ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД КРИЗНИОТ ШТАБ НА ОПШТИНА ОХРИД
- април 7, 2020
- 0
Од денешниот состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид за превенција и справување со Корона вирусот Ковид 19, во согласност со мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија за ограничено движење, беа донесени следните заклучоци:
- Се упатува известување до сите маркети и економски оператори на територијата на Општина Охрид кои се регистрирани за он-лајн продажба, дека ќе може да вршат достава на намирници за итни и неодложни потреби за време на Полицискиот час во текот на викендот. Истите задолжително мора да испратат барање до Кризниот штаб на Општина Охрид на следната електронска адреса krizen.stab@ohrid.gov.mk најдоцна до утре (среда) до 12 часот. Ќе биде дозволено движење на максимум 5 вработени лица (доставувачи) од маркет, кои треба да имаат соодветна заштитна опрема.
- Се упатува известување до сите Аптеки на територијата на општината кои ќе работат за време на Полицискиот час за време на викендот, задолжително да ги испратат потребните податоци на електронска адреса krizen.stab@ohrid.gov.mk најдоцна до утре (среда) до 12 часот. Ова е потребно за навремена координација со мобилните тимови на Општина Охрид и Охридскиот Црвен крст и СВР Охрид.
- Се упатува апел до филијалите и експозитурите на сите банки кои работата на територијата на Општина Охрид да обезбедат редарски мерки за клиентите кои чекаат на шалтерите и пред влезовите на банките, како и за банкоматите кои се наоѓаат пред објектите на банките.
- Се упатува препорака до маркетите да вршат задолжителна дезинфекција на објектите во утринските часови, пред почетокот на работното време.
- Се упатува известување до сите граѓани на Охрид кои имаат потреба од движење за итни и неодложни потреби за време на траењето на Полицискиот час за време на викендот да испратат барање до СВР Охрид до утре (среда) до 12 часот.
- Кризниот штаб на Општина Охрид упати барање до Кризниот штаб на Владата на Република Северна Македонија да изнајде решение за редуцирање или ограничување на движењето на граѓаните од Охрид кон Струга и обратно, со цел поголема заштита и превенција на граѓаните.
Поврзани вести: