Со пригоден промотивен настан кој се одржа денеска, Општина Охрид се вклучи во проектот „Ослободи го умот од корупција“ кој го имплементира Здружението на граѓани -театар „Боеми“ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје и Министерството за локална самоуправа.
Пред присутните на настанот, се обрати претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
– Се работи за проект насочен кон борбата против корупцијата со вклучување и анимирање на бројни граѓански и професионални структури кои ќе бидат дел од мрежата „Развој“ чија цел ќе биде ефикасна борба против корупцијата, нејзино континуирано намалување и обезбедување демократски амбиент и востановување на систем за долгорочен развој на општеството.
За важноста на борбата против корупцијата говорат и податоците од еден од извештаите на UNODC една од специјализираните канцеларии на Обединетите нации, 10,8 отсто од граѓаните на возраст од 18 до 64 години биле изложени – директно или преку некој член на нивното семејство на искуство за поткуп на јавен службеник а со директно искуство за поткуп, процентот е 6,2 отсто. Податоците се алармантни и потврдуваат дека борбата против корупцијата, како голобален проблем мора да биде поефикасна, во неа да се вклучат сите релевантни општествени групи и постојано да се иновираат нови пристапи како што е овој проект, истакна Ангелоска во своето обраќање.
По презентацијата на проектот, во соработка со ЈП „ Охридски комуналец“, беше засадено дрво- јавор во дворот пред општинската зграда кое симболично ќе го носи името „Дрво на развојот“.
Проектот „Ослободи го умот од корупција“ е составен од интерактивна театарска претстава Хепи Хипо Шоу, документарен филм, истражување, научна студија и социјална мрежа за долгорочно суштинско надминување на корупцијата во нашата земја која ќе вклучува 2.100 учесници.