Градоначалникот Кирил Пецаков и министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска беа во посета на ООУ „Св. Наум Охридски“ во село Пештани и направија увид на низата инвестиции кои се реализирани во овој училишен објект.

Извршено е поставување на нова енергетски ефикасна фасада на целото училиште заедно со спортската сала. Поставена е пристапна рампа со лифт и извршено е опремување на тоалет за ученици со посебни потреби. Во текот на наредниот период, ќе биде извршено опремување на училишната спортска сала со сите потребни реквизити за изведување на наставата по предметот Физичко и здравствено образование.

Исто така, градоначалникот Пецаков и министерката Јаневска извршија увид и на градежните активности за реконструкција на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ каде што Министерството за образование и наука инвестира 110 милиони денари за целосна реконструкција на училишниот објект и ученичкиот дом. Министерката информираше дека во тек е постапка за набавка и на нова опрема и училишен инвентар кои ќе придонесат за модернизирање за наставата. 

При посетата, градоначалникот ја информираше министерката и за сите останати инвестиции во училишните објекти кои Општина Охрид ги реализираше во текот на изминатиот период, а беше разговарано и за идните реформи кои министерството ќе ги имплементира за подобрување на образовниот процес во основното и средното образование.