Со изложба на филигран со срма од охриѓанката Дијана Велјаноска и музичкиот настап на македонска естрадна ѕвезда Верица Пандиловска синоќа започна деветтото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца.
Општина Охрид е покровител на манифестацијата, а пред присутните се обрати заменик градоначалникот, Ристо Николески.
– Дозволете ми на почетокот да го изразам моето големо задоволство што во невообичаени услови на пандемија од Ковид 19, организаторите со огромна енергија и вложен труд почитувајќи ги здравствените протоколи успеаја да го организираат годинешното деветто издание на културната манифестација на “На зајдисонце„ во Трпејца. Со тоа во континуитет се нижат алките на културниот синџир кој од година во година станува се подоминантен на охридската туристичка разгледница. Преку понудената добра музика на македонски изведувачи, промоции на книги, документарни филмови и ликовни изложби, оваа манифестација е пример за негување на вредното културно наследство во Охрид кое се промовира и во меѓународни рамки.Во древниот Охрид рибарската населба Трпејца има исклучително место затоа што нејзините убавини зачинети со културните и спортски содржини кои се нудат на овој настан привлекува се поголем број на посетители од земјава и странство. Токму затоа Општина Охрид покрај тоа што реализира инфраструктурни проекти ги подржува ваквите културни случувања со кои се збогатуваат алтернативните форми на туризам . Со тоа ги потврдуваме нашите цврсти определби за развој на руралните и туристички средини. Посакувам да уживате во културните и спортски содржини кои наредниве неколку дена ви се нудат во ова прекрасно место крај езерските води “украдено од рајот“. Бидете одговорни и почитувајте ги мерките за заштита во услови на пандемија и секако здрави и среќни да се видиме на наредното 10-то јубилејно издание „На зајдисонце“ во Трпејца – рече Николески.
Во рамки на неколкудневниот настан ќе биде промовирана новата книга на Академик Миле Миќуновиќ под наслов „Метафора“, а ќе настапи и музичкото дуо BLACK MOON – Мила и Билјана.
На отворената сцена „Кај Бунарот“ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Трпејца на дланка“, а настап со гитара ќе има младиот охридски музичар Мартин Милески.
Вечерите потоа на веќе култното „На зајдисонце“ ќе следат средби со Живко Поповски – Цветин и неговите „Цвеќиња на мирот“, евергрин вечерта со Емилја Маринова и Јане Тодороски, презентацијата на колажот записи од познатиот писател и публицист Данило Коцевски посветени на Трпејца а интерпретирани и прераскажани од актерката Марија Кондовска и неговата ќерка, новинарката Јана Коцевска.
Во Трпејца почитувајќи ги сите протоколи кои ги налага заштитата од Ковид – 19 свои мини концерти ќе имаат и хит групата меѓу младите охриѓани, а и меѓу повозрасните „Броз“ со фронтменот Владимир Сарафилоски и ансамблот „Билјана“.
И годинава актерката Марија Новак ќе ја одржи Театарската работилница со деца летувалци и деца од Трпејца и на сцена заедно ќе прикажат што научиле, а ќе биде отворена и изложба на дела од Втората интернационална колонија „Трпејца 2019“.
Традиционално ќе се одржи работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со уметникот Слободан Пупиноски и Вечерната променада „Со кајче по езерото“. Млади музичари ќе свират на виолина, гитара, флејта и хармоника а гостите од брегот, куќите и рестораните ќе можат да уживаат во нивната музичка изведба.
Во текот на деветте дена во Трпејца ќе се одржат и традиционалната Кајакарска регата „Номче Митрески“, излетот до Чоколско во соработка со НП „Галичица“ како и натпреварот „Фаќаме риба на јадица“.
Организатор на настанот е Здружението „За Трпејца со љубов“. Покрај покровителот Општина Охрид, манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и за прв пат од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.