Со богата културно-уметничка програма  синоќа во охридското село Велгошти започнаа чествувањата по повод 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

2-ri-Avgust020824016– Во предвечерието на големиот празник Илинден се собравме тука во атарот на  ова прекрасно охридско село за да им оддадеме почит  и да се поклониме пред сите великани – учесници на двата илиндена во 1903-та и 1944 –та година на чии коски и крв се изгради и  воздигна  независна и современа  Македонија.

Слава ви,  наши синови и ќерки кои несебично со своите животи ја создадовте Крушевската Република, првата светлина по вековитиот ропски  мрак  која беше основа неколку десеттици лета подоцна на Првото заседание на  АСНОМ да се удрат темелите на  слободна и суверена Р. Македонија.

Илинден е најсветлиот ден во македонската историја, симбол на македонската борба за слобода и државност.  Ден кога  илинденците го  издигнаа факелот кој им го осветлуваше патот да ги постават  темелите на нашата татковина на кои  асномците ја изградија слободна Македонија.

Гласните  извици за слобода, маките и жртвите на  Гоце, Јане, Даме, Питу, Ченто довека не задолжија да ја чуваме слободата. Со својата борба и посветеност  овие великани длабоко не потсетуваат  дека основната наша водилка треба да е единството на сите граѓани кои Македонија ја нарекуваат свој дом, кои  живеат во оваа држава, го  формираат  своето семејство и кои на идните генерации ќе им ја пренесат светата визија  да  ја сочуваме оваа света земја Македонија што од пепел и крв ја  изградија  нашите претци.

Историјата покажала дека Недобронамерници  сме имале и ќе имаме, но како народ никогаш не  сме  отстапиле од своето, никогаш не сме се поколебале. Најважно е што народот ја негува самопочитта затоа што ако нејзе ја немавме „низ раце“ ќе испуштевме се што сме наследиле.   Ние точно знаеме  кои вредности ги имаме и каде природно припаѓаме. Имаме свој идентитет МКЕДОНСКИ, свој корен темел и куќа.

 Денес се соочуваме со сите предизвици што се испречуваат пред нас. Битката продолжува но за  подобра иднина, за повеќе работни места и инвестиции, болници и училишта, за подобар стандард за сите граѓани, за нашите деца, внуци и поколенија.

Слава им на сите синови и ќерки кои ги положија своите животи за нашата татковина- Вековита Македонија- подвлече градоначалникот Пецаков.

Веднаш потоа делегација од општината предводена од  градоначалникот и останати претставници од јавниот и политичкиот живот се поклонија пред спомен-обележјето на илинденците, а се одржа и културно-уметничка програма  со настап на учениците од ООУ „Живко Чинго“, танцовиот перформанс на МКЦ „Соната“ и настап на познатата македонска пијанистка Сања Зјделар.

Свеченостите за Илинден продолжуваат утре.