Сите сопственици на имот и други обврзници по основ на локални даноци и такси од денес своите обврски кон Општина Охрид ќе може да ги регулираат на најбрз и најекономичен начин преку новиот систем на електронска наплата. Со овој проект општината ја започнува ерата на дигитализација на своите услуги. На денешната средба со новинарите градоначалникот, Кирил Пецаков укажа на предностите од воведување е – данок и процесот на дигитализација на општинските услуги.
– Се обврзавме пред oхриѓани на поедноставување на процесите и излегување во пресрет на потребите на граѓаните. Тоа и го реализираме денес. Дигитализацијата на Општина Охрид е нужна потреба и во целиот мој мандат ќе зазема приоритетно место. Токму денеска, го промовираме едниот дел од дигитализацијата на Општина Охрид, а тоа е Е – Даноци.Ова значи дека почнувајќи од денес, сите сопственици на имот и други обврзници по основ на локални даноци и такси свои обврски кон Општина Охрид ќе може да ги регулираат на најбрз и најекономичен начин преку новиот систем за електронска наплата. Исто така, решенијата за комунална такса ќе се доставуваат исклучиво по електронски пат преку официјалните маил адреси на фирмите кои ги имаат доставено во Централен регистар. Она што е доста битно, овој зафат го реализиравме со минимални торошоци и максимални заштеди, приклучувајќи се помеѓу првите во Македонија на националната е-ЛСГ платформа, поставена во рамките на проектот „Дигитализација на услугите на локалната самоуправа“, имплементиран под покровителство на УНДП и ФИТР. Дигитализацијата на општинските услуги не застанува тука. Агендата за дигитализација на своите услуги ја продолжуваме со уште позасилено темпо. Во најбрз рок ќе стартува унапредувањето на општинскиот информационен систем со овозможување на електронско следење на сатусот на предметите од страна на граѓаните, како и амбициозниот проект за воведување на напреден виртуелен едношалтерски систем. Со преземените чекори, Општина Охрид ќе се етаблира како високо транспарентна и ефикасна администрација не само на нацинално ниво, туку и пошироко во регионот – подвлече Пецаков.
Даночните обврзници на Општина Охрид кои своите обврски сакаат да ги регулираат по електронски пат потребно е да се најават на edanoci.ohrid.gov.mk и бесплатно може да ги користат електронските услуги: Проверка на доспеан данок по основ на локален данок на имот; Проверка на данок по основ за комунална такса за фирма; Електронско плаќање на доспеаните локални даноци и комунални такси; Еден кориснички профил за сите локални даноци на име на корисникот; Плаќање со било која картичка од било каде 24 часа на ден.
Во наредниов период во процесот на дигитализација на услугите се очекува да се приклучат и општинските јавни претпријатија.