ЗАВРШИ 35. ПОЕТСКА НОЌ ВО ВЕЛЕСТОВО
- август 21, 2023
- 0
Со настанот „OH READ #2 (дијалог низ поезија)“, вчера во Охрид беше затворена 35. Поетска ноќ во Велестово. Во рамки на овој настан поетите учесници: Албан Туфа (Албанија), Павлина Атанасова (Македонија), Марија Костиќ (Србија) и Шпетим Селмани (Косово), најпрвo во гимназијата „Св. Климент Охридски“ одржаа работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, а подоцна се одржа и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид.
Годинешното 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово се одржa од 12-ти до 20-ти август на повеќе локации во Велестово, во Охрид и во Слоештица, а учествуваа 30-ина поети и уметници од девет земји и беше проследен од повеќе од шестотини гледачи.
Годинава во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан беше промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска. Во своето обраќање поетесата Лидија Димковска истакна дека тоа е книга што ќе ја обележи историјата на македонската книжевност, а големата значајност на настанот и на издавањето на оваа книга го истакна и поетсата Весна Ацевска. Во рамки на фестивалот беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.
Во соработка Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се одржа промоција и на „Ново раѓање на зборот: антологија на малатата македонска поезија“, од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.
На овие настани им претходеше и откривањето на скулптурата „Раката на поетот“ од Никола Пијанманов, поставена на сретсело во Велестово, интернационалното поетско читање „Прелудиум“ во кафе и бар „Шила“ во Охрид, и потпишувањето меморандум за соработка со АРТ ПОИНТ ‒ ГУМНО, односно славењето на двата јубилеја: 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години АРТ ПОИНТ ‒ ГУМНО.
Фестивалот го овозможија: Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерство за култура и Комерцијална банка.