СЕ ГРАДИ НОВА СПОРТСКА САЛА ВО ООУ „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“ ВО ЛЕСКОЕЦ
- јули 15, 2024
- 0
- Категорија:
Градоначалникот Кирил Пецаков и претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска официјално го означија почетокот на изградбата на новата спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец.
Според градоначалникот Пецаков со оваа инвестиција значително ќе се подобрат условите за спортување во ова населено место.
– Ова е проект кој е ветуван триесетина години и конечно излезе на виделина. Со неговата реализација ќе добиеме модерен спортски комплекс, затоа што на ова ќе се надоградат уште неколку инвестиции, меѓутоа започнуваме со спортската сала, каде што не само учениците и жителите ќе можат да уживаат и да се рекреираат, изјави градоначалникот Пецаков.
Премиерот Мицкоски изрази големо задоволство од реализацијата на овој проект и упати благодарност до градоначалникот и сите оние кои се вклучени во неговата реализација.
– Чест и задоволство е да се направи нешто ново и да се започне нешто ново посебно кога знаете дека тоа кое што го почнувате ќе значи подобри услови за работа, подобри услови за растење на тие дечиња кои што во ова основно училиште, овде го поминуваат оној прв образовен дел од својот живот. Заедно со градоначалникот, заедно со општината, заедно со надлежните во Владата, заедно со пратениците од овој регион и заедно со охриѓани го започнуваме овој проект, кој што многу значи. Јас сум навистина горд и среќен што сум дел од овој почеток, истакна премиерот Мицкоски.
Современиот спортски објект во селото Лескоец ќе се протега на 592 м2 и вклучува повеќенаменско спортско игралиште, тоалети и соблекувални. Димензиите на игралиштето ќе бидат 37х16 метри, што во целост ги задоволува потребите на учениците од училиштето. Вредноста на оваа инвестиција е околу 30 милиони денари, од кои 20 милиони се обезбедени од државниот буџет, а 10 милиони денари од буџетот на Општина Охрид.