ОХРИД ДОМАЌИН НА РАБОТИЛНИЦА ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ ОРГАНИЗИРАНА ОД УНЕСКО
- октомври 17, 2022
- 0
Од денеска до 21-ви октомври Охрид ќе биде домаќин на работилница од проектот „Градење климатски отпорна иднина: развој на капацитети за адаптација на климатските промени и управување со ризици од катастрофи во избрани локалитети назначени од УНЕСКО на Југоисточна Европа“.
Работилницата е организирана од страна на Регионалното биро за наука и култура од Европа во соработка со Националната комисија за УНЕСКО од Македонија и на неа ќе учествуваат експерти за климатски промени, заштита, промоција на Биосферни резервати и локалитети на светско наследство.
На воведната сесија од работилницата пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Ми претставува особено задоволство што имам можност да Ве поздравам и да Ви посакам срдечно добредојде во Охрид. Почестени сме што токму нашиот град е избран да биде домаќин на оваа работилница, која се организира во рамките на еден значаен проект, посветен на развојот на капацитети за адаптација на климатските промени и управување со ризици од катастрофи во Југоисточна Европа.
Охридскиот регион поседува непроценливо природно и културно богатство, кое повеќе од 40 години е под закрила на УНЕСКО. Навистина е голема привилегијата да се поседува една ваква уникатна убавина, која е препознаена и запишана како светско наследство, па токму затоа наша должност и обврска е да ги сочуваме овие вредности и да ги оставиме како аманет за идните генерации.
Охрид отсекогаш бил и ќе остане космополитски центар на Балканот, па затоа верувам дека и сега ќе биде појдовна точка за нови видици на полето за заштита од климатските промени. Ова работилница е една извонредна шанса, сите пет региони кои се опфатени во овој проект да воспостават регионално сојузништво и преку заедничка соработка да покажеме дека поседуваме зрелост и способност да ги преземеме сите потребни чекори и да креираме мерки со кои ќе обезбедиме зачувување на светското наследство на долг рок.
Потврдените заклучоци, кои ќе произлезат од оваа средба и сите научни показатели, ќе овозможат спроведување на нови, рационални и прифатливи решенија. Се надевам дека и во иднина заедно ќе ги детектираме сите климатски промени и природни опасности кои влијаат или ќе можат да влијаат врз заштитените вредности. Очекувам заедно да работиме на подобрување на капацитетите за ефикасност и подготвеност за итни случаи околу управувањето со културните богатства и биосферните резервати.
Општина Охрид и јас како градоначалник секогаш ќе бидеме подготвени да поддржиме и да бидеме вклучени во вакви проекти, кои се посветени на ваква тематика и се во насока на заштита и зачувување на светското богатство кое го поседуваме, истакна градоначалникот Пецаков.
На настанот свое обраќање имаа заменик министерот за животна средина, Христина Оџаклиевска и Татјана Краљевска, Генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО.
Проектот има за цел да придонесе за поголема заштита на регионот на Југоисточна Европа и да овозможи поголема отпорност на климатските промени. Освен Македонија, во имплементација на проектот се вклучени и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.