
Со богата културно уметничка програма што вечерва се одржа во ЦК „Григор Прличев“ Општина Охрид, Женскиот Центар „Бисера“ и фото клуб „Охрид“ го одбележаа 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената.
„Жени во фокусот“ беше изложбата на фотографии од 12 жени на Нина Ангелоска, а на настанот пригодно обраќање имаше Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски:
-Драги дами, прекрасни суштества без кои не може да се замисли овој Свет, верувајте ова е настан на кој е најтешко да се одржи говор да се најде збор со кој ќе се опише вашата суштина и лик. Вие сте идеален склоп на нежни, кревки и грациозни суштества од една и силни, непобедливи и горди лавици од друга страна. Нежни сопруги, пожартвувани мајки и силни личности кои најдобро се справуваат со сите животни предизвици.
Мајки , жени, тетки, баби…., кралици нека ви е честит 8-ми март – Меѓународниот ден на жената.
Ако вас ве немаше ќе ја немаше и суштината на овој Свет, не ќе постоеше човештвото и убавината што вие ја дарувате. Не случајно матријархатот преовладувал во старо време, а вербата во мајката Божја е доминантна и над се во што ние веруваме и го негуваме.
Чест ми е што присуствувам на отворањето на оваа изложба „Жени во фокусот“, преку вас 12 жени кои доаѓате од различни општествени сфери овој настан го посветуваме на сите припаднички на понежниот пол. Бројот 12 е само симболика. На вашите животни приказни се восхитуваме сите ние. Но секоја жена, домаќинка, работничка на машина, учителка или адвокат е подеднакво вреедна и ценета за сите нас.
„Вистинската убавина не е поврзана со бојата на вашата коса или бојата на вашите очи. Вистинската убавина е поврзана со вас и вие како човечко суштество, со вашите принципи и вашиот морален компас“ .
Секогаш наоѓајте причини за насмевки , а ние ќе се трудиме да создаваме поводи за тоа затоа што „Една жена чијашто насмевка е отворена, и чијшто израз е мил има убавина без разлика на тоа што облекла на себе“.
Бидете ни здрави радосни и секогаш среќни затоа што Светов без вас е невозможен– рече Божиноски.
Во рамки на случувањето се одржа и музичко – поетска вечер „Мевлем“, а учесници беа Марко Виденовиќ на пијано, Памела Велкова и Верица Ајтовска на виолина и Енис Аљи на виолончело.
Претходно Здружението на жени „Бисера“ со изложба од жени сликарки ја одбележа 30 годишнината од своето постоење, а беа доделени и благодарници на успешни жени. Во рамки на празнувањето беа изложени и слики „Фрагменти на таа што создава“ од Фото клуб – Охрид.