„Борбата против врсничкото насилство  и агресивното однесување меѓу најмладите мора да биде поефикасна. Таа  мора да почнува од секој родител, дом и од секоја општествено одговорна асоцијација, институција или здружение“, ова беше заклучено на дебатата „Црвен картон за врсничкото насилство“ што ја организира Интернационалната полициска асоцијација- ИПА Охрид со поддршка на Локалната Власт.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски се заблагодари на организаторите на настанот укажувајжи дека Општината секогаш ќе има слух и активно во рамки на своите надлежности ќе се вклучува во решавање на овој проблем.

– Врсничкото насилство е проблем пред кој не смее да затвораме очи или да го игнорираме.  Големиот број на инволвирани институции доволно кажува за сериозноста на проблемот и сите треба да учествуваме во негово решавање, а не игнорирање. Општината дава максимална поддршка во се што е во насока на правилен раст и развој на нашите деца– рече Божиноски.

Претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски  со конкретни примери и бројки учажа на постоење на насилство и агресивно однесување  од и кон младите охриѓанчиња што е исклучително загрижувачки факт.

– Борбата против врсничкото насилство и агресивно однесување меѓу најмладите , треба да ја водиме сите заедно, заради намалување на сите манифестации на насилство помеѓу учениците  како крајно штетни и опасни појави  кај младите но и да покажеме цврста определба, дека лично и институционално, енергично и бескомпромисно  ќе ја водиме и навремено и законски ќе реагираме во сите случаи  на агресивно и насилничко однесување помеѓу младите но и кон младите, што претставува голем, личен, семеен и општествен проблем- подвлече Димоски.

Предавач на трибината „Црвен картон за врсничкото насилство“ беше  академик Љупчо Кеверески кој зборуваше на тема Емпатија и ЕМПАТИПЛУС-СР,  како нов модел за превенција на врсничкото насилство

– Најчесто кај нас проблемот со насилството од и над младите е резултат на задоцнети интервенции, превенција после интервенција, психолошко „маскирање“, институционална дефокусираност, институционални „парадокси“, пат на психолошкиот имунитет на младите, ерозија на емпатија – посочи Кеверески

На настанот  покрај Претседателот на Советот на Општина Охрид присуствуваа и активни и пензионирани полициски службеници, претставници од Општинскиот Совет за превенција на детско претстапништво, претставници на образовни центри од Охрид и Струга, судско – обвинителски инстанци, адвокати за малолетници од Центарот за социјални Работи и други институции од Охрид и Струга.