ЈАВНА ДЕБАТА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ
- февруари 8, 2021
- 0
Во организација на Министерството за образование и наука, денеска во Општина Охрид се одржа јавна дебата, како дел од процесот за унапредување на средното стручно образование.
Градоначалникот Константин Георгиески во своето обраќање пред присутните истакна дека реформата во стручното образование е сериозен потфат кој има за цел да овозможи поквалитетен живот за младите и да обезбеди поттикнување и зголемување на економскиот раст.
– Егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без локален економски развој, а успешното реализирање на овој концепт подразбира создавање поволна клима за деловни активности и инвестирање. Еден од најважните предуслови за развој на индустријата, бизнисот и туристичкиот сектор е квалификуван и стручен кадар, кој ќе може продуктивно да одговори на потребите на пазарот за работна сила.
Странските компании кои веќе имаат инвестирано и работат во Охридскиот регион ја наметнаа потреба од стручен кадар и креирање на образовен систем кој ќе продуцира обучени работници што може да се вклопат во процесот на производство.
Општинскиот електромашински училишен центар „Свети Наум Охридски“ е еден од позитивните примери, каде што веќе успешно функционира системот на дуално образование, како еден вид јавно-приватно партнерство помеѓу стручните училишта и компаниите.
Освен клалификуван кадар за индустриските капацитети, Охрид како туристички центар има континуирана потреба од подобрување на квалитетот и вештините на стручниот кадри од областа на угостителството, но и во областа на бизнисот, економијата и медицината.
Токму поради тоа потребна е соодветна и стручна анализа за ефектите од моменталните наставни програми и актуелните стручни смерови во Општинското средно училиште „Свети Кирил и Методиј“ и во Регионалниот центар за средно стручно образование „Ванчо Питошески“.
Оваа можност сакам да ја искористам и да споменам дека, Општина Охрид во рамки на своите надлежности постојано инвестира во подобрувањето на условите за учениците во средните училишта. Во текот на изминатиот период беа реализирани значајни реконструктивни зафати и проекти, а вакви активности се планирани и во иднина.
Како општина постојано се залагаме за осовременување на образовниот процес и ќе ја поддржиме секоја напредна новина во рамки на наставните програми, истакна Георгиески во своето обраќање.
На дебатата се обрати и Заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани кој објасни дека процесот за унапредување на средното стручно образование опфаќа анализа на постојаните образовни профили во стручните училишта како и на потребата од нови профили кои им се потребни на компаниите и бизнис секторот.
На јавната дебата учество зедоа претставници на бизнис секторот од Охридскиот регион, претставници на средните стручни училишта од Општина Охрид, претставници на платфотмата за јавен и приватен дијалог, како и претставници на Центарот за стручно образование и обука.