
СВЕЧЕНО ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА НАЈДОБРИТЕ ОСНОВЦИ И СРЕДНОШКОЛЦИ ОД ОХРИД
- мај 24, 2025
- 0
- Категорија:
Како дел од свечената програма за чествување на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, претпладнево пред споменикот на Кирил и Методиј на Охридскиот кеј се одржа пригоден настан на кој беа доделени награди на охридските ученици, кои оствариле високи резултати на државни и регионални натпревари.
Пред бројните ученици, родители, наставници и делегации, свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.
– Поради името што го носам, 24-ти мај секогаш сум го доживувал како мој личен празник, како мој важен дaтум. Но денес, кога стојам тука, пред споменикот на нашите светители, тоа чувството е уште посилно и повозвишено.
Денес, тоа чувство се преточува во гордост и чест, затоа што на ваков достоинствен начин го прославуваме празникот на писменоста, словото и љубовта кон знаењето.
Почитувани охриѓани, ценети наставници, драги ученици, уважени гости
Светите браќа Кирил и Методиј, апостолите на словенството, ги втемелија корените на писменоста и културата на нашиот народ. Затоa, со длабока благодарност и исконска почит, се поклонуваме пред нивното дело – дело што не е само духовен патоказ, туку и столб на нашиот идентитет.
Благодарение на љубовта која ја имале кон нашиот род, ни подариле глас во црквата, име меѓу народите и светлина во душите.
„Ги прославувам тие што ни го оставија словото, со кое ја запишавме поуката на Светото Писмо и ја пееме славата Божја на нашиот јазик. Нема поголем дар од оној што ни го дадоа – писменоста, преку која го познавме законот и го запишавме вечниот живот.“
Овој цитат на нивниот ученик Свети Климент Охридски нека одекне силно и нека биде наш мотив да продолжиме да чекориме на вистинскиот пат и да го чуваме и вреднуваме името на светите браќа, како најголем аманет.
Тоа е особено важно, затоа што се уште се соочуваме со предизвици околу нашето историско право и се уште е актуелна борбата за одбрана на нашиот национален идентитет, на нашата историја, култура и традиција.
Мисијата на овие први учители е порта кон нашето спознавање, а нивното дело ни докажува дека не сме случаен народ. Ние сме народ со своја азбука, свој јазик, своја духовност– народ што говори со срце и пишува со душа.
Почитувани,
Охрид како древен град, скапоцен бисер и тврдина на словенската писменост, со посебно внимание го чува споменот на Светите Кирил и Методиј. Тука нивното дело доби живот, во секој камен, во секоја буква, во секое писание. Тука се создадоа првите училишта, се напишаа првите книги, се изградија храмовите на македонската културна и духовна судбина.
Токму затоа, денес, со огромна пофалба, им оддаваме признание на нашите најуспешни ученици – младите охридски надежи, кои со својот труд и талент се вистинска гордост за сите нас.
Драги деца, вие се продолжувачи на светата мисла. Вие сте идните чувари на знаењето и на вистината. Учете, истржувајте, сонувајте и продолжете да бидете свои на своето. Вие сте лицето на Охрид и современа Македонија – образована, достоинствена и самобитна.
Општина Охрид секогаш ќе стои на страната на образованието. Ќе вложуваме уште повеќе, ќе ги поддржуваме учениците, наставници и институции – затоа што иднината на еден народ се гради врз просветата.
Нека живее делото на Кирил и Методиј! Нека е за многу години! Нека е вечен Охрид нека е вечна Македонија! Ви благодарам!
На настанот, беа доделени вкупно 357 признанија на ученици од сите основни и средни училишта од Општина Охрид кои освоиле 1-во,2-ро,3-то место на официјални натпревари, по повеќе наставни предмети.
Во рамки на чествувањата по повод празникот во ЦК „Кирил и Методиј“ во населба Кошишта се одржа панихида и фолклорен концерт, а на плоштадот Свети Климент Охридски се одржа Фестивалот за поезија за деца „Стихувалки“.