Денеска во Црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ започна меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ што се одржува по седми пат во организација на Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер“, а со поддршка на Општина Охрид.
Манифестацијата има за цел меѓународна промоција на поетската реч, македонскиот јазик и македонската литература , градот Охрид и Македонија.
На отворањето пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева – Силјановска.
– Ми причинува особено задоволство, што денес сум меѓу Вас на отворањето на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“ што се одржува по седми пат во организација на Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер“, а со поддршка на Општина Охрид. Ваквите настани значат промоција на поетската реч, македонскиот јазик и македонската литература, градот Охрид и Македонија на меѓународен план. Поезијата е мост меѓу луѓето и космосот. Таа постојано се менува и моделира, ја пееле, бардови, шамани и брамани и таа секогаш ја отсликува слободата на изразувањето и преобразувањето и токму затоа поетските супстрати лесно ги насетуваме и во другите книжевни и уметнички облици. Поезијата е таа која не носи во други Светови, ни помага да „нурнеме“ во своите соништа да ги оствариме замислените желби. Таа веројатно е подолгорочна од времето затоа што постоела во минатото, сегашноста и иднината. Ликовите во една песна се вечни, а со тоа и нивниот создавач, авторот. Поетските гласови чекаат да оддекнат во нашите интимни простори, а поетските слики – да бидат изложени во нашите внатрешни галерии. Читајќи и пишувајќи песни, преведувајќи и толкувајќи поетски текстови, пеејќи и рецитирајќи, секој ден ние сме поддржувачи на вакви настани. На крај посакувам сите вие присутни да имате убав ден, плодна дискусија, гостите нека ги доловат сите убавини од древниот Охрид и нека ги преточат во поетска реч која е вечна како и нашиот убав град. На организаторите им посакувам да реализираат вакви поетски изданија и во годините што се пред нас а, кои ќе бидат поддржувани од Општина Охрид – подвлече Тодева – Силјановска.
Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ е дел од културните манифестации во Програмата за активностите на Општина Охрид во областа на културата за 2022 година.