Со пригодна свеченост која се одржа денеска, започна со работа новиот трговски центар „Охрид Мол“. Пред бројните бизнисмени, гости и граѓани, свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.

– Ми претставува особена чест што како охриѓанец и како градоначалник имам можност да бидам дел од овој свечен настан за отворање на првиот современ трговски центар во нашиот град, новиот симбол на урбаното живеење во Охрид.

Нашиот град, кој е надалеку познат по своето културно и духовно наследство, од денес добива нова содржина која ја збогатува понудата за охриѓани но и за сите туристи, посетители и гости.

Со овој свечен настан не го пуштаме во употреба само овој трговски објект, туку отвораме и нова страница во економската и туристичката приказна на Охрид.

„Охрид Мол“ не е само збир на продавници и брендови, тој ќе биде нова енергија во пулсот на градот, нова точка за забава, место каде што секој чекор ќе значи можност за работа, купување, за дружење, за инспирација…Овој простор ќе значи спој меѓу традицијата и модерното живеење и е еден важен доказ дека Охрид може ја чува својата историја, но и храбро да чекори напред кон иднината.

Познатиот британски економист и филозоф Адам Смит рекол „Размената е почеток на секој просперитет. Таму каде што луѓето тргуваат, таму има напредок. Трговијата е она што ја носи цивилизацијата напред. Проширувањето на пазарот е секогаш знак на економски напредок“.

Искрено верувам дека овој цитат во целост ќе ни го долови  значењето оваа инвестиција за економскиот развој на Охрид, отворање на нови работни места и поддршка за локалната економија, а економијата е темелот врз кој се гради квалитетот на животот, сигурноста на семејствата и иднината на младите.

Оваа можност ја користам да упатам честитки до инвеститорите кои со својата визија и храброст го препознаа потенцијалот, онаму каде што другите можеби гледаа предизвици. Исто така, упатувам честитки и до сите компании и деловни субјекти кои отворија свои продавници и претставништва во овој мол.

Почитувани, Ви благодариме што верувавте во Охрид! Ви благодариме што решивте токму тука, на брегот на охридската убавина, да ја реализирате својата бизнис идеја.

Денешниот ден покажува дека ваквите економски проекти го менуваат секојдневието, го збогатуваат животот на една средина и оставаат трајна вредност за генерациите што доаѓаат.

Посакувам „Охрид Мол“ да биде жив, динамичен, полн со насмевки и нови почетоци! Нека биде место каде што ќе се вкрстуваат патиштата, идеите и искуствата.

Со надеж дека ова е само почеток на ново поглавје во економската иднина на Охрид – посакувам многу успех, раст и одлични резултати!, истакна Пецаков во своето обраќање.

Новиот трговски центар има вкупна површина од над 17.000 м2 и сопствен паркинг за над 250 возила. Во „Охрид Мол“ ќе работат фирмите: NewYorker, Sinsay, D Sport, DM drogerie markt, маркети „Жито“, „Meга Фешн“, Office Plus, Duki Daso, Sara Fashion, „Виа Фарм”, „La Familia“, парфимерија Piano, IQOS, Umbrella, игротека „Уно“, Playpark, Nocciolino Lounge Bar” и експозитура на „Хaлк Банка“.

Се очекува трговскиот центар да има над 200 нови работни места преку продажните и услужните дејности, како и преку логистиката, услугите и снабдувањето.