ПРЕКРАСЕН КОНЦЕРТ НА ИСТАКНАТИОТ ПИЈАНИСТ АЛЕКСАНДАР ЈАКОВЛЕВ
- јуни 22, 2022
- 0
Прекрасно музичко доживување приреди истакнатиот пијанист Алекандар Јаковлев на специјалниот концерт кој се одржа вчеравечер во црквата „Света Софија“ како дел од програмата за одбележување на 21-ви јуни – Денот на Охридското Езеро.
Пред почетокот на концертот, во името на локалната самоуправа, присутните ги поздрави советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева Силјановска.
– Охридското Езеро е нашиот најубав дар од Бога, а нашиот најголем благослов е привилегијата да уживаме во уникатните природни убавини, на кои се воодушевува целиот Свет.
Денес е денот кога гордо можеме да кажеме дека и ние ќе бидеме дел од неколку милениумската историја најстарото природно езеро во Европа и дека ќе направиме се што е во наша моќ, за да го заштитиме и да го сочуваме за идните поколенија.
На наше големо задоволство, годинава имавме една поинаква прослава по повод денот на езерото, која финишира со прекрасен концерт на врвниот уметник Александар Јоковлев, во овој неповторлив амбиент на црквата „Света Софија“.
Нека е честит и вековит 21-ви јуни Денот на Охридското Езеро, нека е вечно езерото и нашиот Охрид, рече меѓудругото Тодева Силјановска во своето обраќање.
Љубителите на музиката имаа можност да уживаат во маестрални изведби на композиции од Јоханес Брамс, Фредерик Шопен, Петар Илич Чајковски и Игор Стравински.
Пијанистот Александар Јаковлев е добитник на околу 30 први награди и повеќе од 50 награди на меѓународни натпревари, а има настапувано на сцените во повеќе земји ширум Светот. Дипломирал на Државниот конзерваториум во Ростов, каде што завршил и постдипломски стидуи. Во 2006 година победник е на натпреварот Шопен во Рим. Тој редовно учествува на музички фестивали како што се „Големите мајстори на Сарагоса“ во Шпанија, фестивалот на пијанистот Артуро Бенедети Микеланџели во Италија, „Мај фест“ во Шкотска и „Лицата на современиот пијанизам“ во Санкт Петербург.