ПРОТОКОЛАРНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КИРИЛ ПЕЦАКОВ СО АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА КЕЈТ МАРИ БРНЗ
- ноември 11, 2021
- 0
Градоначалникот Кирил Пецаков, денес, оствари протоколарна средба со Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Кејт Мари Брнз.
На средбата се разговараше за веќе воспоставената добра меѓусебна соработка, но и за можностите за продлабочување на соработката. Во разговорот, амбасадорката ги пренесе искуствата од државата Вермонт во развојот на екотуризмот кои целосно може да се применат и во Охрид. Исто така, амбасадорката истакна дека постои можност и за соработка во областа на образованието со оваа држава.
Градоначалникот ја информираше амбасадорката за планот и динамиката во реализирањето на предвидените инфраструктурни и капитални проекти, како и за ставот за продолжување со работа во насока на зачувување на статусот на УНЕСКО. Амбасадорката Брнз ја истакна својата поддршка за заложбите за зачувување на универзалните вредности и јавното добро.
Градоначалникот и амбасадорката разговараа и за актуелни локални теми како и за предизвиците во развојот на туризмот во пандемискиот период.
Заеднички беше потенцирано дека во иднина меѓусебната соработка ќе се унапредува во повеќе области.
Инаку, ова е прва официјална средба помеѓу градоначалникот Кирил Пецаков и амбасадорката Кејт Мари Брнз.