ОХРИД ДОМАЌИН НА МЕЃУНАРОДЕН АРХЕОЛОШКИ СИМПОЗИУМ
- мај 25, 2022
- 0
Вечерва во катедралната црква Св. Софија во Охрид свечено беше отворена меѓународната археолошка конференција „ The Mechanism of Power“.
Настанот е од светски карактер, на него ќе учествуваат 50 археолози од Централна Европа и ќе трае до 29 мај.
Конференцијата е во организација на Институтот OREA од Виена- Австрија, Институтот за праисториска и рано средновековна археологија и археологија на римските провинции и институтот „Лудвиг Максимилијан“ од Минхен Германија, Институтот за класична археологија на универзитетот Чарлс во Прага и НУ „Археолошки музеј“на Македонија. Случувањето е поддржано од Општина Охрид, а пред присутните се обрати советничката во градскиот Совет, Ана Крстеска.
-Почитувани организатори и учесници на третата по ред Меѓународна археолошка конференција, почитувани гости дами и господа.
Дозволете ми на почетокот како претставник од Локалната власт, да ве поздравам и да ви посакам успешна работа и пријатен престој во Охрид.
Ми причинува особена чест и задоволство што организаторите кои доаѓаат од најеминентните археолошки институти и универзитети од Австрија, Германија и Чешка одлучиле ова реномирано меѓународно случување да се одржува во Охрид, градот кој заедно со Охридското Езеро, како ретко и светски важно културно наследство е под заштита на УНЕСКО.
Импресивен е бројот на учесниците и изборот на темите на овој конгрес и гордо можам да кажам дека деновиве Охрид е домаќин на европската арехолошка елита која ќе го презентира археолошкото наследство како едно од основите на оддржливиот развој и може да биде корисен инструмент за поттикнување на меѓу културниот дијалог и поттикнување на општествената кохезија како и обликување на државниот идентитет. Јас се надевам дека во неколкудневните работни сесии ќе успеете да се запознаете со археолошките предмети кои имаат непроценлива вредност за нашата земја, даваат белег за нашата култура, неуморно го конзервираат нашето минато и на најубав можен начин ја афирмираат нашава држава.
Овде во Охрид , на секој чекор може да се почувствува чудесниот спој на остатоците на цивилизациите и природните реткости, амбиент кој континуирано опстојува 7 илјади години. Во Охрид по разни поводи доаѓале трагачи по реткости и добронамерници, уметници и научници. Сите биле добредојдени и го пронашле тоа што го бараат и заминувале со многу инспиративни спомени кои ги терале повторно да се вратат и да ги почувствуваат убавините, спокојот и духот на овој древен македонски град кој е најпознатиот културен и туристички бренд во регионов и пошироко.
Затоа топло ви препорачувам покрај работниот дел издвојте време од денот за да се запознаете со убавините, културата и историјата на древниот Охрид и јас сум сигурна дека повторно ќе посакате да дојдете кај нас- подвлече Крстеска.
На годинешното издание на меѓународниот археолошки симпозиум му претходеа две изданија.