БУЏЕТСКИ ФОРУМ СО НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
- ноември 14, 2019
- 0
Синоќа, во малата сала на општина Охрид се одржа првиот буџетски форум на општина Охрид, на кој учествуваа триесетина претставници на здруженија на граѓани, спортски клубови и културно – уметнички друштва.
На форумот на кој присуствуваа и заменик- градоначалникот, Ристо Николески и раководители на повеќе сектори, беа истакнати повеќе проблеми со кои се соочува граѓанскиот сектор во градот.
Меѓу другото, се спомена и потребата од формирање локална канцеларија за млади, изградба на младински културен центар, формирање локален совет на млади и донесување младински буџет.
Се разговараше и за формирање локално тело составено од повеќе лица кое ќе ги опфати сите сегменти на граѓанско дејствување и кое соодветно и навремено ќе ги детектира проблемите со кои се соочуваа граѓанскиот сектор. Беше предложено природното и културното наследство на Охрид да се предава како предмет во основното образование, да се формира Центар за спортови на вода и нуркачка еко- патрола.
Присутните донесоа и заеднички заклучок дека службите на општина Охрид треба да пристапат кон подготовка на правилник со критериуми според кои невладините организации ќе можат да пристапат кон аплицирање за финансиски средства од општинскиот буџет, за наредната 2020 година.
Организациите ќе можат да ги поднесуваат предлозите и идеите за нацрт верзијата на буџетот на општината до крајот на овој месец, по што ќе следува уште една ваква средба.