МЕЃУДРЖАВЕН СОСТАНОК ЗА НАЦРТ ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО СЛИВОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
- ноември 27, 2020
- 0
Денеска се одржа он-лајн состанок на членовите на Меѓудржавниот комитет за управување со сливот на Охридското Езеро и претставниците на GEF (Global Environment Facility) DRIN Project.
Со состанокот претседаваше градоначалникот Константин Георгиески, кој е актуелен претседател на Меѓудржавниот комитет за управување со сливот на Охридското Езеро. Главни теми на состанокот беа Нацрт-планот за управување со сливот на Охридското Езеро и проектните активности од проектот „Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во проширениот слив на реката Дрим“ кој е имплементиран од UNDP и Global Water Partnership со поддршка на GWP-Mediterranean (GWP-MED) и во соработка со UNECE.
Во рамки на состанокот беа посочени приоритетните мерки и беа потврдени стратешките определби на Меѓудржавниот комитет за управување со сливот на Охридското Езеро, во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО за зачувување на светското природно наследство во регионот на двете страни од езерото.
Меѓудржавниот комитет за управување со сливот на Охридското Езеро е формиран согласно со Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија и во него членуваат претставници на централните и локалните власти на двете земји како и претставници на невладиниот сектор.