Денес  во зградата на локалната самоуправа се одржа  Конститутивната  седница на Советот на Општина Охрид. Со мнозинство гласови „ЗА“ за   Претседател на Советот беше избран Сашо Донев кој  е носител на советничката листа од   ВМРО- ДПМНЕ.

Донев е магистер по политички науки има долгогодишно политичко и работно  искуство,  а бил и директор на ЈП „Нискоградба“. Пред присутните на средбата Донев истакна дека е огромна честа да се биде претседател на Советот на Општина Охрид.

Чест ми е да се обратам како Претседател на Советот на Општина Охрид. Да им се заблагодарам на граѓаните на Охрид коишто  со својот глас ни  овозможија тука да ги претставуваме  нив, нивните интереси и да работиме на  решавање на нивните проблеми. Во оваа прилика се заблагодарувам на советниците и од власта и од опозицијата кои гласаа да бидам избран на оваа функција. Како Претседател на Советот максимално ќе се залагам за заедничко решавање на проблемите  со сите советници  без разлика  од која политичка партија  доаѓаат. Имаме многу проблеми и заеднички сите ќе треба да  работиме на нивно решавање. Тука ќе завршам со своето обраќање бидејќи и во време на изборната кампања и пред тоа зборувавме многу. Сега е време сето ветено или кажано со збор да го преточиме во дело – рече Претседателот Донев.

 

На Седницата беа  верификувани мандатите на 22-ца советници, а на уште еден мандатот  ќе му  биде верификуван на една од наредните седници кога тој ќе биде присутен.

Во Советот ВМРО ДПМНЕ има   десет советници, СДСМ  – осум,  ДУИ- двајца,   „Левица“  – еден ,   „Охрид пред се“ – еден советник и „Охрид има план Б“ – еден советник.