Во рамки на социјално едукативната програма на овогодинешното издание на Ohrid Water Festival во текот на вчерашниот ден беа реализирани низа настани.

Дечињата на возраст од 8-12 години имаа можност да нуркаат со искусните нуркачи од нуркачкиот центар „Амфора“ во отворен базен пред хотелот „Палас“. Во такот на промотивниот час за нуркање, децата имаа обука преку која се запознаа со нуркањето и нуркачката опрема. Сите учесници на пробното нуркање беа опремени со модерна опрема прилагодена за нивната возраст во строго контролирани услови.

Исто така во организација на нуркачкиот центар вчеравечер беше отворена изложба под наслов „Подводниот свет на Охридското Езеро“ на која беа изложени фотографии снимени на различни локации во езерото.

Музичкиот дел од програмата вчеравечер беше посветен на најмладите кои заедно со своите родители уживаа во музичките композиции на фестивалот „Златно Славејче“ и концертот Disney приреден од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид. Покрај музичката забава за дечињата беа поставени и реквизити за забава, а беше организирана и анимација од магионичар.