Синоќа во ЦК “Григор Прличев “ беше отворено 31-то издание на фестивалот „Охридски староградски средби“. На свеченоста се обрати претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.

 – Чувствувам задоволство што  имам чест  да се обратам на отворањето на  годинешното 31-во издание на „Охридските староградски средби “.  Градот кој се „капи“ во бистрите езерски води останува доследен на себе токму со одржувањето на овој фестивал затоа што преку него  ние се враќаме во дамнешно време, се потсетуваме на охридските чалгии и трубадури, на периодот кога саканата личност била “почестена “ со надалеку познатите охридски серенади. Вечерва над 130 учесници од повеќе познати староградски состави од Охрид, Штип, Богданци, Дебрца, Прилеп, Скопје Тетово и Гевгелија преку своите настапи ќе  го „доловат “ карактеристичниот мелос од својот град. Вечерва сите ние ќе уживаме во разноликоста на староградската песна во нашава земја    и со право ќе кажеме дека Охрид е културната историја на нашава татковина во мало.  Со вакви настани го заштитуваме  нашето културно богатство кое  недопрено од заборавот го предаваме на нашите поколенија.  Бројот на учесници на овој фестивал кој од година во година расте ни дава за право да кажеме дека нашите деца нема да ги оставиме без можноста да се запознаат со нашата изворна музика и песна.Во надеж и уверување дека и овогодинешното издание ќе го оправда стекнатиот квалитет , посакувам успешна  фестивалска ноќ , со надеж дека учесниците кои ни доаѓаат од други градови ќе „украдат“ доволно време за да прошетаат низ Охрид, градот на светлината кој живее крај најстарото езеро во Светот и кој претставува умешен склоп на традиционални и модерни вредности. На организаторите им благодарам за убавата   фестивалска ноќ што ни претстои со желба секое наредно издание да биде подобро и поуспешно од претходното- истакна  Ангелоска.

 

На фестивалот учествуваа уметници од неколку градови во државава. Организатор на настанот е ЦК „Григор Прличев“ од Охрид.