‎„Охридска урбана иконографија“ е насловот на последната книга на Викторија Поп-Стефанија, која посхумно беше промовирана вчеравечер во куќата на Уранија во Охрид. 

‎За книгата, која е во издание на Општина Охрид и за значајниот опус на авторката пред присутните зборуваше Ана Крстеска, заменик градоначалник.

– Урбаната иконографија го покажува идентитетот на градот како духовен, културен и туристички центар, каде традицијата и современоста постојано коегзистираат. Таа не е само естетика, туку начин на комуникација, израз на вредности и инспирација.
‎Секој камен, секој уметнички детал што го поставуваме денес е дел од наследството што ќе го оставиме за идните генерации.

Почитувани академици, ценети професори, драги гости, дами и господа,
‎Чувствувам посебна гордост и привилегија што денеска сум тука, на овој исклучително значаен настан за промоцијата на книгата „Охридска урбана иконографија“, импозатно дело на нашата реномирана архитектка Викторија Поп-Стефанија.
‎Оваа книга, иако е објавена посхумно, ќе остави траен белег во историјата на Охрид.
‎Заминувањето на Викторија Поп Стефанија е загуба за сите нас, но наследството што го остави ќе продолжи да живее во секоја страница од оваа книга, како и во сите нејзини проекти кои зборуваат за талентот и љубовта кон архитектурата и културната историја.
‎Општина Охрид со голема чест се потпишува како издавач на ова дело со цел да ја продолжи истражувачката работа и да ги истакне достигнувањата на нашите врвни експерти.
‎Со своите 200 страници и неколку поглавја, ова издание длабоко ги анализира сите аспекти на урбаното наследство на Охрид, следејќи ги историските промени и периоди кои се одразуваат на архитектонската сцена. Овој труд, претставува врв на теоретската и практичната истражувачка работа која им помага на идните генерации да го разберат и ценат културното и архитектонското богатство на нашиот град.
‎Би сакала да упатам благодарност до сите оние кои беа вклучени во неговото создавање. Најголема благодарност, секако, упатуваме до семејството на Викторија Поп-Стефанија, кои не удоистоија со нивното присуство.

‎Почитувани, во пословот на оваа вредно издание е напишано следново: „Охридскиот природен простор како дел од величествената Божја творба, со својата универзална убавина, откривајќи ја премудроста на Творецот, ни ја откри и вечната вистина за создавањето на светот како Божји дом……

И ако еден ден не ќе има луѓе кои ќе проговорат за создавањето на вечните вредности во охридската урбана иконографија, за нив ќе проговорат фрагментарните остатоци од храмовите, од уникатните просторни креации на охридските куќи, од камените столбови и плочи, мозаици, фрески, икони, бидејќи името Божјо е исписано и во сите храмови и во сите домови на благочестивите христијани.“
‎Со овој цитат ќе го завршам ова мое обраќање до вас, со надеж дека ние како генерација ќе продолжиме достојно да го чуваме историското и културното наследство на Охрид и ќе го оставиме како аманет на идните поколенија.

‎Нека се множат вакви вредни книжевни дела! Нека е вечен споменот и славата на Викторија Поп-Стефанија!, истакна Крстеска во своето обраќање.

Свои излагања посветени на ова значајно книжевно дело имаа и академик Вера Битракова Грозданова, промоторот проф.д-р Иван Додовски и рецеnзентот проф.д-р Елизабета Шелева.


‎Настанот беше збогатен со настап на уметниците Љупчо Аслимоски- пијано и Кирил Белистојаноски – виолина.


‎Книгата „Охридска урбана иконографија“ е објавена во тираж од 150 примероци. Главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски, рецизент е Елизабета Шелева, јазичната редакција е на Даниела Угриноска, а техничкото уредување на Дамјан Поп Стефанија.