ТРИАТЛОН ВИКЕНД ВО ОХРИД
- јули 4, 2019
- 0
Над 300 учесници од 20 европски земји ќе бидат дел од Европскиот јуниорски куп во триатлон и Националното првенство во триатлон, кои ќе се одржат во Охрид на 6-ти и 7-ми јули 2019 година.
Оваа спортска манифестација е во организација на Македонската триатлон федерација и асоцијацијата „Спорт за сите – сите за спорт“ со поддршка на Општина Охрид.
–Со организацијата на ваквите спортски манифестации, Охрид испраќа една силна порака за поголема афирмација и промоција на спортот и здравите навики. Очекуваме овогодинешното издание на триатлон викендот, да донесе вистинско спортско доживување за сите учесници и дека ќе биде интересно искуство за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката.
Се надеваме дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид.
На сите учесници на триатлон викендот им посакуваме пријатни временски услови, успешен натпревар и одлични резултати, истакна Секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски.
Во целокупната организација на триатлон викендот, се вклучени над 50 волонтери, а околу 30 лица ќе бидат задолжени за техничката организација. За здравјето на учесниците во натпреварите ќе бидат ангажирани медицински тимови и спасувачи на вода, кои ќе бидат координирани од страна на охридскиот Црвен Крст.
За време на одржувањето на натпреварите, во соработка со СВР Охрид, во недела на 7-ми јули, ќе биде организиран посебен сообраќаен режим од 7:30 до 16:30 часот, на потегот од кружниот тек пред СРЦ „Билјанини Извори“ до кружниот тек кон потегот на Горица 2.