ПОЗНАТИ ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА И ПОВЕЛБАТА „ПАТРОН НА ГРАДОТ- СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
- декември 3, 2019
- 0
Највисокото општинско признание „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2019 година, постхумно му се доделува на прерано починатиот градоначалник Проф. д-р Јован Стојаноски. Решението за доделувањето на наградата, за која имаше пет апликации, го донесе градоначалникот Константин Георгиески на предлог на Стручната комисија за доделување на општински награди и признанија. Во образложението, покрај другото стои дека со постхумното доделување на највисокото општинско признание, наградата „Патронот на градот- Св. Климент Охридски“ , на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски му се оддава должна почит и заслужено место во современата историја на Охрид.
Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на општина Охрид од пристигнатите осум апликации и еден предлог на комисијата, додели две повелби „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ .
Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ „Кочо Рацин“ доби Повелба за остварувања во образованието, како наставник, едукатор, креатор на иновативни идеи и реализатор на повеќе проекти со меѓународна верификација.
Планинарската спасителна служба Повелбата ја доби за успешното етапно реализирање на трансграничниот проект за спасување на планина, со што видно придонесува во збогатувањето на туристичката понуда и безбедно одвивање на разните активности, пред се на планината Галичица.
Наградата и повелбата „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ ќе бидат врачени на Свечената академија, што во рамките на одбележувањето на патрониот празник на Охрид ќе се одржи на 7 Декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот.