ВТОРОТО ИЗДАНИЕ НА OHRID WATER FESTIVAL СО БОГАТА СОЦИЈАЛНО-ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА
- јули 25, 2024
- 0
Во рамки на второто издание на големата промотивно спортска манифестација Ohrid Water Festival како пропратен дел на спортските настани, предвидена е и богата социјално-едукативна програма која вклучува низа интересни и забавни содржини кои ќе го привлечат вниманието на публиката.
Забавниот дел на фестивалот ќе стартува на 27-ми август со фото изложбата „Трпејца под вода“ на Клубот за подводни дејности и коцерт на Емилија Колоска и BALTER.
На 28-ми август од страна на Здружението на риболовци „ Свети Апостол Петар“ ќе биде организирана изложба „Видови риби во Охридското Езеро“, а за музичкиот дел од програмата ќе бидат задолжени DJ Chvare & DJ Goce Saf
На 29-ти август ќе биде организиранa изложба „Подводниот свет на Охридското Езеро“ од страна на нуркачкиот клуб „Амфора“. Во рамки на музичкиот дел е предвиден концерт на учесници од детскиот фестивал „Златно Славејче“, а присутните ќе може да уживаат и во концертот DISNEY подготевен од учениците од ОМУ „Методи Патче“. Истата вечер ќе се одржи и пригодна свеченост за промоција на пливачите учесници на „Охридскиот пливачки маратон 2024 година“.
На 30-ти август ќе биде поставена изложба „Нешто сино“ од Нуркачкиот центар „Акватек“. Во организација на SLOW FOOD Охрид ќе биде организирана Промоција на охридска и македонска традиционална храна. Во рамки на музичкиот дел од програмата ќе настапат Наум Петрески, Милован Секулоски и група „Сарај“.
На 31-ви август, на денот кога е предвидено одржувањето на „Охридскиот пливачки маратон“ за забавниот дел од програма ќе биде задолжена групата „Суперхикс“ која ќе одржи концерт во 21 часот.
Сите настани од социјално-едукативниот дел на Ohrid Water Festival ќе се одвиваат пред платото на хотелот „Палас“.