатувам искрени честитки до добитникот на наградата Неговото Вископреподобие Архимандрит Нектариј со желби за добро здравје и успешна служба уште многу години, истакна градоначалникот Пецаков во своето обраќање.
Стручната комисија во состав Перчо Божиноски- претседател и членовите: Проф. д-р Татјана Димоска, Проф. д-р Цветко Андреески, Славе Ѓорго Димоски и Горан Стојаноски едногласно одлучи и достави предлог до градоначалникот, добитник на наградата да биде Неговото Вископреподобие Архимандрит Нектариј.