Со свеченост псветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“ денеска во центарот за култура започна традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.
Андреј Ал Асади со поемата „Никогаш пред ил потем“ објавена под шифра „Хидаспес“ е добитник на високото признание Повелба за 2024 година.
На свеченоста во име на градоначалникот Кирил Пецаков се обрати Заменик градоначалникот на Охрид, Ана Крстеска:
– Исклучително горди и поносни како Прличеви поколенија по кој знае кој пат се собравме да ја одбележиме годишнината од смртта на најголемиот македонски книжевник и преродбеник кој со величенствените „Сердарот“ и „Скендербег“ стана народен трибун за национална самосвест и културно самоидентификување. Сам по себе охриѓанецот Григор беше едно „големо време“ во кое се постави максимата дека „само со просветение се добива спасение“.Со своите величествени поетски творби оваа најмаркантна фигура во македонската книжевност и литература не направи толку големи во светски рамки што и најубавиот израз или збор станаа сувишни и мали за неговиот величествен лик.
Оваа средба посветена на големиот Григор Прличев кој за поемата „Сердарот“ во стара Атина пред очите на светската јавност беше окитен со Ловоров венец е само можност јавно да ветиме дека продолжуваме по патот што тој ни го осветли жестоко спротиставувајќи се на сите оние кои во тие бурни времиња сакаа да и наштетат на Македонија. Следбениците и современиците на Прличев велат дека тој е најгоростасна преродбеничка фигура, со дело кое се рангира на врвот на светската литература. Нашата култура ќе беше посиромашна без „Сердарот“ и „Скендербег“, но и без досегашните и идните поеми на учесниците на конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“
Дипломираниот економист младиот, а сериозен по поетска реч Андреј Ал-Асади, е добитник на Повелбата за најдобра поема за 2024 година. Комисијата за доделување на наградата “Григор Прличев” едногласно одлучи да ја прогласи неговата поема “Никогаш пред ил’ потем” под шифра “Хидаспес”, за најдобра.
На годинешниот лауреат на наградата „Григор Прличев“ му го честитам ова високо признание и му посакам многу творечка енергија и нови книжевни рожби.
Ал-Асади е добитник и на многу други меѓународни награди и признанија за напишаната поетска реч, а негови песни се преведени на англиски, арапски, српски, хрватски, босански, грчки и на италијански јазик. Наградата е достоинствен и високовреднуван дел од современата македонска книжевност.
Прифаќајќи го сето она што Прличев ни го оставил како свет завет денес ја продолжуваме неговата мисија докажувајќи дека со знаење невозможното станува возможно, а недостапното достапно. Секое време носи нов Прличев и нова поема со суштински пораки за современиот Свет. На таков начин сите ние докажуваме дека чекориме по Прличевите стапки создавајќи посреќна сегашност и иднина за Охрид и Македонија кои се негови „….и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб…..“
Оваа средба е можност гласно да ветиме дека ќе ја продолжиме Прличевата традиција и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Македонија, подвлече Крстеска.
На настанот се обрати и претставник од центарот за култура, а беше претставена и артистички изведена и поемата по што следеше и обраќање на лауреатот Ал-Асади.
Свеченостите за Прличевите беседи се во организација на Општина Охрид, Националните установи, Центар за култура и Библиотека „Григор Прличев“, Охридскиот Завод и музеј и Друштво на писатели на Македонија.Претходно во Центарот за култура беше отворена изложбата на ликовни дела во сопственост на институцијата, а настапи и нивниот хор.
Чествувањата посветени на Прличев продолжуваат утре.