
ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈОТ-150 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МЕТОДИ ПАТЧЕ
- мај 20, 2025
- 0
Со свечена академија и пригодна културна програма денеска во Охрид беше одбележан јубилејот-150 години од раѓањето на охридскиот револуционер Методи Патче.
На настанот кој се одржа во спомен куќата на „Христо Узунов“ пред присутните гости се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
– Овој меморијален центар е чувар на охридската револуционерна историја и во континуитет не потсетува на сите херои што го поклониле својот живот за слободата на Охрид и Македонија. Денеска, овде, сите заедно ќе имаме можност да ја слушнеме херојската приказна за еден од најистакнатите охридски револуционери, Методи Патче.
Неговото име се изговара со посебна гордост, тој е борец чие срце чукало во ритамот на слободарските идеали, кои се уште силно одекнуваат низ камените ѕидини на стариот град.
За нас е голема привилегија што како генерација имаме можност да организираме еден ваков настан, со кој се одбележува значаен јубилеј посветен на овој голем револуционер.
150 години не се само обична бројка, тие се век и пол сведоштво за раѓањето на искра што не згаснува. Методи Патче не е само историско име – тој беше гласот на неправдата и еден од оние што докажаа дека љубовта кон татковината се покажува со дела, а не со зборови. Тој беше меѓу оние охриѓани кои не ја чекаа слободата како подарок, туку ја извојуваа со вера, со визија и со волја.
Важно е да се спомене дека Методи Патче не беше сам во својата борба. Негов најзначаен соработник беше војводата Христо Узунов. Тие двајца заедно ја пишуваа илинденската историја на охридскиот крај со храброст и братска верност, рамо до рамо во тајните собири, комитети, во стратегиите и акциите. Нивната поврзаност е симбол на тоа како вистинската борба се темели врз доверба, пријателство и заедничка жртва за повисока цел.
Денес, додека ја одбележуваме оваа значајна годишнина, не славиме само едно херојско име, го славиме Охрид —како град на борбата и на достоинството,
Општина Охрид, во својата програма за култура, со особена почит и одговорност се грижи за историската меморија. Наша должност е да ги одбележуваме делата на сите оние што го вградија својот подвиг во темелите на нашата слобода и иднина.
Нека споменот за Методи Патче остане живо сведоштво во срцата на идните генерации. Да ги учиме младите дека хероите не исчезнуваат, туку живеат вечно доколку ги споменуваме и чествуваме. Нека е вечна славата на Методи Патче! Нека е вечен Охрид. Нека е вечна борбата за слобода и човечко достоинство. Нека е вечна Македонија! истакна Божиновски во своето обраќање.
Свеченоста беше збогатена со културно-уметничка програма. Од страна на учениците од ООУ „Ванчо Николески“ беше изведена драматизација на адаптирани историски факти: „Гласот на револуцијата“ од м-р. Михаил Патчев, а свои настапи имаа женскиот хор „Acordis“ и музички таленти од ОМУ „Методи Патче“.
Во рамки на свечената програма на Општина Охрид по повод 150 години од раѓањето на Методи Патче беше положено и свежо цвеќе пред неговиот споменик во градскиот парк. Цвеќе положи делегација на Општина Охрид, ОМУ „Методи Патче“, Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, претставници на фамилијата Патчеви, политички партии и здруженија на граѓани.