Градоначалникот Константин Георгиески и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска на пригоден настан официјално ја пуштија во употреба комплетно реконстуираната улица „15-ти Корпус“.

– Драго ми е, што како локална и централна власт целосно ја препознаваме важноста на инфраструктурата како основа за подобрување на условите за живот на граѓаните и тоа што континуирано реализираме инвестиции кои придонесуваат за развој и напредок. Охрид како туристички центар заслужува висококвалитена сообраќајна мрежа, па токму затоа во текот на изминатиот период бевме особено посветени на ова поле и успеавме да реализираме низа проекти со кои значително ја подобривме урбаната слика на градот. Еден од тие проекти е и улицата „15-ти Корпус“, која е комплетно реконструирана по сите најсовремени стандарди и на мое големо задоволство, заедно со премиерот Зоран Заев денеска официјално ја отвараме за користење, рече градоначалникот Георгиески.

Тој истакна дека оваа улица беше во многу лоша и руинирана состојба и беше приоритетна потреба на граѓаните но и на фирмите кои гравитираат во овој дел на градот.

– Улицата во должина од 1900 метри на потегот од крстосницата со улица „Железничка“ до влезот во село Лескоец и сега има модерен и уреден изглед и овозможува поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот. Поставен е нов асфалт на коловозната лента, комплетно се уредени пашачките и велосипедските патеки од двете страни на улицата. Извршена е замена на атмосферската канализација, поставена е нова водоводна линија на еден потег на улицата и изградени се три потпорни ѕидови. Поставено е ново осветлување, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација. Вкупната вредност на овој проект е 58 милиони денари. Од нив 30 милиони денари беа обезбедени од буџетот на Општина Охрид, а 28 милиони денари беа обезбедени од ЈП „Државни патишта“, објасни градоначаникот Георгиески.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев истакна дека се работи за една значајна артерија во сообраќајната мрежа на Охрид.

Станува збор за исклучително важна улица бидејќи таа e влезот во градот за сите оние што во Охрид пристигнуваат од Ресен, Битола, Прилеп и од другите градови од истокот и југоистокот на нашата земја. Улицата е од исклучително значење за жителите од овој дел на градот, како и за сите индустриски капацитети и фирми кои гравитираат во индустриската зона која се протега долж улицата, нагласи премиерот Заев.

Паралелно со реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница Општина Охрид интензивно работеше и на уште еден голем и сложен инфраструктурен проект, а тоа е реконструкција на улицата „Абас Емин“ која наскоро ќе биде финиширана и пуштена во употреба. Исто така, во моментот се работи на реконструкција на улицата „Јане Сандански“, а во текот на изминатите две години извршивме комплетна реконструкција на улиците „АСНОМ“,  „Егејска“, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и беше изградена нова улица на потегот во поранешната касарна. Во текот на наредниот период Општина Охрид планира да започне со комплетна реконструкција на улиците „Македонски Просветители“ и „Гоце Делчев“.