
ЗАПОЧНА ТРЕТОТО ИЗДАНИЕ НА „ОХРИД ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ“
- август 23, 2025
- 0
Со етно-џез концерт на „Чалгија Саунд Систем“, вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ започна третото издание на „Охрид џез фестивал“ кој се организира под покровителство на Општина Охрид.
На свеченото отворање на фестивалот пред присутните се обрати Претседателот ја Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
–Драги љубители на музиката, Вечерва, Охрид дише поинаку. Дише со срцето на музиката, со душата на џезот, со трепетот на очекувањето. Вечерва jа отвораме третата страница од музичката приказна наречена ,,Охрид Џез фестивал”.
Џезот не е само звук. Тоа е емоција што не се објаснува, туку се чувствува. Џезот е музика на слободата и душата. Големиот Луис Армстронг рекол: „Џезот не е само музика, туку начин на живот, начин на чувствуваье, начин на постоење.” Ние вечерва сме тука за да го почувствуваме токму тоа – слободата на звукот, магијата на импровизациіата и силата на заедништвото.
Оваа година, од 22 до 24 август, имаме чест да уживаме во настапите на уметници кои не само што свират, туку и живеат преку музиката.
Како што ни порачува и нашиот Ацо Шопов: „Уметноста е глас на човекот што сака да остане човек.”, така џезот е токму тој глас – универзален, мокен и вечен.
Нека овие три фестивалски вечери бидат потсетник дека музиката нема граници и дека џезот значи слобода, но не можеш да ја научиш ако не знаеш што значи дисциплина.
Конески ни порача: ,,Јазикот е нашата татковина”, а вечерва, џезот станува јазикот што не познава граници — татковина на чувствата, на слободата, на заедништвото.
Нека оваа музика зборува таму каде што зборовите молчат, и нека ги обедини Охрид и Македонија во една заедничка симфонија на духот.
Со убава мисла, со радост и гордост го прогласувам третиот „Охрид Џез фестивал” за отворен. Ви посакувам незаборавни вечери исполнети со звук кој ќе остане да одекнува во душите на сите нас, истакна Божиновски во своето обраќање.
Во рамки на фестивалската програма, вечерва на истата сцена, со почеток во 20:30 часот ќе настапи познатиот македонски џез изведувач Павле Камилоски.
Влезот на концертот е бесплатен.