ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ГИ ОБРАЗЛОЖИ ДЕТАЛИТЕ ЗА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД
- јули 30, 2021
- 0
Градоначалникот Константин Георгиески во изјава за медиумите образложи детали во врска со ребалансот на општинскиот буџет, кој денеска беше усвоен од страна на советниците на 62-та седница на Советот на Општина Охрид.
– Со цел да обезбедиме подобра функционалност на буџетските средства во насока на исполнување на приоритетните потреби и барањата на граѓаните, со денешниот ребаланс на буџетот вршиме внатрешна прераспределба на средствата по годишните програми за работа на секторите на општината.
Согласно мојот принцип на транспарентност, сакам да ја информирам јавноста дека со ребалансот на буџетот се релоцираат вкупно 43 милиони денари до програмите каде што имаме повисока реализација и средствата од непродуктивните трошоци, ги пренасочуваме за реализација на инфраструктурни проекти и други важни инвестиции.
-
- Релоцираме 16.300.000 за реконструкција на улицата „Будва“ која е една од приоритетните потреби за жителите од овој дел на градот и дополнителни 4 милиони денари за улицата „Прилепска“;
- Со цел да овозможиме непречена реализација на проектот за комплетна реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, за која веќе се обезбедени 38.500.000 денари од Програмата ТАВ за поддршка на инфраструктурни проекти, обезбедуваме 9,9 милиони денари за поставување нова атмосферска канализација по целата должина на оваа улица;
- За да се подобри сообраќајната мрежа во неколку села и населби издвојуваме дополнителни 9 милиони денари за асфалтирање на улици;
- За набавка на реквизити за реконструкција детски игралишта дополнително обезбедуваме 1,3 милиони денари;
- Вкупно 3 милиони денари издвојуваме за поставуавање на нови сијалични места;
- Се издвојуваат 1 милион денари за поставување на нова водоводна линија во село Куратица;
- За капитални инвестиции во основните училишта издвојуваме дополнителни 4 милиони денари;
- Издвојуваме 500.000 денари за набавка на нови садови за депонирање на отпад;
- Со цел да се обезбедат подобри услови за развој на спортот и спортските клубови, обезбедуваме дополнителни средства за трансфери на спортските клубови;
- Вкупо 2,2 милиони денари се обезбедуваат за одржување на плажите на крајбрежјето;
- Дополнителни 350.000 денари се издвојуваат за Субвенционирање и набавка на велосипеди и издвојуваме дополнителни 1 милион денари за обезбедување на стипендии за студенти
Нашата цел е да продолжиме да работиме посветено во исполнување на сите планови и програми кои се во интерес на охриѓани. Очекувам дека во иднина, како и до сега, ќе оствариме значајни резултати во сите сегменти, кои ќе овозможат подобар развој и подобра иднина за нашата општина, истакна градоначалникот Георгиески во изјава за медиумите.