Синоќа со свечена академија во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одбележа 8 декември, празникот на Свети Климент Охридски – Патрон на градот. Пред бројните сограѓани и гости, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Почитувани присутни. Вечерва го славиме Свети Климент Охридски, нашиот заштитник, светител и првоучител чија дејност и мисла лежи во темелите на постоењето и на културната доблест на македонскиот народ. И по повеќе од 11 века, делото, мислата и поуките на нашиот светител, имаат ист сјај со кој ни го осветлува патот кон иднината, а тоа е беспрекорно морално однесување, крајна човечка доследност, издржливост и исполнителност и беспоговорна чистота на замислата и творбата.
Свети Климент е првиот словенски епископ, создавач на кирилицата и основач на првиот словенски универзитет во Охрид, во кој обучил 3.500 ученици да ја шират верата и просветата. Заедно со Свети Наум, ги основале првите словенски манастири како културни и животни центри. Напоредно со величенственото дело, импозантно е неговото лично беспрекорно однесување. Свети Климент бил одличен организатор, плодотворен творец, беседник и писател, силен педагог. Имал извонредно чувство за должноста, се грижел за луѓето, а неговата љубов за Охрид е ненадмината, над кого воспоставил Божји благослов, кој го чувствуваме и денес. Свети Климент не е само најумниот и најдобриот од сите нас, ами според временската линија, според делото, доблеста и угледот и влијанието врз нашиот развиток, тој е првата личност кај македонскиот народ. Тој е првиот и најдобар етичар во нашата култура. Неговите философско –теолошки расправи и беседи за целите на Бога, за смислата на Христовото дејстување, за идејата на човековиот престој на земјата, имаат морална нишка која е актуелна и ден денес и го сврстуваат во редот на најспособните христијански беседници, светите Јован Златоуст и Василиј Велики. Како водач на својот народ, Свети Климент не подучува дкеа „нема ништо полошо од морална несвесност, нема спасение од моралната пропаст бидејќи неморалноста е спротивна на човечноста“. Затоа благодарноста на Свети Климент кон својот учител, Свети Кирил, не е само за описменувањето „кое му го избркало неразумното слепило од очите“ туку и за моралните поуки „кои му го разгонија слепилото на срцето“. За Свети Климент правилниот живот се води како единство на мудроста и етичноста. За да се опстане на тој пат, Свети Климент јасно и недвосмислено ни ја дава најважната поука и порака : ТРГАЈ СЕ ОД ЗЛОТО И ПРАВИ ДОБРО – што претставува наш македонски категорички императив.
Почитувани, Деновиве звукот на камбаната од Плаошник празнично бие, за да не потсети на едно дамнешно време, кога нашиот Свети Климент ги просветувал и просветлувал луѓето и бил нашата најчиста поврзаност со Бога. Ние охриѓани, веруваме дека и денес Свети Климент се уште со фенер во рацете шета низ Охрид и го чува нашиот град и сите нас.Та затоа како народ треба да бидеме вечни чувари на Свети Климентовото дело и како што не учи нашиот светител „Да го прославуваме Господа наш со добри дела и да се надминуваме еден со друг со добрина“.
Нека ни е честит и вековит Светиклиментовиот ден – истакна во своето обраќање Пецаков.
Највисокото општинско признание, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“ му беше врачена на проф. д-р Павле Митрески, долгогодишен научник и истражувач на историското минато на Охрид и Македонија. Искрено заблагодарувајќи се за високото признание,во своето обраќање професорот Митрески се осврна на својот научен опус, споменувајќи ги своите научни истражувања за Христо Узунов и Михајло Пупин, а како посебен момент го истакна:
– Во мојата работа покрај другото имам и податок, многу вреден за мене, кој се однесува на Спаса Вишенска, монахиња и нејзиниот брат Спасе од Вишни да ги прогласиме за светци. Благодарение на охридското и македонското свештенство успеавме годинава да бидат прогласени. Тоа е голема работа не само за овој крај, туку и за цела Македонија.
Добитници на повелбата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“ се клубот за подводни дејности „Охрид“ и здружението на граѓани „Независна аматерска театарска група Аматер, односно Културолошка иницијатива 5 до 12“
Во името на Општинското средно училиште што го носи името на светецот, кратко обраќање имаше директорката Светлана Велкоска. Чествувањето продолжи со прекрасен музичко сценски перфоманс на децата од училиштето, рецитал на бардот на македонското глумиште Петре Темелкоски и настап на поп ѕвездата Влатко Лозаноски.