ДЕВЕТТО ИЗДАНИЕ „НА ЗАЈДИСОНЦЕ“ ВО ТРПЕЈЦА
- јули 17, 2020
- 0
На 20 јули, во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ со почеток во 20:30 часот ќе започне новото издание на Културно – забавното лето во Трпејца.
Честа да ја отвори манифестацијата со изложба на свои ракотворби – филигран со срма ќе и’ припадне на Дијана Велјаноска од Охрид.
На отворањето, во музичкиот дел со свои хитови ќе настапи познатата македонска естрадна ѕвезда Верица Пандиловска.
Следниот ден во вечерниот термин ќе биде промовирана новата книга на Академик Миле Миќуновиќ под наслов „Метафора“ во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид а ќе настапи и музичкото дуо BLACK MOON – Мила и Билјана.
Во среда на 22 јули на истата отворена сцена Кај Бунарот премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Трпејца на дланка“ работен по сценарио на Милчо Јованоски , а во режија на Томе и Кристијан Љушеви. Таа вечер публиката ќе дружи и со гитарата на младиот охридски музичар Мартин Милески, автор на музиката во веќе споменатиот документарец.
Вечерите потоа на веќе култното „На зајдисонце“ ќе следат средби со Живко Поповски – Цветин и неговите „Цвеќиња на мирот“, евергрин вечерта со Емилја Маринова и Јане Тодороски, презентацијата на колажот записи од познатиот писател и публицист Данило Коцевски посветени на Трпејца а интерпретирани и прераскажани од актерката Марија Кондовска и неговата ќерка, новинарката Јана Коцевска.
Во Трпејца почитувајќи ги сите протоколи кои ги налага заштитата од Ковид – 19 свои мини концерти ќе имаат и хит групата меѓу младите охриѓани а и меѓу повозрасните „Броз“ со фронтменот Владимир Сарафилоски и ансамблот „Билјана“.
И годинава актерката Марија Новак ќе ја одржи Театарската работилница со деца летувалци и деца од Трпејца и на сцена заедно ќе прикажат што научиле, а ќе биде отворена и изложба на дела од Втората интернационална колонија „Трпејца 2019“.
Кога сме кај традициите уште два настани се посебно привлечни: Работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со уметникот Слободан Пупиноски и Вечерната променада „Со кајче по езерото“. Млади музичари ќе свират на виолина, гитара, флејта и хармоника а гостите од брегот, куќите и рестораните ќе можат да уживаат во нивната музичка изведба.
Во текот на деветте дена во Трпејца ќе се одржат и традиционалната Кајакарска регата „Номче Митрески“, излетот до Чоколско во соработка со НП „Галичица“ како и натпреварот „Фаќаме риба на јадица“.
Пандемијата со Ковид – 19 го правеше неизвесно одржувањето на деветото издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце “ во Трпејца кое веќе стана препознатливо по своите содржини.
И годинава покровител на манифестацијата е Општина Охрид, а покрај Министерството за култура ова издание финансиски за прв пат ќе биде помогнато и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од други спонзори.