ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЛИЦАТА „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“
- ноември 18, 2020
- 0
Започнаа градежните активности за комплетна реконструкција на улицата „Марко Цепенков“ на потегот од кружниот тек на улица „Момчило Јорданоски“ до пресекот со улицата „Прва Македонска ударна бригада“ кај „Стобекс“.
При денешната теренска посета на улицата, градоначалникот Константин Георгиески потенцираше дека ова е уште еден од низата значајни инфраструктурни проекти, кои оваа година се реализираат во Општина Охрид.
– Оваа улица долги години наназад беше во многу лоша состојба и претставуваше навистина голем проблем за жителите на населбата “Видобишта”. Нејзината реконструкција беше еден од приоритетните сообраќајни проекти во нашата општина и среќен сум што со нејзината реконструкција заокружуваме една исклучително успешна година, во поглед на инвестициите во инфраструктурата. Како што е познато, максимално сме посветени, континуирано вложуваме и инвестираме во проекти за подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот.
Претходно на овој потег од градот извршивме комплетна реконструкција и на улицата “Прва Македонска ударна бригада”. Заедно со реконструкцијата на улицата „Марко Цепенков“ жителите на оваа населба добиваат многу подобри и побезбедни сообраќајни услови и подобра поврзаност со останатиот дел од градот.
И во иднина ќе продолжиме со исто темпо да работиме за потребите на граѓаните, да бидеме отворени за соработка, да ги слушаме проблемите и заеднички наоѓаме најсоодветни решенија. Продолжуваме да работиме на проекти за реконструкција на важни улици, со кои Охрид добива сообраќајна мрежа по сите современи стандарди, истакна градоначалникот Георгиески.
Согласно проектот за реконструкција на улицата „Марко Цепенков“ предвидена е комплетна обнова и асфалтирање на коловозот, поставување на нови рабници и поплочување на пешачката патека од едната страна.