ОТВОРЕНО 59. ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ОХРИДСКО ЛЕТО”
- јули 13, 2019
- 0
Со спектакуларен концерт на мегапопуларната британска виолинистка Ванеска Меј, синоќа на Античкиот театар во Охрид, беше отворено 59-то издание на фестивалот ,,Охридско лето“. Оваа врвна светска музичка ѕвезда на сцената беше придружувана од уметниците на Македонската филхармонија и Националната опера и балет.
Фестивалот за отворен го прогласи, Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој истакна дека треба да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни културни традиции, тука, во Северна Македонија и да негуваме длабока почит и одговорност и за природата што ни е доверена на чување.
-Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го сочуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да направиме простор и за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други, а заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор, потенцираше Пендаровски.
Фестивалот „Охридско лето“, според министерот за култура Хусни Исмаили, покрај афирмацијата на светските вредности, дава силна поддршка и на домашната сцена која со секоја своја изведба потврдува дека е дел од европската перспектива на земјава и најсилното оружје кое лесно ги дофаќа европските височини.
-Денешните уметници исправени пред нови предизвици на современото време, гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – „уметноста е слобода“, истакна Исмаили.
Традиционалната уметничка порака на фестивалот, годинава ја сподели истакнатиот македонски режисер со европско реноме, Александар Поповски кој е селектор на драмската програма на фестивалот. Пораката беше посветена на големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски.
На отворањето на фестивалот покрај бројните гости присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, Премиерот Зпран Заев, министри на Владата, амбасадори и бројни јавни личности од Република Северна Македонија.
На овогодинешното издание на фестивалот кој ќе трае до 20 август ќе настапат реномирани музичари од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска, а во драмскиот дел, ќе има продукции од Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија, како и домашни претстави.