На свечена церемонија, денес во Куќата на Уранијав на професорот д-р Виктор Фридман, еден од најголемите американски и светски слависти, му беше врачена годинешната награда за хуманизам што веќе 17 години ја доделува Охридската светска академија на хуманизмот.

Наградата ја врачи градоначалникот Кирил Пецаков, кој пред истакнатите академици и дипломати истакна:

Akademija_090823006-Ми претставува голема чест и задоволство, денес да ја врачам Светската награда на хуманизмот за 2023 година на професорот д-р Виктор Фридман, еден од најголемите светски и несомнено најголем американски славист и македонист.

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Делото на Виктор Фридман со децении на научно фундирана основа и најискрен хуман начин ја доближува нашата култура до американската јавност и го прави еден  од најголемите пријатели и почитувачи на Македонија и на македонскиот јазик и култура .

Пред официјалното врачување на наградата на професорот Фридман, сакам да му се заблагодарам на амбасадорот Јордан Плевнеш и на Охридската академија на хуманизмот што ја организираат оваа величествена манифестација со која ние Македонците го продолжуваме вековниот код всаден од нашиот Свети Климент Охридски, за ширење на хуманизмот и човекољубието.

Почитувани,

Наскоро ќе ја реализираме идејата на добитникот на Светската Награда на Хуманизмот Светлин Русев, за поставување на спомен-обележјето “Охрид Центар на Светскиот Хуманизам”, како единствено такво обележје во целиот свет. Ви посакувам успешна  работа на денешната научна конференција :„Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“ за која верувам дека ќе фрли нова светлина за вековниот континиум на хуманизмот кој се  ширел од овие простори.

Беседа за годинашниот добитник одржа претседателот на Охридската светска академија на хуманизмот, професорот Јордан Плевнеш.

Akademija_090823004-Денес, на 9 август 2023 на Празникот Свети Климент Летен и Свети Пантелејмон во светиот град Охрид се случува Балканска лингвистичка  револуција, бидејќи Виктор Фридман е прв лингвист добитник на Светската награда на хуманизмот за 2023 година, а која е присутна на сите меридијани, а е инспирирана од учениците на  сесловенските просветители, рамноапостолите Свети Кирил и Методиј , Заштитниците на Европа.

Да, токму нивните ученици вечно живите охридски светци Св. Климент и Св. Наум кои ја основаа првата средновековна школа на хуманизмот вгнездена во копнежот на секој човек низ вековите наречена Носталгија по единството и сонуваната но никогаш неостварена

Цивилизација на љубовта!

Балканската лингвистичка револуција во име на љубовта кон сите светски јазици ја реализиравте Вие Академик Виктор Фридман бидејќи со Вашата Балканофилија, Вие го вреднувавте македонскиот јазик на светската лингвистичка мапа и Свети Климентовиот сон низ митските корени на духовната и народната традиција стана неприкосновен легитимитет за кој Охридската Академија на хуманизмот  Ве нареди на тој величенствен список на досегашните добитници,од јапонскиот будистички филозоф Даисаку Икеда, португалскиот филмски волшебник Маноел де Оливеира, рускиот нобеловец Александр Солжењицин, музичкиот сонувач од Индија,  бесмртниот Рави Шанкар, германската нобеловка Херта Милер, светската театарска легендра Питер Брук што ги обединува Париз и Лондон со неговиот љубен Охрид, политичкиот сонувач за Обединета Европа и неговата родна Бологња Романо Проди, претседателот на Европската Академија Жан-Патрик Конрад, македонскиот неповторлив филозоф Георги Старделов, незаборавниот Абдулах Шарчевиќ од Босна и Херцеговина и меѓу нас присутниот Далимир Хајко од Словачка, кој со својата визија за хуманизмот ги обединува Моравската мисија и Охридската школасите тие се овде и тие што се на Небото над вечноста и тие што Ве гледаат Вас во овој миг во Охрид во Куќата на Уранија на МАНУ Ви ја честитаат Светската награда на хуманизмот,  бидејќи Вие сте првиот Американец со интерконтинентално потекло што ја понесува оваа награда, што Македонија  Ви ја подарува од своето срце и од својата испокината  но боженствена душа со Песната на Свети Климента и песната на свети Григор Прличев славниот Охриѓанец, вториот Хомер кој тогаш пеел, а пее и сега:

“Ќе ми бидете сираци , така било напишано

Дојдете ми да ве гушнам за последен пат!”

Нека пеат сите хорови од сите религии во сите храмови на светот : Благословена да е мисијата на Виктор Фридман и нека живеат сите 6345 јазици од листата на УНЕСКО бидејќи кога се читаат Вашите текстови и кога Ве слушаме како зборувате на голем број јазици,  мислиме дека културните разлики низ Вашиот научен глас независно од геополитичките и нуклеарните катасторофи ја пеат Симфонијата на јазичната љубов од Вавилонската кула до тој Анти Вавилон за кој Крсте Петков Мисирков авторот на “За македонцките работи” во својата Антропофонетика  велеше дека секој човек на Земјава има право на својот глас и на својот јазик! Бидејќи Вие академик Фридман сте меѓу најобожуваните македонисти и во македонската дијаспора расеана по континентите има една пост-модерна поговорка која вели: “Светот е мал, но Македонија е голема”.

 Низ црно-хуморната призма на славниот ирски емигрант Самуел Бекет кој напиша “Нема ништо посмешно од човечката несреќа”. Охридскиот писател со светско реноме Живко Чинго пишуваше:

“Македонија е мала земја во крпче можеш да ја врзиш”

Таа мала земја од тој врзоп во крпче од кого се пролеани океани солзи меѓу Чинговата мисла и мислата на Сервантес дека:

„ целиот свет е мал како шамивче“( El mundo es un panuelo), ние Ве прогласуваме за Добитник на светската награда на хуманизмот за 2023 и Ви пожелуваме уште долго  да ги крстарите светските јазички меридијани!

Во ваша слава и чест на Охридското небо се отвора една чудесна слика една вонвремена играорна група  го игра славното македонско оро “Тешкото”, кое го предлагаме да влезе на листата на трезорите на нематеријалното светско богатство на УНЕСКО бидејќи ние и денес го играме Тешкото низ стиховите на Блаже Конески:

“Зурли штом диво ќе писнат

штом тапан ќе грмне со поѕемен екот

во градиве зошто жал лута ме стиска и

 зошто ми иде да плачам ко дете…”

Во името на сите детски солзи излеани на сите светски  признати и непризнати  јазици  кои се  дел на Вашата судбина на светски лингвисти со звуците на Тешкото, Охридската академија на хуманизмот Ве прогласува за добитник на Светската награда на хуманизмот 2023!

За Многаја лета ! За Многаја лета! За Многаја лета! – истакна во својата беседа академикот Плевнеш.

 

На свеченоста свои обраќања имаа и претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски.