
МЛАДИНСКИОТ ЦЕНТАР ОДБЕЛЕЖА ТРИ ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО
- октомври 15, 2025
- 0
Со пригодна свеченост денеска беа одбележани три години од отворањето на Младинскиот центар во Охрид. На настанот присуствуваа бројни гости и поддржувачи на центарот, кои биле дел од успешната работа во интерес на младите охриѓани.
На настанот свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
-Голема е честа и задоволството што денес, заедно со вас, одбележуваме три години од отворањето на Младинскиот центар во Охрид. Оваа пригодна свеченост е потврда дека кога се работи посветено и со визија, резултатите се видливи и долгорочни.
Младите луѓе се носители на идеи и иновации. Затоа, вложувањето во нивниот развој, создавањето услови за нивно активно учество и поддршка на нивните потреби е наша морална, и општествена одговорност.
Со отворањето на Младинскиот центар во 2022 година, направивме важен чекор за младите и за целата заедница. Покажавме дека Општина Охрид има волја и капацитет да ги стави младите во фокусот на своите политики.
Овој Центар прерасна во место каде што се креираат програми, активности, иницијативи посветени на младите луѓе. Низ изминативе три години, тука се одржаа низа настани, обуки, работилници и волонтерски акции, кои го збогатија личниот развој на младите.
Горди сме што Младинскиот центар стана простор каде што младите добиваат системска поддршка, преку неформално образование, информирање и советување.
Општина Охрид денес е препознаена како позитивен пример во државата, во делот на исполнување на своите обврски согласно Законот за младинско учество, но и за тоа што направи чекор понатаму, во креирање и имплементирање на конкретни мерки кои даваат вистинска поддршка за младите.
Покрај тоа, како дел од нашата посветеност на младинскиот систем, формирани се Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание, а изготвивме и Стратегија за млади, како своевиден патоказ кон иднината на младинската политика во Охрид.
Посакувам оваа годишнина да донесе нова енергија за остварување на нови цели. Нека Младинскиот центар продолжи да биде отворена врата за секој млад човек што сака да направи промена. Нека биде инспирација, за нови идеи, проекти и успешни генерации на млади лидери.
Упатувам искрена благодарност до сите кои придонесоа за оваа успешна приказна. Општина Охрид останува отворен партнер и поддржувач на секоја иницијатива што го унапредува младинскиот живот и создава позитивна промена. Продолжуваме понатаму да соработуваме и да ги поддржуваме младите.
Верувам дека заедно ќе одбележиме уште многу вакви годишнини и јубилиеи!, истакна Пецаков во своето обраќање.
Во рамки на настанот беше одржана и презентација на досега реализираните активности и проекти на Младинскиот центар, при што беа претставени клучните достигнувања во изминатите три години, како и дел од идните планови. Свеченоста беше збогатена и со музички настап на млади уметници.